Објектот е изграден во градот Кулпепер во Вирџинија во 1969-та и е со површина од 12.500 метри квадратни. Официјално објектот се води како Центар за комуникации и евиденција на Федералните Резерви и во 70-те во него се сметени 4 милијарди долари во готовина, кои би требале да помогнат за враќање на редовниот живот во земјата.
Засолништето е предвидено во случај на нуклеарна војна со Советскиот сојуз, и во таков случај одреден број вработени на Федералните резерви имале инструкции заедно со своите семејства да заминат во објектот во Кулперер.
Освен парите во објектот има и (во тоа време) најсовремена компјутерска мрежа што ги поврзува сите банки во земјата и им дозволува да тргуваат меѓу себе и со пари исто како и пред нуклеарната војна.
Засолништето од 6 милиони долари (во пари од 1969-та, денес би чинело 38 милиони) има сопствен систем за филтрирање на воздухот, генератори за струја, 1-месечна резерва на сува храна за 400 луѓе, меѓутоа само 200 кревети (замислата на архитектот е дека "цимерите" ќе спијат во креветите на смени), полигон за пукање, хелипад и замрзнувач во кој би се чувале починатите се додека нема да биде безбедно да се излезе надвор.
Објектот никогаш не стига да ја одигра својата историска улога, ама затоа на големо е искористен неговиот компјутерски систем. На почетокот од 70-те обработува трансакции меѓу 5.700 банки во земјата, до средината на деценијата низ него минуваат 25.000 пораки на час.
По неуспешните обиди да се продаде, во 90-те објектот е дониран на Конгресната библиотека. Денес тој е Националниот аудио-визуелен центар за конзервација на филмови, телевизиски и радио снимки.