Австралија размислува за данок на празните соби

Во Австралија се крчка нова идеја што предизвика бура од реакции: данок на неискористените соби во приватните домови. Да, ако имате празна соба во вашата куќа, можеби наскоро ќе треба да платите за неа. Што е следно, данок на празните чинии во кујна, празните столици во трпезарија, празните рафтови во фрижидер?

Предлогот за оданочување на неискористените соби беше промовиран на економски форум во Канбера, со цел да се реши кризата со недостиг на станови и високите цени на пазарот.

Според истражувањето на фирмата за недвижности Cotality, над 60% од австралиските домаќинства имаат еден или двајца членови, а три четвртини од домовите имаат три или повеќе спални соби.

„Не е проблем да имаш повеќе соби од луѓе, ама можеби е време поефикасно да го искористиме тој простор,“ вели Елиза Овен, шефицата на истражувањето.

Данокот на празните соби се предлага за да се поттикнат постарите Австралијци, кои често живеат во големи куќи, да ги изнајмат или да се преселат во помали домови.

Идејата е да се ослободи простор за младите семејства кои едвај врзуваат крај со крај во услови на полудени цени на становите и кириите. Се разбира, не сите се воодушевени. Многумина сметаат дека ова е напад на приватноста и дрзок упад на државата во спалните соби на луѓето. 

Тие посочуваат дека вистинскиот проблем е во бирократијата, скапата држава и градежните трошоци, а не во празните соби.

Владата на Ентони Албанезе засега вели дека ова е само предлог во рана фаза и дека го регистрирале незадоволството во јавноста. Но, поборниците на идејата не се откажуваат лесно па потсетуваат дека во Австралија има 13 милиони празни соби.

Но, и ова е доволно за луѓе да почнуваат да се прашуваат дали државата ќе помисли да го оданочи и воздухот или да наплаќа за секој квадратен метар што не се гази дневно. 

27 август 2025 - 07:27