Арапска зима

Ако Хосни Мубарак нешто згреши пред да биде соборен од власт тоа е што не беше уште повеќе репресивен и насилен, новите власти во регионот нема да ја направат таа грешка, барем така тврдат луѓето што моментално се дел од новите власти.

Без разлика како дојдоа на власт, ставот на сегашните арапски функционери е дека „иднината мора да биде поапсолутистичка од кога и да е“.

Во Египет моментално се случува најсуровата кампања против Муслиманското братство и која било друга форма на дисидентство во последните 50 години, а најголемиот дел исламисти или критичари се или во затвор или во егзил. Како што египетските власти ја консолидираат контролата над медиумите, така Сиси и неговата власт добива се поголема поддршка за суровите мерки бидејќи тие се доживуваат како успешно стабилизирање на регионот. Дури и лидерите на Муслиманското братство признаваат дека кампањата против нив е крајно ефикасна и успева да ја растури организацијата.

„За контра-револуционерните режими (Саудиска Арабија, Емиратите, Бахреин, Египет, и нивните сојузници во Јемен и Либија) врвен приоритет е да се спречи повторувањето на револуциите од 2011, и тие веруваат дека тоа најдобро може да се постигне со репресија.

Токму затоа неодамнешните муабети за крајот на Мухамед бин Салман, саудискиот престолонаследник, или дека тој може да биде заменет по убиството на саудискиот новинар Кашоги, не се во допир со реалноста во регионот. Салман се смета за клучниот член на новата постава лидери кои го реобликуваат Блискиот исток, и останатите членови ќе му го пазат грбот. Оваа динамика се гледа како во континуираното ембарго против Катар, така и во војната во Јемен,“ пишува истражувачот од Програмата за екстремизам на Универзитетот во Џорџтаун, Хасан Хасан, во текстот за Атлантик.

Освен што новите власти уживаат во замореноста на народот од револуции, тие се уште имаат поддршка од доволно голем дел од популацијата за да можат да ја консолидираат својата власт, користејќи ги сите можни мерки и средства против кои претходно се бореа.

Инаку самите немири кои доведоа до арапската пролет и сите последователни промени на власта, ја поместија моќта во арапскиот свет од арапските републики (Либија, Тунис, Египет...) во рацете на монархиите во Персискиот залив.

“Како што ова се одвиваше, устоличените лидери низ регионот престанаа дури и со какво било преправање дека тие некогаш ќе се наклонат или ќе попуштат пред волјата на народот, без разлика дали тоа било во правец на поголемо демократизирање или поекстремна религиозност,“ објаснува Хасан.

Според него игнорирањето на „желбите на арапската улица“ е очигледно и во тајните врски што заливските држави ги развиваат со Израел како замена за формални дипломатски односи. Овие врски опфаќаат сè од безбедност до трговски договори, па така минатата недела израелски министер беше во посета на Абу Даби, а Бенјамин Нетанјаху беше во историска посета на Оман.

5 ноември 2018 - 10:52