Тим Вокер предава во училиште во Хелсинки. На почетокот од неговиот престој постојано доживувал културолошки шокови, сè додека не се одвикнал од лошите, и стекнал неколку добри навики. Нив си ги препорачуваме и себеси, и без да мора да одиме во Финска.
Еве ги со негови зборови:
1. Не се снебивам во чудни тишини
Сè уште не сум сретнал Американец на кого не му е незгодно во тишина. Таквите паузи во муабетите треба да се избегнат по секоја цена, дури и ако тоа значи да се зборува за глупости, како последното вирално видео со мачки или развод на славни личности.
Финците од друга страна уживаат во тишините. Тие разбираат дека тие се дел од природниот ритам на човечката интеракција. Секако, тие зборуваат меѓу себе, но не се под притисок постојано да го исполнуваат времето и просторот со непотребно дрдорење.
2. Не кажувам работи кои не ги мислам
Американците често велат работи како „да останеме во контакт" или „посетете нè во секое време", дури и кога знаат дека за тоа нема шанси. За нас, да не кажеш вакви љубезни зборови значи да бидеш арогантен. Но Финците ова го сфаќаат буквално - кога пред да се преселиме во Финска на кратко ги посетувавме роднините на жена ми, ми се случуваше несакајќи да речам „па ајде, да се видиме пак" иако деновите таму ни беа броени и распоредот „густ". И луѓето навистина очекуваа дека ќе одвоиме уште време за нив, иако реално немавме намера да го сториме тоа. После неколку вакви недоразбирања почнав да го зборувам само она што го мислам.
3. Не оставам храна во чинијата
Откако се вратив во училиштето после божикните празници, најдов официјално соопштение закачено во мојата просторија - „Без био-отпад".
Не бев информиран, но училиштето покренало иницијатива против фрлањето храна, кампања под наслов „Изеди го она што ќе го земеш". Сега, ако ученик или професор остави храна во послужавникот, тој е должен да оди во кујната И ДА СЕ ИЗВИНИ. Вакво нешто немам слушнато во САД, каде се фрла голем количество школска храна. На пример, една студија спроведена во основните училишта во Колорадо покажала дека една третина житарици, овошје и зеленчук на менито се фрла.
4. Не земам кафе за пиење на друго место
Американците јадат во автомобил, ручаат на канцелариски маси додека одговараат на мејлови и земаат кафе „на трчање". Во Финска луѓето сакаат да забават кога пијат кафе, и да си го испијат на раат. Често ги гледам како зјапаат во празно. И не е чудно што консумираат двојно повеќе кафе од Американците.
5. Не се чувствувам непријатно во сопствената кожа
Во земја со 3,3 милиони сауни, невозможно е да одбегнете да бидете гол пред непознати. Но откако еднаш ќе се пресрамите, веќе не ви е гајле. Се случило мој американски пријател да влезе во сауната држејќи ја крпата околу појасот како од тоа да му зависи животот. И да не издржи повеќе од три минути во просторијата со придушено светло, голи туѓинци и многу пареа.