Стандардизираните тестирања се дел од американската образовна рутина уште од 70-тите години на минатиот век. Замислени првенствено како алатки за наставниците и училиштата да ги согледаат состојбите и да се обидат да го поправат својот основен сервис - образованието.
Во рамките на иницијативата Common Core, пред неколку години администрацијата на Обама им даде 360 милиони долари на два американски конзорциума да ги апдејтираат и модернизираат тестовите и да ги направат поефикасни и попрецизни.
Истовремено, се повеќе расте незадоволството од нив, веќе преточено во граѓански иницијативи против стандардизираните тестови. Прво почнаа родителите кои сметаа дека тестовите се непотребен и фрустрирачки товар за нивните деца а работата стана посериозна откако им се придружија и наставниците. Нивната поддршка беше засилена откако се промовираше легислатива која почна да ги врзува резултатите од тестовите со нивната евалуција што во конечна линија ја одредува и платата што ја земаат. Во Њу Џерзи одеше и ТV кампања на оние кои се против екстерното:
Ситуацијата на теренот е шарена. Во некои држави тестирањата се одвиваат нормално но во други се работи за сериозен па некаде и масовен бојкот. Атлантик наведе дека во Њу Џерзи, 46.000 деца (со согласност од родителите) решиле да не се тестираат а во некои њујоршки училишта игнорирањето на тестовите оди и до 60 до 70 проценти од учениците.
Клучната критика на движењата против тестовите е дека со нив се создаваат нереални очекувања а потоа децата, наставниците и училиштата се казнуваат затоа што не ги исполниле.
"Стандардизираните тестови требаше да бидат алатка за професорите. Но, благодарејќи на погрешните федерални концепти за образование, тие почнаа да се користат за рангирање училишта, за оценување наставници и за затворање школи," вели еден од нив.
Од друга страна, последните истражувања на оваа тема велат дека дури 60 до 80 посто од резултатите на еден тест зависат од воншколски фактори а дека квалитетот на наставникот одговара за 10 до 15 проценти од резултатот на ученичкиот тест.