Во колекцијата монолози на фирерот „ Hitler's Table Talk: 1941–1944,,“ Хитлер го протежира вегетаријанството како универзално природен и здрав избор, „користејќи ги човековите вегетаријански праисториски инстинкти и одбивноста на младите деца кон месото, како доказ за својот аргумент“.
Гркинката Савитри Деви, која станува едно од најпознатите имиња на Арманизмот (драмење и филозофирање околу Ариевците), дополнително ги развива овие идеи. По Втората светска војна таа пишува книги за нацистичка езотерија и за етичко вегетаријанство. Нејзиниот аргумент е дека додека останатите (Хиндусите) се „себични“ вегетаријанци кои исклучуваат месо од исхраната стравувајќи од казната во задгробниот живот, „несебичните“ ариевски вегетаријанци ги демонстрираат своите натчовечки квалитети и расна супериорност со тоа што се грижат за доброто на „сите“ свесни суштества.
Колку и да звучи ова сулудо што доаѓа од луѓе одговорни за смртта на милиони словенски, еврејски и ромски цивили, кај нацистите (минати и сегашни) постои долга историја на грижа за животни и природна средина. Нацистичката партија на пример има „зелено крило“ кое во тоа време се бори за еколошки реформи, што вклучуваат органско земјоделство, пошумување, и заштита на одредени видови растенија и животни. Освен Хитлер вегетаријанец е и Химлер кој се спротивставува на експерименти врз живи животни и суровост кон животните.
„За оваа ниш прехранбена група, идејата за ’крв и почва’ се вклопува во идеализираната визија за ариевското етичко веганство како дел од расната чистота и наследство на белиот човек. Романтизираното веганство може да служи како влезна точка во белиот национализам, или да засили останати бели нацистички верувања,“ пишува Алексис Кунинг во текстот за Вајс.
Денес на пример Aryanism.net, покрај секциите посветени на стандардните историја, филозофија и политики на белите националисти, има сосема посебен дел за веганството. Во него освен нафрланите цитати на темата од Хитлер, Хес, Деви и Гебелс, се тврди и дека веганството е „обележје на автентичен национал-социјалист“ и „знак за вистинска емпатија и ниво на благородност кое е над моментално преовладувачките стандарди“.
Слично како и кај Деви, и сајтот порачува дека не е доволно само да бидеш веган, туку дека Ариевците треба да бидат вегани од етички причини, а не чисто заради здравје или суета.
„Отфрлајќи ја меинстрим поврзаноста меѓу веганството и ’мирољубивите хипи карикатури’ тие наметнуваат дека вистинскиот вегански архетип е благороден ариевски воин. Ова од своја страна пак станува оправдание за ’одмаздничко’ насилство. Само од оние што го имаат отфрлено ’воведното’ насилство на јадење месо може да се очекува соодветно да се одмаздат против свет што тие го сметаат за деградиран.
Ариевците кои ќе започнат насилство преку јадење животински производи не се ништо подобри отколку не-Ариевците, и се неспособни да го направат светот да биде ’подобро место’. На крај Aryanism.net измислувајќи праисторија во која Ариевците се земјоделци кои јадат житарки и зеленчук наспроти Евреите сточари, тврди дека белите луѓе имаат генетички предиспозиции за веганство,“ пишува Кунинг.