За да биде јасно од самиот почеток, нема сомнение дека РТ ја турка пропагандата на Кремљ за војната во Украина. Минатата недела, на пример, РТ известуваше од првите редови на руската „специјална операција“ (како што преферира да каже Русија) во „Народна Република Доњецк“. Репортерот зборуваше за гранатирање на училишни згради од страна на украинската армија а на екранот оди кајрон кој вели „Наша цел е да ги заштитиме луѓето од геноцидот во Киев“. Чиста, неразредена воена пропаганда.
Сепак, на растечките барања за цензурирање на РТ мора жестоко да се спротивстави - и на принципиелна и на практична основа. Слободата на говорот е првиот принцип што овде е доведен во прашање. Оние кои, како министерката за култура Надин Дорис, го правдаат тоа со идеја дека слободата на говорот се „злоупотребува“ не може да грешат повеќе бидејќи тие претпоставуваат дека публиката едноставно верува во сè што ѝ се нуди.
Второ, досегот на РТ е многу надуван. Во обединетото кралство каналот во живо имаше публика од само 3.000 луѓе дневно во 2019 година (пред да престане да брои Одборот за истражување на публиката на радиодифузерите). Ова не може да го смени јавното мислење во земјата. Вниманието посветено на РТ е непропорционално со неговото вистинско влијание.
Но, само затоа што влијанието на RT е мало, не значи дека неговото цензурирање нема да има големи несакани последици. Секретарот за надворешни работи на Обединетото Кралство Лиз Трус со право предупреди дека на секоја забрана за RT најверојатно ќе биде возвратено од Русија, која ќе гледа да забрани канали како Би-Би-Си.
Освен тоа, зарем нема вредност во тоа да знаеме што мисли другата страна или како ги претставува своите постапки? Репортерите на РТ можеби зборуваат глупости за руската инвазија на Украина, но забраната на РТ ќе нè остави уште понеинформирани за најголемото прашање во моментот.
Конечно, казнувањето на РТ не е изолиран случај. Да, повиците за забрани се реакција на бруталната инвазија на Путин на Украина, но тие се и дел од една поширока и долгогодишна паника околу информациите и дезинформациите.
Владеачката политичката класа верува дека слободното изразување станало малку премногу слободно и треба да се заузда, регулира или забрани. РТ во никој случај не е единствената мета на државната цензура - и ако биде отстранета од етерот, нема да биде ни последна.
Во моменти на криза, најголеми се искушенијата да се цензурира. Но, токму во најтемните и најтешките часови најмногу треба да се брани слободата на говорот. Ако тоа значи да се залагаме за правото на РТ да ги емитува своите глупости, нека биде така.