Зошто најважната олимписка кошаркарска репрезентација не беше Дрим тимот

Стеф Кари е последниот чекор во неколкудецениската еволуција на кошарката, за чие подобро разбирање треба да се вратиме 25 години на Олимпијадата во Барцелона, каде настапи првиот Дрим Тим. Ама ова не е тимот кој нè интересира, го бараме најголемиот тим на сите времиња: кошаркарската репрезентација на Југославија од 1992, пишува Ролинг стоун магазинот.

Иако документарецот Некогаш браќа совршено го опишува расцепувањето на југословенската кошаркарска репрезентација по истите линии по кои се распаѓа и некогашната држава, "кошаркарското наследство на тимот останува чудно недоволно документирано."

"Ова е чудно бидејќи тие се несомнено највлијателниот тим во последните 25 години во целиот свет. Заборавете ги Булси на Џордан, Спарси, или во кој тим и да е Леброн, или Вориорси: Југославија ја направи модерната кошарка онаква каква што е денес," пишува Том Хокинг во Ролинг Стоун.

Гледајќи ја кошарката во однос на другите спортови таа е на работ меѓу тимски и индивидуален спорт, заради што "балансира меѓу индивидуализам и колективизам," или во пракса, дури и на играч како Џордан му требаат соиграчи како Пипен, Кукоч или Родман, за да освои титулата.

Хокинг објаснува дека токму балансирањето меѓу овие две страни е една од главните разлики меѓу европската и американската кошарка:

"Европската приоретизира тимска работа и работливост, додека американската повеќе оди на индивидуализам и ентертејмент.

Европската се заснова на основите на кошарката; американската го слави атлетизмот и сировиот талент.

Европската оди на самовоздржување; американската на самоизразување.

Секако ова е поедноставување на работите, ама е корисно за да се разберат двата пристапа кон играта."

Додека американската репрезентација од 1992 ја доживува како врвниот напредок на американската кошарка, збир на најголемите играчи кои некогаш стапнале на теренот, тој Дрим тимот го смета за "збир на неговите делови и ништо повеќе."

За разлика од нив "Југословените се збир на нивните делови, и повеќе," кои ја имаат несудената НБА суперѕвезда Дражен Петровиќ, неверојатно сестраниот Кукоч кој може да игра и брани на која било позиција, и Дивац, кој ја возобнови позицијата на центар, "и веројатно го имаше најдиректното влијание врз НБА околу улогата на центарот."

"Меѓутоа тие исто така беа и комплетен тим. Гледај кој било натпревар на југословенската репрезентација од, да речеме Светското првенство 1990-та, кое го освоија во галоп, и неизбежно е: исто како да гледаш стара, излижана ВХС снимка од натпревар на денешните Вориорси. Голден стејт секако зависат од индивидуалната брилијантност на своите ѕвезди, меѓутоа уште повеќе зависат од начинот на кој играат заедно како подмачкана тимска машинерија. Југословените го правеа истото; во напад, ја движеа топката со изненадувачка брзина, спроведувајќи комплексни акции со брзина и елеганција. Во одбрана, се ротираа ефикасно и како подмачкани. Нивната способност да го задушат противникот не зависеше од тоа да се посилни и побрзи од другиот тим; туку доаѓаше од дисциплината и меѓусебната доверба.

Тие беа врвот на Европскиот пристап кон кошарката. И веројатно не е изненадување што ова е пристапот кој успеа да го пробие својот пат во НБА во изминатите две децении, бидејќи американската кошарка немаше каде да оди по Дрим Тимот. Не можеше да има подобар тим. Дрим тим 2 беше збир на играчи кои не успеаа да влезат во првиот Дрим тим. Последователните американски репрезентации беа само ослабнати репризи, секоја од нив појавувајќи се и однесувајќи се како самото тоа што се таму да им гарантира победа, и секоја приближувајќи се сè повеќе од поразот.

Незамисливото се случи на Олимпијадата 2004; САД не успеаа да стигнат ни до финалето, и беа присилени да ја гледаат Аргентина како ја освојува Олимписката титула," пишува Хокинг.

Иако тоа не се гледа во Дрим тимот, НБА согледа каде е грешката, па најуспешен тим во лигата во последните 20 години се Сан Антонио Спарс, на Грег Попович, со освоени 5 титули. Карактеристично за Попович е што е најактивен во регрутирање играчи од странство, и вон американската колеџ кошарка, која е традиционалното легло за НБА играчи.

"Меѓутоа, најдобрата сезона во последните 20 години се случи лани, со 73 победи на Вориорси кои изгледаа непогрешиво како... големиот југословенски тим што никогаш не изигра," порачува Хокинг.

На крај околу вечната дилема "што ако," Хокинг објаснува дека доволно покажа моќта на Хрватска, која на Олимпијадата 1992 освои сребрена медала, присилувајќи го Дрим тимот да го даде најдоброто од себе за освојување на злато. Дополнувајќи:

"Меѓутоа за мене најголема трагедија на Олимпијадата 1992 не е тоа што никогаш не го видовме судирот на двете најдобри репрезентации на генерацијата, туку што никогаш не ги видовме најдобрите претставници на американскиот пристап на кошарката, наспроти најдобрите претставници на европската кошаркарска филозофија. Меѓутоа, овој судир можеби никогаш не ни требаше да се случи, бидејќи последователно се одигрува последниве 25 години - и почнува да изгледа како Европејците да победија."

3 август 2016 - 16:09