Борис Дежуловиќ:

Запознајте ја новата хрватска влада

Наместо Ферал Трибјун, во Хрватска воскреснаа некои поинакви духови од минатото. Земјата доби нова ГМ хибридна влада за чиј состав и квалитет, Дежуловиќ уште еднаш го има најдобриот начин да ви го долови.

Пред два и пол месеца Канада доби нова влада и светот како вирален хит го обиколи Фејсбук статусот на канадската новинарка и блогерка Алан Филипс, одушевена што "Канаѓаните за првпат се навистина горди, па дури и малку самодоволни" заради својата влада:

"Ова се фактите. Имаме министер за животна средина и КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ. Имаме министер за имиграција, државјани и БЕГАЛЦИ. Нашиот премиер е гик за научна фантастика. Нашиот министер за здравство е навистина лекар. Нашиот министер за семејство, деца и социјален развој е економист специјализиран за сиромаштијата. Нашиот министер за наука е навистина научник: добитник е на Нобелова награда. Нашиот министер за правата на жените е жена!

Нашиот министер за ветерани е квадриплегичар откако настрадал во огнена престрелка. Нашиот министер за вработување, труд и работна сила е професионален геолог. Нашиот министер за демократски институции е муслимански бегалец. Нашиот министер за спорт и лица со хендикеп е параолимписки спортист. Нашиот министер за одбрана е воен херој, ветеран од Авганистан и полицаец. НАШИОТ МИНИСТЕР ЗА ТРАНСПОРТ, ПО ЃАВОЛИТЕ, Е АСТРОНАУТ! Половина од нашите министри се жени. Половина од нашите министри се мажи. Двајца од нашите министри се домородци: Kwakwaka'wakw и Инуит. Три од нашите министри се родени надвор од Канада, во Индија и Авганистан. Два наши министри се Сики. Најмалку еден министер е муслиман. Најмалку двајца министри се атеисти.

Една наша министерка се бори со рак на дојка. Еден од нашите министри е во инвалидска количка. Еден од нашите министри е слеп. Еден од нашите министри е отворено хомосексуалец. Еден од нашите министри е отворено црвенокос.
А Навдип Баинс истовремено има и совршени мустаќи".

Два и пол месеци подоцна, нова влада доби и Хрватска. Сличноста е упадлива: за почеток, на чело на хрватската влада, исто така, е Канаѓанин, Тихомир Тим Орешковиќ. Освен тоа....тоа отприлика би било сè.

Ова се фактите:

Нашиот нов премиер е канадски граѓанин, но не е ни Канаѓанин а камоли љубител на СФ, астронаут, нобеловец или Kwakwaka'wakw - туку менаџер на мултинационална фармацевтска корпорација со хрватско потекло кој пасивно го владее хрватскиот јазик. Еден потпретседател на нашата влада е поранешен богослов. Вториот потпретседател на нашата влада е поранешен полицаец и разузнавачач.

Нашиот министер за полиција, се разбира, е инженер за поморски сообраќај и спортски тренер.

Нашиот министер за здравство беше директор на болница, пред да биде разрешен за малверзации и нерегуларности. Нашата министерка за социјална политика, во своето прво обраќање ја повика јавноста "да се моли за владата Светиот Дух да ја просветли да работи само за славата на Бога." Нашиот министер за наука е поранешен левичар кој пред изборите во себе ненадејно откри католик, демохристијанин и ХДЗ-овец.

Нашиот министер за бранители со четириесет години отиде во пензија, а на програмата има патриотски бонуси за плата и регистар на национални предавници. Нашиот министер за труд е чиновничка која во стручната комисија за ревизија на наодите за инвалидност работеше во време кога во тaa комисија изби национална афера. Нашиот министер за спорт никогаш во својот живот не се занимавал со спорт, ниту пак со него има каква било врска. Нашиот министер за култура никогаш во својот живот не се занимавал со култура; нашиот министер за култура е историчар ревизионист, почесен претседател на блајбуршкиот вод кој секоја година го одбележува страдањето на нацистичката усташки војска.

Нашиот министер за економија е началник на мала селска општина од илјада и пол жители и е бивш заменик шеф на еден дуќан на Баумакс, сменет по исчезнувањето на неколку квадрати стиропор. Нашиот министер за правда пред само две години беше судски приправник. Нашиот министер за туризам е издававач на апартмани кој на владејачката партија ѝ донираше илјада и пол евра. И да, претседател е на Хрватската католичка заедница.

Нашиот министер за одбрана е новинар кој работеше во Одделението за заштита на уставниот поредок и во Контраразузнавачката агенција, во време на Службата прислушуваше хрватски новинари а Агенцијата ги прогонуваше и ги присилуваше да ги шпионираат своите колеги. Нашиот министер за градежништво е градоначалник на гратче во кое владата мораше да урива бесправно изградени замоци со бетонски кули. НАШИОТ МИНИСТЕР ЗА ТРАНСПОРТ, ПО ЃАВОЛИТЕ, Е ГРАДОНАЧАЛНИК НА ГРАТЧЕ КОЕ НА ДЕСЕТИНА КИЛОМЕТРИ МАГИСТРАЛЕН ПАТ ИМА 34 КРСТОСНИЦИ!

Нашата влада нема нешто такво како што е министерство за лица со потешкотии. Единствен наш министер со потешкотии е онаа за управа која заговара укинување на жупаниите а владејачката партија токму со нив се одржува на власт. Нашата земја е дваесет пати помали од Канада, но има двојно повеќе општини.

Нашата влада нема нешто такво какво што е министерство за правата на жените. Нашата влада од дваесет и тројца членови има само три жени. Од кои едната е поранешна калуѓерка.
Осумдесет и седум проценти од нашите министри се мажи. Сто проценти од нашите министри се Хрвати. Дваесет и двајца од дваесет и тројцата членови на нашата влада се католички верници. Еден од нашите министри е муслиман, но е поголем Хрват и усташ од сите други: тој тврди дека Хрватска не успеа да победи во Втората светска војна, дека фашизмот е флоскула и дека НДХ не била фашистичка.

Ниту еден од нашите министри не е Србин, ниту еден не е бегалец од Азија, ниеден не е деклариран хомосексуалец: напротив, најмалку двајца беа активисти на католичката кампања за референдумот за брак. Ниеден наш министер не е астронаут, но еден бил редовен учесник во трки со средновековни бродови со весла.

Ниту еден од министри не е атеист. Ниеден не бил на Олимписки игри, ниеден нема Нобелова награда, но еден има пет воени медали. Ниеден од нашите министри не е во инвалидска количка: нашите министри со во Ауди од по шеесет илјади евра.

Ниту еден од нашите министри не е црвенокос.

И ниеден нема мустаќи.

Само мустачиња.

Борис Дежуловиќ

* извор: Љубљански Дневник

p.s. Данке Росе :) 

25 јануари 2016 - 13:17