Не постои ниту една потврда дека Марк Твен ова го рекол, а потврдено е дека не го напишал. Оваа изрека има свој подолг историјат и се оформувала неколку стотици години. Цитатот најдиректно потекнува од неколку изрази и фрази поврзани со Орвил Хабард (1969) и Езра Бенсон (1979). Најблиску до денешната форма бил Томас Џеферсон (1807, „Човекот кој не чита весници е подобро информиран од оној кој не чита), додека Марк Твен има само еден потврден цитат во кој го употребува зборот „дезинформација“: „Честоpaти најсигурниот начин да се пренесе дезинформација е стриктно да се каже вистината“ (во: “Following the Equator: A Journey Around the World” од 1897 година).
Ако се префрлиме во 2018 година, овој цитат, чив и да е, на крајот на краиштата, може да се „апдејтува“ во:
„Ако не следиш вести, тогаш си неинформиран. Ако пак следиш вести тогаш си преинформиран“.
Тука мора да се појасни дека „преинформиран“ е нова форма на дезинформираност, односно преинформираноста е таков феномен при кој од многу информации не можеме да склопиме уверлива или издржана слика за вистината и реалноста која има некаква смисла. Проблемот со премногу информации нè принудува на два општи типа реакции:
(1) Се откажуваме од барање на целината и смислата на информациите, и се препуштаме на (личните) интерпретации на информациите на нов вид т.н. „инфлуенсери“, односно нова генерација на креатори на јавно мислење. Ова вообичаено е една крајно хетерогена групација од вицкасти твитерџии, фејзбукџии, колумнисти, јавни личности, до политичари кои се активни на новите медиуми и на другите платформи за јавна комуникација. Нивните интерпретации се далеку од потрага по некоја пообјективна вистина или јавен интерес и најчесто се микс на борба за популарност, бранење скриени тесни интереси, обиди за ухлебување и слични разбирливи лични човечки мотиви.
(2) Се затвораме во „ехо-комори“, односно во помали социјални групи со кои имаме слични погледи на светот. Тука коментираме информации, се шегуваме и плачеме и разменуваме ставови со кои најчесто сите се согласуваме.
И во двата случаи информациите каскадно се прелеваат во дезинформации кои се употребливи само за една работа: да ни обезбедат каква-таква, макар прилиќно искривена, но сепак наша, лична слика и претстава за светот и реалноста кои суштински не ги разбираме.
Сеад Џигал, виа ФБ