"Ниту еден германски, француски или шпански политичар не би се осудил јавно да дискутира за ова прашање, а не па да го промовира разводот," пишува Жан Пизани Фери.
И покрај тоа што се избегнува, тој проценува дека прашањето не може да се игнорира, посебно како што се поголеми делови од јавното мислење "се незадоволни од Унијата и се повеќе се сочувствителни кон националните прашања."
"Како одговор на ова голем број политичари се залагаат за Европа притоа нагласувајќи чисто национални решенија. Овој неконзистентен - и честопати циничен - став ја втурна Европа во една несреќна рамнотежа: не може да се врати назад, не може да оди напред, и сепак никој не е задоволен," објаснува Фери.
Тој се надева дека веќе кога започна дебатата, таа ќе биде доволно искрена за сите да можат да учат од неа, посебно за подобро да разберат и да научат што е економскиот ќар од членството во Унијата.
Околу целото кукање за ненадминливоста на проблемите и разликите што денес ги имаат членките на ЕУ, Фери ги посочува Тачер и Митеран кои своевремено се идеолошки многу пооддалечени отколку нивните сегашни наследници, па сепак верувајќи во идејата успеваат да постигнат договор.
"Нема основа за тврдењето дека денес сме станати далеку понесреќни цимери отколку што сме биле во 80-те.
Ниту пак ЕУ навлегла во некои полиња во кои не создала дополнителна вредност. Првата влада на Камерон во 2012-та започна со ревизија на овластувањата на ЕУ за да утврди кое е на ЕУ а кое е на Британија. 32 темелни извештаи подоцна, ревизијата не резултираше со ниту едно барање за повлекување на некое значително овластување.
Веројатно и заради оваа причина, поборниците за Брегзит често пати се фокусираат на намалените бенефиции од регионална интеграција (една од главните економски придобивки на здружувањето) и тврдат дека на Британија би и било подобро сама да одлучува за себе. Зошто да се преговара со континенталните партнери, кога Британија може да тргува со цел свет? Нели малите, отворени економии како Сингапур постојано напредуваат?" пишува Фери.
Вака фино поставената логика, Фери ја растура со неколку процедурални пропусти и многу реални пречки на кои би наишол слободно-трговскиот рај на Британија оставена сама на себе. Прво за сето она што Британија би сакала да го тргува правилата и бирократската логистика се многу покомплицирани отколку за извоз на маици (една од посериозните ставки на Сингапур). Второ глобалните трговски договори се далеку поголем проблем отколку регионалните, заради што и глобалната трговија се повеќе се базира на билатерални или регионални спогодби. Според СТО моментално има околу 267 вакви договори.
"Покрај сите слабости, ЕУ е голем економски играч кој учествува во оформување на светот околу себе. Како поставувач на стандарди, преговарач и спроведувач на правила, Унијата има значително повеќе влијание отколку што нејзините непријатели признаваат. Бидејќи таа самата е базирана на правила, таа е најголемите промотер на економска меѓузависност базирана на правила. И само заради овие причини, нејзиното распуштање би било коцка.
Ако рационалните аргументи не се во корист на напуштање на ЕУ, тогаш како се актуелизираше прашањето? Делумно затоа што ЕУ разочара. Меѓутоа ова е вистински аргумент за нејзино реформирање, наместо напуштање. Делумно и затоа што транснационалната демократија не ги даде резултатите. Меѓутоа одговорот не е да се откажеш од ова, туку да се потрудиш да функционира. Делумно, ова е и затоа што се исуши емоционалниот лепак што ја држеше Европа заедно. Меѓутоа ова и е причината да се направи промената, а не да се оди кон тесноградие," објаснува Фери.