Зошто критичарите на Закерберг не се во право

Во одбрана на филантрокапитализмот

Кога Марк Закерберг, ЦЕО-то на Фејсбук објави дека ќе донира 99% од своите акции во компанијата во нова непрофитна организација, тој го доби своето следување позитивни наслови. Меѓутоа потегот беше исто така осуден како обид за избегнување даноци, ПиАр потег, начин да се зголеми профитот на Фејсбук под плаштот на правење добро, и како последен израз на "индустрискиот комплекс на бели спасители." Економистот Томас Пикети, автор на "Капитал", изјави дека донацијата "изгледа како голема шега."

Критиките не се изненадување. Самиот обем на грантот на Закерберг, кој моментално е проценет на 45 милијарди долари, покажува колку станало концентрирано богатството, а сериозната реторика во соопштувањето на одлуката, формирана како јавно писмо до неговата ќерка, само го засили чувството дека Силициумската долина е преполна со самобендисана самодоверба околу сопствената моќ да го спаси светот. Непријателството кон филантропијата не е ништо ново; кога Џон Рокфелер ја основа истоимената фондација, тој беше нападнат "за враќање на старата аристократија под ново име како филантропија и наука." И потегот на Закерберг доаѓа во време на гнев околу растот на т.нр. филантрокапитализам. Фондациите имаат големо влијание над социјалните политики меѓутоа се независни од демократската контрола. Зошто би им се дозволило на не избраните милијардери да ги практикуваат нивните нео-мисионерски импулси врз светот?

Во идеален свет, големите фондации би биле излишни. Меѓутоа во реалниот свет тие се неопходни, бидејќи тие се приспособени за таргетирање на проблемите што приватниот сектор и владите често пати ги запоставуваат. Класичната мисија на непрофитните е инвестирање во она што економистите го нарекуваат јавни добра - работи кои се од корист на сите, дури и на луѓето кои не платиле за нив. Јавното здравје е водечки пример: сите ќе имаме корист од искоренувањето на маларијата и туберкулозата (болести на чие излекување фондацијата на Бил Гејтс потроши милијарди). Меѓутоа, бидејќи користа од јавните добра сите ја уживаат, тешко е да натераш некој конкретно да ја плати сметката за тоа.

Корпорациите речиси без исклучок недоволно инвестираат во јавните добра, бидејќи можат да опфатат само мал дел од наградите што тоа ги носи. Ова е посебно видливо онаму каде главни уживатели од инвестицијата се сиромашните: од над 1.500 лекови кои се одобрени за продажба од 1975-та до 2004-та, само 21 ги имаат таргетирано тропските болести или туберкулозата. Владите се подобри од нив во обезбедување на јавни добра (одбрана, или на пример, образование), меѓутоа приватните агенди често пати го засенуваат јавниот интерес, а владите се далеку помалку ефикасни во справување со глобални проблеми. Како што напиша економистот Вилијам Нордхаус, "не постои механизам со кој глобалниот граѓанин може да направи обврзувачка колективна одлука." Размисли само колку беше тешко за државите да постигнат договор за намалување на штетните гасови.

Проектите како искоренување на маларија или обезбедување на универзален интернет пристап (една од амбициите на Закерберг) исто така бараат инвестиции кои нема да дадат никакви резултати во следните неколку децении. Политичарите мора да грижат дали ќе бидат избрани на секои неколку години. А глобалните проблеми постојано се далечни од животот на просечниот гласач. Владата на САД годишно троши помалку на сиромашните во светот отколку што Американците трошат на бонбони. Дури и кога САД јасно ја сноси одговорноста за некој глобален проблем, како климатски промени, тешко ќе го натераш Конгресот да плати за тоа.

За разлика од ова филантропите имаат далекусежен временски хоризонт и речиси никого кого треба да го одоброволат. Ова може да ги доведе до давање пари во контроверзни каузи, како што беше Зукерберг со образовните реформи. Меѓутоа им овозможува и да ставаат големи кладби на јавните добра. Долга е историја на ова: Рокфелер фондацијата го финансираше истражувањето кое доведе до создавање на вакцина за жолтата треска. Гејтс Фондацијата, од основањето, во 2000-та, вложи милијарди долари во програми за глобално здравје, и моментално троши повеќе на здравствени прашања отколку СЗО.

Беше спомнато дека ако едноставно ги оданочуваме милијардерите, ќе имаме повеќе пари за глобално промовирање на социјалните проекти. Меѓутоа, многу е поверојатно дека овие проекти ќе останат не финансирани. Во текот на последната деценија САД значително ја зголемија потрошувачката на борбата со заразни болести како маларија, меѓутоа ова го направија само откако Гејтс Фондацијата ги врати овие болести на глобалната агенда. Секое трошење на јавни добра е опасно, посебно странската помош, и уште повеќе кога Републиканците ти се одговорни за Конгресот. Во бројки адаптирани по инфлација, буџетот на Националниот институт за здравје денес е понизок отколку пред една деценија, а кон крајот на минатата година сенаторот Линдзи Грем предупреди дека притисокот врз буџетот може да го загрози финансирањето на борбата против маларијата.

Сепак филантропските инвестиции во глобалните проекти продолжуваат да се зголемуваат. Ен Петерсен, претседателката на Глобалната филантропска алијанса, ми кажа "американската филантропија се сведуваше на локално донирање. Меѓутоа сега има драматичен тренд кон меѓународно донирање, и ова е само ќе продолжи." Разумно е да се кука околу фактот дека мал број милијардери имаат толку многу моќ над тоа кои проблеми ќе се решаваат, а кои нема. Меѓутоа тие ја имаат оваа моќ токму бидејќи трошат голем дел од своите пари за решавање на глобалните проблеми. Ние, како држава, не трошиме.

James Surowiecki,
Њујоркер

15 декември 2015 - 11:45