Стара теорија е дека вистината зависи од гледната точка. Стрелата на стрелецот, од гледната точка на „трето лице“ личи на стрела, ама од гледна точка на жртвата личи на точка (врвот на стрелата). Од гледна точка на стрелецот, додека нишани, стрелата има форма на крст (тој ги гледа само перките на стрелата, вкрстени). Настаните од 2001 година се доволен доказ за тоа. Една иста војна, за Албанците е борба за човекови права и борба против „геноцидот“, кој наводно континуирано трае, а за Македонците е справување со терористи што сакале да урнисаат една држава.
А кога една гледна точка ќе биде усвоена од цел еден народ и кога друга, спротивна гледна точка ќе биде усвоена од цел друг народ, работите стануваат опасни: како да пушите цигара на буре во барутана. Кога ќе се случи тоа - два колективитета да усвојат секој своја гледна точка, па едниот гледа крст, а другиот точка, нема кој да ја види стрелата, ниту да се знае кон кого е насочена. И кој е напаѓач, а кој жртва, како што, на пример, се знае дека Хитлер ја нападна Полска, а не обратно. А кога, пак, две спротивни гледни точки ќе усвојат две групи на еден ИСТ народ, тогаш тоа е национална трагедија: братоубиствена војна. Тоа им се случува на Македонците деновиве, по приведувањето десетици лица обвинети за „тероризам“, поради немилите настани во Собранието од април годинава, настани што секој нормален и цивилизиран, па дури и само воспитан човек морално ги осуди и тоа веднаш. Но не требаше да се прави полит-спектакл од тоа. Дегутантно е веќе - кој како дојде на власт, апси според онаа „покрај сувото, гори и суровото“. А вистината е многу покомпликувана од неодговорното лепење етикети ТЕРОРИСТ секому. Токму затоа што вистината за едно исто нешто зависи од - гледната точка.
Така, јас на сите тие братоубиствени пориви кај Македонците не гледам од двете спротивставени гледни точки: „патриоти“ наспроти „предавници“, односно „конзервативни криминалци“ наспроти „европски ориентирани демократи“. Гледам од единствената можна реална и неутрална гледна точка - гледната точка на граѓанинот што не сака никому да му пречи на патот, ама не сака и нему да му газат на вратот. А тоа е, за жал, гледната точка на една веце-школка. Навистина, што гледа постојано една веце-школка од својата гледна точка? Кога ќе одговориме на тоа прашање, ќе добиеме и одговор на прашањето што гледаат постојано граѓаните, низ сите овие години играње демократија и држава? Сите ние, низ сите овие години, гледаме НАД НАС задници од најразлични полит-провениенции. Без разлика на идеолошката ориентација, сите имаат голема нужда од веце-школка; ќе дојдат, ќе седнат на школката, ќе завршат работа, шумно или бесшумно, ќе се забришат и ќе си заминат. Понекогаш пуштаат вода, понекогаш не. Секогаш кога еден задник ќе стане од школката, на душата му е полесно, а на џебовите потешко; со нас е обратно.
Притворањето уметници, и тоа врвни, не е мала работа, туку вистинска „голема нужда“. Нема полошо за една држава и за нејзиниот меѓународен рејтинг од тоа кога уметник оди во затвор (или притвор, сеедно). Меѓународниот ПЕН постојано решава такви случаи по „банана-републики“. За идеи и соништа не се суди, се суди за кривични дела. Лошо е тоа за угледот на Македонија, особено ако уметникот со свои раце не нападнал никого. И особено во миг кога сите знаеме, дека никој од политичарите што воопшто некогаш седел на таа веце-школка НИКОГАШ не страдал од затвор (запек, дијалектно кажано). Рака на срце, важи и обратното - „а што мајка бараат уметниците во политиката?“ Отсекогаш сум мислел дека не е добро за еден уметник политички да биде активен, без разлика што има право на свое, изворно политичко убедување. Не е добро, затоа што СЕКОГАШ на неговото автентично политичко убедување, особено ако е огнено, ќе се „налепи“ интересот на тесна политичка врхушка, па може да се случи токму тој уметник да биде осуден како „инспиратор“ и „поттикнувач“ на толпи. Тоа е, се разбира, далеку од вистината и умот - да имаше Владо Јовановски, на пример, толкава моќ да поттикнува толпи, толпите ќе ги опсадуваа театрите на секоја претстава во која игра. Па ќе го говореа наизуст и неговиот монолог за ѕвездите како азбука, од мојата претстава „Папокот на светот“. Затоа, ова негово обвинување за тероризам е спектакл „а ла Холивуд“.
*****
Како уметник, јавно ги молам сите оние што имаат моќ и добра волја во оваа држава, да престанат со лепење етикети на уметниците. Рацете на уметниците не се крвави. На нив евентуално може да има - мастило. А тоа не убива, ниту ќе го најдете во вообичаената терористичка опрема.
Венко Андоновски
целата колумна ја има Нова Македонија