Увезувањето на „поцивилизирана“ Европа не е решение за Балканот

Држењето до митот за развиена, цивилизирана и напредна Европа не може да му понуди на Балканот решение за проблемите, од едноставна причина што таа и ги има создадено, и продолжува да репродуцира голем број од нив.

Неодамнешната посета на Пол Мејсон на Хрватска потсетува на друг, сличен настан, кога пред четири години во посета на земјата дојде Пол Кругман, нобеловец и меѓународно признат интелектуален лидер, како дел од неговата голема источноевропска турнеја. Кругман беше спонзориран од голема тутунска корпорација, и за „солен“ хонорар одржа рутинско предавање во туристичкиот град Ровињ. Локалните медиуми беа фасцинирани, но никому не му текна да наврати на популарниот блог на Кругман, „Совеста на еден либерал“, кој се обновува на дневна база во Њујорк Тајмс. На него многумина ќе видеа во што всушност се состои вистинската вредност на посетата за саканиот гостин.

Во два дена Кругман објави седум текстови. Четири од нив детално се занимаваа со последните избори во САД, а два анализираа актуелни движења во британската економија. Хрватска беше спомената во последниот пост напишан непосредно пред заминувањето на Кругман, кој се состоеше од една единствена реченица и придружен линк: „Еј, тука е ноќ, што е и поентата на ова видео - време е за пакување на куферите ла ла ла“. Линкот беше за јутјуб клип за песната „Гламурозен живот“, од мјузиклот на Стивен Сондхајм, „Мала ноќна музика“. Автоиронијата на изборот е тоа што претставата зборува за славна актерка која на крајот од кариерата мора да настапува во далечни провинциски градови, кеширајќи на стара слава. Ова може да делува слатко да не сте налетале на него додека сурфате во Хрватска. Имплицитен за овој избор е цинизмот кон малата, периферна земја, која е сцена за поставување на новата провинциска изведба на славниот интелектуалец со гламурозен живот.

Пред три недели Хрватска го пречека новинарот Пол Мејсон, уште една позната ѕвезда на интелектуалната левица. По само неколку дена на ФАЛИШ - Фестивал на алтернативата и на левицата во Шибеник, Мејсон, чија книга „ПостКапитализам“ неодамна беше објавена на хрватски, се обиде да им ја објасни на светот динамиката на свежо одржаните парламентарни избори во Хрватска од страниците на влијателниот Гардијан. Ако ништо друго, тој барем ѝ посвети повеќе внимание од Кругер, нудејќи анализа наместо зафрканции и песни. Но по читањето на неговиот текст тешко е да се одлучи чиј пристап е подобар. Под насловот „Хрватските избори се предупредување за враќањето на национализмот на Балканот“, Мејсон понуди спектакуларни бесмислености, погрешни претпоставки, неинформирани анализи и делумни информации, претставувајќи ја Хрватска од игнорантна, колонијална перспектива, надоместувајќи за овој недостаток на знаење за локалниот контекст преку вметнување излитени балкански стереотипи.

Зошто на пример тој смета дека парламентарните избори се симптом на враќање на национализмот, иако сите факти сугерираат поинаку? Неговата интепретација ги поврзува настаните во Хрватска со неодамнешниот пораст на националистички тенденции во соседна Босна и Херцеговина, и на тој начин пристигнува до следниов триумфален заклучок:

„Ако Европа сака да направи Балканот да функционира, треба да ги разбере границите на нејзиниот сегашен пристап. Таа ги има снижено стандардите за влез за земјите од источна и јужна Европа, за да го овозможи проширувањето“. Проблемот според Мејсон, значи, е дека Европа е препопустлива кон Балканот, а наместо тоа таа треба да ги дисциплинира демократски непоткованите пост-социјалистички деца во манир на строг наставник.

Ова убедување е прилично раширено помеѓу либералните интелектуални кругови и во Хрватска. Тие извлекуваат и друг заклучок од текстот на Мејсон: пред пристапот кон ЕУ во 2013, Хрватска беше подобра, порегулирана и поцивилизирана отколку сега, а по крајот пред-пристапната контрола на Брисел ги пушти шовинистичките џинови од шишето. Проблемот со ваквите (авто)колонистички интерпретации, базирани на дихотомијата помеѓу развиената и цивилизирана Европа и инхерентно заостанатиот Балкан, е дека тие го превидуваат обемот во кој неразвиениот Балкан системски е зависен од „развиената“ Европа.

Радикалната десница, национализмот и ксенофобијата се шират во моментов низ целата таа ’развиена’ Европа, од скандинавскиот модел на ’капитализам со човечко лице’, преку Франција и Германија, до Британија на Мејсон. Од моментот кога се појави во доцните осумдесети и раните деведесети, хрватскиот национализам се легитимираше пред сè преку хрватското наводно, вековно поврзување со „западно-европската цивилизација“, па оттаму јасно одделувајќи се од источните поранешни ју-републики. Оваа про-европска линија, легитимизирајќи ја радикалната десница, продолжи, со одредени варијации, во текот на финалниот, неодамна заокружен мандат на локалните историски ревизионисти.

И покрај владиното остро идеолошко вртење кон десно, таа понизно ги следеше економските насоки на Брисел, подготвувајќи продажба на државен имот и нови напади врз работничките права. Ова е делумно и причината зошто, на изненадување на Мејсон, ХДЗ не доби удар по рака од европските институции, и покрај тоа што флертуваше со про-фашистичкото наследство. Описот на Мејсон на Хрватска кој предизвикува солзи на очи, земја со 40% невработеност на младите и 90% јавен долг, има помалку врска со Балканот а повеќе со пошироката структура на економски услови кои владеат на периферијата на Европа. Не е возможно да се разбере оваа структура без земање предвид на процесите како приватизацијата на локалниот банакрски сектор кој се продава на германски, француски и австриски сопственици, кои потоа воведуваат потрошувачки заеми за да им помогнат на локалците да купат германски и француски коли и така, со позајмување пари, да придонесат кон развојот на центарот. Накратко, држењето до овој мит за развиена, цивилизирана и напредна Европа не може да ѝ понуди на Хрватска (или на Балканот) решение за проблемите, од едноставна причина што таа и ги има создадено, и продолжува да репродуцира голем број од нив.

Кога приказната за спасителската улога е авто-колонијално прокламирана од хрватската интелектуална, либерална елита, јавните личности кои генерално добиваат симбoлички и материјален профит од Европа изгледаат главно смешно. Меѓутоа иритира кога истиот дискурс ќе излезе од устата на „Европеец“, активист-турист кому му требаат само неколку денови на Јадранското крајбрежје за да формира цврсти мислења. Во таа смисла, зафркантскиот линк на Кругман е можеби по чесен пристап.

Борис Постников

1 декември 2016 - 15:42