Убиениот Анас ми беше пријател и знам зошто Израел се плашеше од него

Под псевдоним, палестински новинар кој избегал во САД ја пишува својата лична приказна за Анас ал Шариф, еден од новинарите убиени во последниот израелски напад во болница во градот Газа. Удриле еднаш, луѓе и новинари притрчале да им помогнат на настраданите, а овие удриле уште еднаш на истото место. Меѓу нив и Анас, дечко кој верувал дека светот мора да дознае што се случува во Газа.

Фото: ЕПА

* Пишува Али Ганим, псевдоним за палестински новинар кој живее во САД

Првпат го запознав Анас Ал-Шариф во ноември 2023 година во Ал-Шифа, најголемиот медицински комплекс во разурнатиот од војна град Газа.

Израел штотуку нареди евакуација на северна Газа, прв чекор кон депопулација на областа за време на претходната фаза од геноцидот.

Анас лежеше на подот пред одделот за итни случаи со солзи во очите.

„Што си толку тажен?“ го прашав цинично. „Овој филм допрва почнува.“

Се насмеа. Анас силно ја чувствуваше тежината на војната, но сепак е човек од Газа каде луѓето за заштитен знак го имаат хуморот, дури и среде најстраотните загуби и неподносливо тешки моменти.

„Во право си“, одговори тој. „Кулминацијата, вистинската трагедија, крајот на приказната, сè уште не се стигнати.“

За Анас, крајот дојде прерано.

Во понеделникот, 28-годишниот Анас беше цел, заедно со уште тројца новинари на Ал Џезира, на израелски напад врз комплекс околу болницата Ал-Шифа.

Израелската влада се потсмеваше на неговото загинување, дури и го обвинуваше дека е оперативец на Хамас. Тоа е нивниот начин да го омаловажат затоа што ја раскажувал нашата приказна.

Израел се плаши од многу едноставни аспекти на палестинскиот живот, дете кое носи кефија или мајка која му кажува на својот син да се бори за Палестина. Пред сè, Израел се плаши од луѓето кои му кажуваат на светот за тоа што се случува во Газа - војна, геноцид, глад.

Анас си даде мисија да ги раскаже овие приказни, нашите приказни, низ целиот свет. И луѓето слушаа. За мене, сепак, Анас не беше само новинарска ѕвезда. Тој ме водеше низ тешки времиња, ме охрабруваше да известувам и го споделуваше своето знаење. Заедно со мојот татко, силата на Анас беше најголемата инспирација во мојот живот. Ми помогна да продолжам. Тој беше ментор, а згора на тоа и пријател.

Двајцата пораснавме во бегалскиот камп Џабалија. Познаваше некои од моите роднини. Израелската окупација го инспирираше да стане новинар. Еднаш ми раскажа како, кога бил сè уште млад, еден од неговите роднини бил уапсен. Кога се вратил од израелските затвори, раскажувал приказни од зад решетките- за неправда, за тортура, за понижување, приказни што треба да се раскажат на поширокиот свет.

Палестинските заедници се познати по својата тесна поврзаност а тоа беше особено точно во нашиот камп. Во него луѓето се поддржуваа едни со други по секоја цена. Анас беше познат по тоа што беше близок со децата, влевајќи им гордост и учејќи ги за Палестина. Духот на раскажување приказни а истовремено поддршката за луѓето беше секогаш присутен во неговата работа. Можеше да се види како шета низ болница по работа, со микрофон во рака, но застанува за да изрази сочувство за мајките кои ги загубиле своите синови.

И двајцата ќе доживееме огромна загуба во оваа војна. Таткото на Анас беше убиен од Израел во воздушен напад еден месец по нашата средба. А мојот семеен дом беше погоден од воздушен напад врз нашата густо населена населба кратко пред да се сретнеме; мајка ми беше убиена, а сестра ми заврши на интензивна нега во болницата Ал-Шифа, дел од причините зошто бев таму тој ден. 

Израел го оправда својот напад со лажна пропаганда за милитантите кои се кријат во тунелите под комплексот. 

Кога се сретнавме во болницата, веќе фотографирав. Секое утро, го облекував мојот елек од три кила и трчав од масакр до масакр. Брзајќи низ градот Газа, фотографирав со едната рака бидејќи другата ми беше тешко повредена во нападот во кој беа убиени членови на моето семејство.

Во тоа време, најчесто објавував на социјалните медиуми. Анас, сепак, беше официјален новинар во Ал Џезира. Почна да ми ги објаснува правилата, трпеливо одговарајќи на сите прашања што ги имав, советувајќи ме како да комуницирам со уредници во странство.

За Анас неговото новинарство беше на прво место, но тој знаеше дека нашите приказни треба да излезат од Газа ако има надеж за меѓународна интервенција за да се запре геноцидот.

Знаеше дека е тоа опасна работа, но дека вреди. Ако не го правиме тоа, гласовите на замолчените луѓе можеби никогаш нема да бидат слушнати.

Самиот добиваше експлицитни закани.

„Уморен сум“, ми рече неколку дена пред да биде убиен.

Иако ме охрабруваше да заминам и работеше на евакуација на колегите, тој беше решен да остане, никогаш да не се откаже.

„Ова е мојата земја и ова е мојата реалност“.

* извор

26 август 2025 - 11:28