Нелиберални закони ја спасуваат либерална Шведска

Шведската полиција доби широки овластувања за да се справи со уличниот терор и пресметките меѓу бандите со мигрантско потекло. Доби ингеренции и за претреси на малолетниците кои сè почесто беа користени во тие пресметки. Либералите запомагаа дека сето тоа е грозно и дека не ѝ личи на Шведска. Две години подоцна мора да признаат: Па ова функционирало!

Во април 2024 година, шведските полицајци добија нови овластувања без судски налог да запираат и да претресуваат сомнителни лица, дури и малолетници, како дел од борбата против нарко-бандите формирани од мигранти од Блискиот Исток.

Свесното отстапување од неповредливоста на приватноста беше одговор од властите на тактиката на криминалците да регрутираат млади момчиња и девојчиња како „војници“, нудејќи им привлечни суми и до 150.000 круни (14.000 евра). 

Иако новите законски овластувања предизвикаа критики и протести од либералите, по две години се покажа дека се ефикасни. Бројот на инциденти со пукања во Шведска лани се намали за 63% на само 147. За споредба, имало 390 престрелки во 2022 година, кога нарко-бандата Фокстрот почнала голема пресметка за моќ против своите ривали. На рекордно ниско ниво падна и стапката на убиства од огнено оружје, која до неодамна беше втората највисока во Европската Унија.

Сакам да останам скромен. Ова е комплицирано, а сè уште имаме ниво на насилство што ниту едно пристојно општество не може да го прифати, изјави министерот за правда Гунар Штромер.

Како главни причини за падот на криминалот се посочуваат апсењето на високи членови на Фокстрот, но и намалувањето на возраста за кривична одговорност од 15 на 13 години.

Бандите преку социјални медиуми регрутираат деца на возраст и од 13 години за убиства на ривали, знаејќи дека поради возраста нема да бидат гонети. Во еден случај, 14-годишниот Фернандо Сукре од „калашников“ изрешетал влезна врата на дом на бандит. Нападот го снимало друго момче. Полицијата го фатила Фернандо, но го ослободила без обвинение.

Оливија, 17-годишна девојка, била ангажирана да направи и да фрли „молотов коктел“ врз дом на член на соперничка банда. Девојката била осудена на една година затвор.

Шведската полиција тврди дека ваквите случаи ќе бидат искоренети со засилени проверки, но и со прислушување на сомнителни малолетници. Во октомври стапи на сила закон што дозволува безбедносните служби да следат телефонски повици и онлајн активности на лицата под 15 години, ако се сомневаат дека се вклучени во банди

Не сме сигурни дека сме го запреле бранот, бидејќи е толку длабоко вкоренет во нашето општество. Но, морам да кажам, а ова го кажувам многу ретко, дека полицијата работи многу поефикасно... и ние сме многу побрзи отколку порано во решавањето на проблемот, изјави началничката на стокхолмската полиција, Карин Гетблад.

10 февруари 2026 - 15:23