Да, победува и покрај Рашагејт, Шитхолгејт и кој и да е гејт во кој допрва ќе упадне. И покрај рејтинзите кои би го расплакале и Никсона. И покрај лудите политички гафови - на пример кога бранеше осудени педофили - и бескрајната и непотребна драма што ја прави околу себе. Трамп победува. Луѓе, тоа се случува! И ако постои некој кој сака да го спречи - а се разбира, постојат милиони - треба да им е јасно со што се соочуваат. И ќе им треба многу повеќе од надмено размислување.
Прво треба да се разгледа фактот дека Трамп е неверојатно среќен човек. Еден од најсреќните во историјата кои се кандидирале за Белата куќа. Тој некако успеа да ја претвори својата репутација на хазардерство и бесрамност во штит. Колку многу контроверзи и скандали преживеа кои за некој негов претходник сигурно ќе беа кобни? Пред некој ден неговиот личен адвокат скандалозно соопшти дека - од лични пари - дал 130.000 долари на екс порно ѕвезда која се заканувала дека ќе ја открие врската со Трамп. И дека тоа го сторил само зашто Трамп бил супер дечко. Колкумина адвокати опзнавате кои од џеб ќе извадат стотина илјади долари за својот клиент затоа што имал големо срце?
И уште се немавме начудено на таа приказна, кога фокусот се сврти на друга: дека на претседателот изгледа виновен за смртта на учениците во Флорида му е истрагата околу Русија. Паметите кога го помилува контроверзниот шериф Џо Арпајо кој ја користеше својата служба за таргетирање политички противници и расно профилирање на сомнителни? Паметите кога Трамп ѝ се јави на вдовица на загинат војник па му го заборави името?
Никој не памти. Премногу сме исцрпени. Немаме време.
Второ, земете го предвид досегашното портфолио на Трамп како претседател. Тој има за што да се фати при реизбор. Симна даноци. Укина регулативи. Им ја запали чергата на ИСИС. Економијата си грми. Во таква ера на релативен мир и благосостојба, секој друг републиканец мазно би победил. Тој веројатно нема баш така да помине но ако работните места продолжат да се множат а економијата продолжи да бревта, без разлика дали тој заслужува тантиеми за тоа, ќе има многу гласачи на кои тие резултати ќе им бидат доволни да го гласаат.
Трето, опозицијата никако не може да се спастри. За што се залага Демократската партија во моменто? Па, го мразат Трамп и Русија. Се противеа на даночните реформи, ги сатанизираа, ама тие се покажаа како позитивни во очите на мнозинството Американци.
Многу работи зависат и од тоа против кого би бил Трамп во ноември 2020 година. Крилјата на Хилари и Берни уште се немаат опоравено од она што се случи и кај Демократите може да се појават расцепи поголеми и од сегашните.
Од друга страна, повеќето Републиканци досега толку се навикнаа на инертност и политичка импотентност што попрво би ја изгубиле контролата врз Парламентот отколку да ризикуваат да добијат некој отровен твит од претседателот. Мислите лесно ќе го отфрлат Трамп?
Да. Трамп е проклето среќен човек. И тоа може да ни даде уште 6 години со него.