Трамп не ја разбира војната што ја изгуби

Наместо да ја потврди капитулацијата пред Иран, Трамп дава изјави бизарни дури и според неговите стандарди. Режимот во Техеран, кој беше „олицетворение на злото“ сега е „разумен партнер“. Нуклеарниот материјал кој беше „егзистенцијална закана“ за Америка, сега можеби засекогаш ќе остане во Иран. Дали претседателот сè уште ги разбира зборовите што ги кажува?

Учеството на самитот на Г7 во Франција, Трамп го почна со класичен потег, очекувајќи од оние што го слушаат да заборават што знаеле до вчера. Во јануари им вети на Иранците дека „тираните ќе ги снема“. А, сега?

Никогаш не ми беше грижа за промена на режимот, им рече тој на новинарите, обидувајќи се да негира дека тоа воопшто некогаш било цел.

Уште почудно ги опиша новите ирански лидери, кои ги заменија во режимот оние што беа убиени во американските напади.

Имаме работа со луѓе за кои мислам дека се многу рационални. И беше убаво да се работи со нив. Силни, паметни луѓе... Тие не се радикализирани, сакаат да ѝ помогнат на својата земја“.

Во оваа „нерадикализирана“ група што му се допаѓа на Трамп се новиот врховен лидер Моџтаба Хамнеи (чиј татко, сопруга и син беа убиени во американските напади) и сè уште постоечкиот Корпус на Исламската револуционерна гарда, кои без никаква грижа на совеста напаѓаа во која било насока за време на „прекинот на огнот“ на Трамп, измислената пауза во чие време никој всушност не престана да пука. Тоа е екстремна верзија на тенденцијата на Трамп да ги опишува како „разумни“ непријателите што го совладале. Тоа го правеше низ годините со диктатори и автократи во Северна Кореја, Русија и Кина, меѓу другите. 

Трамп не се снајде подобро ни за иранската нуклеарна програма. Резервите на високо збогатен ураниум на Иран постојат затоа што Трамп еднострано го откажа учеството на САД во договорот од 2015 година што требаше да го спречи Техеран да збогатува ураниум над минималните нивоа за цивилна употреба. По нападите на САД и Израел минатата година и уште посилните удари за време на операцијата Епски бес, тој ураниум останува под земја – или е скриен во складишта или е закопан под тони урнатини. Дел од него веројатно може да се извлече и да се искористи за воена употреба. Трамп упорно повторуваше дека Иран мора да го предаде.

Сè до денес.

Јас го нарекувам нивниот збогатен материјал нуклеарна прашина. Врз него се урна цела планина. Имаме камери. Зошто воопшто да се мачиме, бидејќи веројатно вреди половина милион долари. Не е многу вреден, но мислам дека психолошки сакаме да го добиеме.

САД и Израел лани војуваа со Иран за да го спречат режимот во Техеран да развие бомба. Истата закана наводно беше во центарот на најголемата воена операција на Америка во последниве децении. Но сега високо збогатениот ураниум „не е многу вреден“? Претседателот го сака од „психолошки“ причини? Дали врховниот командант разбира што зборува? Уште поважно, дали Иран ќе задржи тони високо збогатен ураниум според овој нов договор или не?

Претседателот не може да ја разбере ниту политичката ситуација на Блискиот Исток. Никој надвор од администрацијата на Трамп, па ни Израел, сè уште не го видел конечниот Меморандум за разбирање. Наводно се бара прекин на израелската војна со Хезболах во Либан, што е сложен услов со оглед на тоа што Израел не беше страна во преговорите. Веројатно затоа премиерот Бенјамин Нетанјаху објави дека Израел ќе го задржи своето присуство во Газа, Либан и Сирија „колку што е потребно“.

Трамп, со други зборови, настојува да му го одземе правото на Израел да се брани, третирајќи го помалку како суверена земја, а повеќе како 51-ва американска сојузна држава предводена од досаден гувернер кој треба да се справи со федералната програма. Но, што ако Хезболах го нападне Израел? Трамп има одговор: Проблемот со Хезболах да му го препушти на сирискиот лидер Ахмед ал-Шара.

Сирија ќе се грижи за Хезболах, бидејќи искрено, мислам дека тие подобро ја вршат работата, изјави Трамп.

Ова го илустрира неговиот став за глобалната политика: Државите се само шпил карти кои тој може да ги измеша по желба. Дури и сега, по многу години како претседател, тој е фрустриран кога открива колку е мало неговото влијание кога другите нации одбиваат да ги напуштат сопствените интереси наместо да ги спроведуваат неговите наредби.

Едно нешто што е кристално јасно е дека единствениот лидер кој помина полошо од Трамп е Нетанјаху. Никој не треба да го сожалува премиерот на Израел: Тој ја предизвика оваа ситуација врз себе и врз својата нација. Не виде дека Трамп е предвидлив како изгрејсонце кога станува збор за личниот интерес: Кога нешто ќе тргне наопаку, си оди и ги остава другите да страдаат од хаосот што го создал.

Том Николс, The Atlantic

17 јуни 2026 - 12:00