Фридман, роден во Унгарија а со децении работи во САД, објаснува дека Европа никако не е имуна на историјата, "Унијата требаше да донесе мир и просперитет, ама континентот го нема ни едното ни другото."
Тој е помирен со тоа дека никој не може да го победи тероризмот, ама затоа владите можат да го минимизираат, а за тоа се потребни "интрузивни мерки кои Европејците не се подготвени да ги преземат."
Идејата за затворање на границите и враќање на истиот статус како пред Шенген зоната, по него и нема да има некој успех, затоа што едноставно не е можно успешно да се проверуваат толку многу луѓе, "а и да е можно избегнувањето на граничните премини и контролни точки е смешно лесно." Подеднакво нема да помогне и запирањето на приливот на бегалци, што е уште еден обид на Европејците на некој друг да му ја префрлат обврската. Тој некој овој пат е Турција, а во моментов ни најмалку не е јасно дали таа може и сака да го одржи својот дел од договорот.
Паралелно со директната штета од тероризмот низ Европа, секој напад само го засилува влијанието на радикално десничарските партии во Унијата, а нивната анти-муслиманска реторика само дополнително го изолира муслиманското население во општеството, што пак придонесува до нови напади.
"Економската реалност е дека на Европа и треба муслиманската работна сила, ама Европејците се повеќе не сакаат муслиманите да се меѓу нив. Затоа што не може да ги добијат и двете, хаосот само ќе продолжи," објаснува Фридман.
Иако продолжува со списокот забелешки околу Унијата, тој сепак не очекува распаѓање на ЕУ, туку смета дека таа "едноставно ќе бледее кон нерелевантност, објавувајќи едикти кои сите ќе ги игнорираат.
Некогаш моќната фантазија дека Брисел може да ја трансформира Европа во централизирана унија сега е мртва. Како таква, никој не треба да очекува ЕУ да го сопре тероризмот. Не може и нема."