Елвис Куртовиќ

Тајната на успехот

Талентот е само 10% од успехот. Сè останато е кирија, струја, брашно, шеќер, зејтин.... -од омотот на плочата на групата Булдожер.

Талентот е само 10% од успехот. Сè останато е кирија, струја, брашно, шеќер, зејтин....
-од омотот на плочата на групата Булдожер.


Тајната на животот е позната само на оние кои не успеале....
-од рекламниот плакат на Агрокомерц.

Како човек кој не успеал (како всушност и фирмата Агрокомерц), дозволете да ви дадам пар совети.

Изминативе години го препорачував методот самосугестија низ вежба: Јас сакам, јас можам, јас знам, јас имам врска! Но, се покажа дека доколку конкуренцијата има појака врска, вашата самосугестија може наскоро да прејде во самосожалување... Затоа да ги баталиме автосугестиите, парапсихологиите и биоенергиите. Сепак, мораме да забележиме дека во време кога не се градат нови енергетски постројки, единствен успех бележи биоенергетиката... (Клеопатра за министер за енергетика?!).

Да се држиме на приземните инстант-совети од типот: Подобро да молчиш и да те сметаат за глуп, отколку да проговориш и да го побиеш секој сомнеж...

Паметните луѓе секогаш наоѓаат начин да успеат. Така во старо време една пејачка на новокомпонирана музика открила начин како да го избегнува контроверзниот 'данок на шунд': "Јас за насловите на своите песни секогаш земам некоја народна поговорка - а како народна поговорка да ја етикетирате како шунд"?.

Слично се снаоѓале и навивачите на Вележ. Кога заради неспортско навивање милицијата ќе почнеше да ги пендрачи, тие почнуваа да скандираат 'Ние сме Титови, Тито е наш'!- и реакцијата на цајканите веднаш стануваше помлака...

Ама како да се успее денес кога државата планира да го поттикнува шундот со премии како со производителите на млеко, а мртвиот Тито не би им помогнал на навивачите на Вележ на гостувањето на својот стадион...?

А ако сте млади и се обидувате во светот на политиката - немојте само да молчите и да гласате онака како што постарите ви наредиле! Понекогаш, на некој главен одбор земете збор и нешто неодредено промумлајте: 'Ве молам, јас како најмлад овде, би го поздравил овој собир на чесни и паметни луѓе! Нема смисла овде толку многу да се расправаме, кога гледам, има овде толку многу угледни луѓе...' Со никој од босовите нема да се замерите - а сите ќе ве забележат и ќе сметаат на вас во иднина...

Сепак, во своите тиради немојте да бидете предолги! Така еден мој пријател - млад таксист - се појавил умерено 'весел' на важен состанок каде што жолчно се расправале за цените на стартот, километарот... За неупатените - во тоа здружение обично најсилниот таксист е претседател и ако не се однесувате по пропис, им крадете патници на колегите и сл., тој ќе ве најде на постојката и ќе ве претепа! Насред жестоката и заканувачка дискусија упаднал бесмислено насмеаниот таксист во рокерска јакна и почнал да лупа: 'Ма дајте луѓе - нека победи љубовта, дајте да видам насмевка на вашите лица....итн.'.
Таксиметарот отчукувал...
На претседателот на здружението му пукнал филмот и го опоменал рокерот, дека ќе биде испеглан ако не ја забрза дискусијата:'Би го замолиле младиот колега 626 малку да скрати...затоа што може Марица да дојде...и на сите кафе да ни свари...мислам дека се разбравме....'

Ако го разбравте она што јас ви го говорам, ќе ја избегнете Мара, ќе успеете и ќе имате пари...и ќе говорите мудро, како онаа шунд пејачка со народните поговорки...

Како и јас, кој за да не би му замериле дека колумната му е шунд, ќе завршам со народната: Подобро да имаш грутка во џебот отколку на грбот.

Елвис Куртовиќ

18 мај 2016 - 08:39