На сите треба да ни одекнуваат зборовите на Сартр по гротескната одлука на Високиот суд на Велика Британија да го екстрадира Џулијан Асанж во САД каде што се соочува со „жива смрт“. Ова му е казна за кривичното дело автентично, точно, храбро и витално новинарство.
Правна неправда е малку да се каже во овие околности. На дворјаните со перики им требаа само девет минути да ја усвојат американската жалба, покажувајќи тешка катаракта за доказите дека преку Атлантикот Асанж го чека пекол на земјата; пекол во кој, како што стручно беше предвидено, тој ќе најде начин да си го одземе животот. Комплетно беа игнорирани исцрпните сведочења од угледни луѓе кои го испитувале и проучувале Џулијан и му дијагностицирале аутизам и Аспергеров синдром, така помина и информацијата дека тој веќе сакал да се убие во затворот Белмарш (британскиот пекол).
Игнорирано беше и неодамнешното признание на клучниот ФБИ доушник, измамник и сериски лажго дека фабрикувал докази против Џулијан. Откритието дека шпанската фирма за обезбедување во еквадорската амбасада во Лондон, каде што Џулијан доби политички азил, е прокси на ЦИА за шпионирање на адвокатите, лекарите и луѓето во кои Џулијан има доверба (вклучувајќи ме и мене) - и тоа беше игнорирано.
Новинарското откритие кое убедливо го презентираше одбраната во октомври, дека ЦИА планирала и да го убие Џулијан во Лондон ако треба - дури и тоа беше игнорирано.
Секое од овие прашања беше по себе доволно за судија кој се држи до законот да го отфрли срамниот случај против Асанж покренат од корумпираното американско министерство за правда и нивните најмени јатаци во Британија.
Она што беше навистина шокантно беше тоа што судиите не покажаа никаква дилема околу тоа што го испраќаат Џулијан во неговата смрт. Тие не понудија никаква благост, ниту сугестија дека нешто се мачеле околу законитоста или барем основниот морал.
Нивната пресуда во корист, ако не во име на САД, се заснова само на проѕирно лажните „гаранции“ изработени од администрацијата на Бајден дека сè ќе биде во ред, дека тој нема да биде пратен во озглогласениот затвор во Колорадо, дека е можно да биде префрлен во Австралија да ја дослужи казната...
Апсурдот лежи во она што судиите не го кажаа: нудејќи ги своите „гаранции“, САД го задржуваат правото да не гарантираат ништо доколку Асанж направи нешто што не им се допаѓа на оние кои го затворија. Со други зборови, како што истакна Амнести, го задржува правото да го прекрши секое ветување.
Има многу примери како САД го прават токму тоа. Како што откри истражувачкиот новинар Ричард Медхерст минатиот месец, Дејвид Мендоза Херарте бил екстрадиран од Шпанија во САД со „ветување“ и „гаранции“ дека ќе ја отслужи казната во Шпанија. Сепак, Мендоза помина шест години во САД обидувајќи се да се врати во Шпанија а Америка повеќе пати го одбила неговото барање за трансфер.
Колумнава би одела до бесконечност ако набројувам примери кога САД ги прекршиле „искрени заклетви“. Тоа е начинот на кој Вашингтон владее со светот, а пред него и Британија: тоа е методот на империјална моќ, како што нè учи историјата.
Ова ме враќа до цитатот на Сартр од погоре:
„Да се погледнеме себеси, ако имаме храброст за тоа, за да видиме што се случува“.
Кој од нас е подготвен да се спротивстави наместо да остане набљудувач на една епска травестија како што е судското киднапирање на Џулијан Асанж? Во прашање е и животот на еден храбар човек, но, ако молчиме, и окупирање на нашиот интелект и чувството за добро и лошо: во суштина, нашата хуманост.
********
Од Пилгер види и: