Хравтски уредник и македонски зет

Сите ние сме по малку Македонци

Сите ние по малку сме Македонци, сплетени од љубов, среќа и надеж дека еден ден ќе биде подобро, оти бетер не може. И како што би рекол Влатко откако трипати ќе чукне во дрво за среќа - тоа е тоа, тоа е сè. Вистина ли е така? Ќе видиме во вторник во Порто.

Сум доживеал милијарда такви сцени, но синоќа после натпреварот ме погоди флешбек од пред една година. Како фамиллијарен возач и македонски зет, возев три генерации Македонци - ќерка, сопруга и нејзините родители на патот Крива Паланка - Штип. Македонските корона прописи нè третираа како две посебни домаќинства, па се тркалавме низ мистичните родопски беспаќа во источна Македонија гледајќи се под маските, додека полицијата ѕиркаше од зад секоја грмушка, гледајќи да нè одере за грст денари.

Бидејќи во такви семејни прилики обично се слуша некоја компромисна, а сепак за амбиентот прикладна музика, после сто години решив да пуштам „д бест оф“ од несомнено најголемиот македонски рок бенд Леб и сол. Некаде во вечерните часови, додека она вечно сонце на Дадо Топиќ исчезнуваше зад оџаците на уништените рудници изградени од Германците пред сто и повеќе години во некогаш славниот индустриски град Кратово, од звучниците се слушнаа првите стихови на македонски јазик кои ги научив и разбрав во животот. Нивен автор е Влатко Стефановски, некому омилена а некому омразена балканска рок легенда кој во тие неколку зборови го исцеди сумблиматот на она што Македонците го претставуваат самите за себе, но и за сите нас, колку и да зазвучат патетично и слаткасто.

Со една надеж
за трошка љубов
за малку среќа
живееме.

Со надеж за ронка љубов и малку среќа на теренот на Ла Фаворит, култниот стадион во подножјето на Монте Пелегрино, излегоа селекторот Благоја Милевски и единаесет тврдокорни фудбалски аргати кои лебот го заработуваат претежно во европски и азиски земји, меѓу кои и тројца мигранти во Хрватска - динамовците Аријан Адеми и Стефан Ристовски и Дарко Велковски од Риека. Му излегоа на мегдан на европскиот шампион, повеќекратно фаворизирана фудбалска велесила за која сите навивавме минатото лето за да го освои Европското, бидејќи заедно со Белгија која ја исфрли, играше најубаво, најквалитетно и најдобро.

Македонците излегоа со само еден план, а тој во фудбалот носи италијанското име - катанаџо. Фудбал во кој посилниот тим манијакално напаѓа, а послабиот ја заклучува вратата со катанец, ефикасно се брани и бара шанса од контранапад. Фудбал кој е грд и фрустрирачки за гледање, особено ако навиваш за посилниот, но фудбал кој ја комплетира смислата на играта и ѝ носи епска димензија на поетска правда - секако, ако послабата екипа успее да го оствари тој план.

Македонците трчаа како гладијатори во тој сицилијански амфитеатар, се фрлаа пред и под секоја топка, блокираа 16 од 32-те удари на Италијанците кон голот, се тркалаа на теренот после поострите стартови, правеа сè што се прави во најдоброто катанаџо. Лавовски се бореа надополнувајќи го индивидуалниот квалитет хендикепиран поради тоа што во моментов нивниот најкреативен играч Елиф Елмас - патем речено, член на италијански Наполи - е под казна, а најголемата фудбалска легенда Горан Пандев - патем, легенда на италијанскиот клупски фудбал - ја заврши репрезентативната кариера токму на Европското кое го освоија Италијанците. Ги издржаа и потценувачките свирежи од трибините во Палермо, бидејќи тоа еднаш веќе го истрпеа во Дуисбург, исто така џенем, каде што Германците ги сместија за што помалку загерана македонска дијаспора да дојде на трибините, но и нив шокантно ги добија на гости.

И потоа, во 92. минута, кога Италијанците веќе сменија половина тим подготвени да ги скршат жилавите Македонци во продолжеток или пак - како на Европското - да се извадат на пенали, од нигде никаде се појавува Александар Трајковски, кој од скопска Цементарница преку Запрешиќ во 2015. стигнува во Палермо и токму на таа Ла Фаворита одработува 4 години фудбалски стаж.

Забива еден од оние голови од тврд балкански инает, од мака што шминкерската италијанска одбрана вредна десетици милиони евра не му дозволува да пријде на помалку од 20 метри од голот. Во копачката ја набива целата крвава мака на сицилијански гастарбајтер, опалува со надеж во ронка љубов и малку среќа и преживува. Ја напика топката зад грб на Донарума, најскапиот голман на светот кого катарскиот емир Ал Тани, сопственик на фудбалската корпорација Пари Сен Жермен, го плаќа седум милиони евра годишно, додека Трајковски во саудиската Ал Фаја заработува 20 пати помалку.

Македонците ја преживеаја таа вечер во Палермо и сега го сонуваат чудото во Порто, оти мора да одработат уште едно катанаџо против Кристијано Роналдо, Пепе и другите фудбалски касапи кои на некоја финта, секогаш успеваат да збрцаат барем еден гол, дури и кога не го заслужуваат тоа. Веројатно е дека „ќе го видат Порто и ќе умрат“, дека ќе дојдат пред рајските порти и тука ќе снеможат, исто како македонските кошаркари, носители на дрвен медал од Литванија во 2011 година, исто како филмското ремек дело „Медена земја“ на Оскарите или како гордата Тамара Тодевска на Евросонг, со оној исклучок кој го потврдува правилото, а се нарекува ракометен клуб Вардар, европски првак од 2017 и 2019 година.

Баш како и самата држава која сега се вика Северна Македонија, која западниот и источниот свет, но и комшиите, ја шебаат како стигнат, домашните политичари ја черечат по принципот „раздели па владеј“, а обичните луѓе во сиот тој хаос го кратат патот до надежта, љубовта и среќата, секој на свој начин - често со земање бугарски пасош и заминување во светот, исто како нивните фудбалски легионери.

И кој после да им замери што после утакмица на градските плоштади распалуваат факели под спомениците на псевдомитологијата од гипс и стиропор, што го преплавија интернет со мемиња како симит погачата јаде пица и шпагети за доручек а претседателот на државата почнува да му се сили на Роналдо дека „тој е следен“?

Сите ние по малку сме Македонци, сплетени од љубов, среќа и надеж дека еден ден ќе биде подобро, оти бетер не може. И како што би рекол Влатко откако трипати ќе чукне во дрво за среќа - тоа е тоа, тоа е сè. Вистина ли е така? Ќе видиме во вторник во Порто. Што е до мене, она сонце зад оџакот во Кратово уште нема зајдено.

Бојан Стилин,
извршен уредник на Т Портал

 

25 март 2022 - 15:47