Наредбата на Владимир Путин војска да влезе во отцепените региони Доњецк и Луганск во источна Украина е шокантна. Тоа е напад на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Тоа е тежок удар врз правото на Украина на самоопределување, право што секоја нација мора да го ужива и за кое не може да се преговара. Секое прекршување на тоа право, каде и да се случува во светот, треба да се третира како сериозен акт против националноста и демократијата. Тоа е прекршок што Русија на Путин сега го направи и мора да се отповика веднаш, пред ситуацијата уште повеќе да излезе од контрола со потенцијално страшни последици за луѓето во Украина.
Влоговите сериозно се зголемија. Путин вчера испрати гласна, цврста, фрапантна порака не само до Украина, туку и до светот што ја следи ситуацијата. Одржа говор во кој отворено се потсмеваше и го поткопуваше суверенитетот на Украина. Овој народ нема историско право да постои, рече тој. Тоа е „колонија со марионетски режим“, тврди тој. Потоа ги призна отцепените проруски „републики“ на Украина, Доњецк и Луганск и им нареди на своите трупи да влезат во овие територии, за да се зачува мирот. „Миротворството“, како што досега сите би требало да знаеме, е орвеловски еуфемизам за војна. И со збор и со дело, Путин го исмејуваше националниот суверенитет на соседната нација, третирајќи ја Украина како обична парче земја на која има право да прави што му е волја. Ниту еден демократ не може да поддржи или толерира таква идеолошка и милитаристичка ерозија на правото на една нација за суверена контрола врз нејзината територија и нејзините прашања.
Да се разбереме, украинската криза е чудна и сложена. Тоа не е, како што би сакале да веруваме антируските гласови во западните медиуми, обичен случај на руска империјална носталгија што ја прегазува Украина и ѝ се заканува на самата Европа. Не е ова реприза на 1939 година. Не е фашизам. А Запад не е невин во овој дебакл. Ниту пак украинската влада, ако веќе зборуваме. Проширувањето на НАТО кон исток, неговото 20-годишно ползење кон руските граници, неговото флертување со украински политичари во обид да создаде уште една про-НАТО, про-ЕУ држава на прагот на Русија, одиграа многу значајна улога во поттикнувањето на тензиите во овој дел од Европа и разгорување на војната во 2014 година.
Бескрајно смрди лицемерието на западните коментатори во осудата на Русија за нејзиниот милитаристички упад во Украина. Тие луѓе се без срам. Вистината е дека она што Путин во моментов ѝ го прави на Украина, тие веќе им го направија на многу други нации, со многу посмртоносни последици. Тие се виновни за истото дело за кое сега бараат Путин да биде санкциониран и криминализиран. Од Авганистан до Ирак, од Сирија до Либија, а на поблаг начин преку игнорирањето од страна на ЕУ на демократските одлуки донесени во „проблематичните“ земји-членки, овие центристи кои се згадени од непочитувањето на Путин на правото на Украина на самоопределување, ги поминаа изминатите 20 години задушувајќи права на самоопределување, често со екстремно насилство.
Одговорете ми на ова: зошто нападот на Путин врз украинскиот суверенитет е полош од западното уништување на ирачкиот или либискиот суверенитет? Дали нивниот суверенитет беше крпа само затоа што во голема мера се не-бели земји, а со тоа и помалку важни? Дали затоа што беа посиромашни? Дали затоа што не се во Европа, а кого го заболе таквото за нации надвор од цивилизираната Европа, нели?
Кога сме веќе тука, зошто поддршката на Путин за отцепените региони во Украина е полоша од западната поддршка за таканаречените „бунтовнички“ сили во Сирија, во кои беа вклучени исламистички фанатици кои сечеа вратови на тинејџерите и правеа грозоморни работи на жени?
Ова е повеќе од лицемерие. Ова е флагрантен западен шовинизам, поттикнат од изопачено убедување дека кога ние ги правиме работите, тоа е добро, но кога други ги прават истите работи, тоа е криминално, неподносливо и заслужува најстрога казна. Што овие луѓе сега мислат за актуелните постапки на Путин е исто што ние мислевме за нивните постапки последните две децении. Нивната неспособност да го разберат тоа е фасцинантна.
Потребно ни ед ново движење во одбрана на националните суверенитети. Овој прогресивен, демократски принцип на меѓународната политика е под напад над две децении. Од ерата на западните „хуманитарни интервенции“, кога Тони Блер отворено го поткопуваше принципот за немешање во работите на други држави, па до Брегзит, кога одбраната на националниот суверенитет елитите ја прикажуваа како расизам и ксенофобија, правото на нациите сами да си ја одредуваат иднината е драматично, а понекогаш и насилно понижено. Без разлика дали тоа е направено со оружје – на НАТО начин, на саудиски начин, на турски начин – или пак со притисок и закани – на ЕУ начин – елитистичкото движење против принципот на национален суверенитет е во подем. Ова несомнено охрабри некој како Путин отворено да се потсмева на суверенитетот на Украина. Немешањето е глупост, така? Тие што се правеа најпаметни тоа го тврдеа со години.
Доволно. Ние во редакција не сме фанови на украинската влада. И немаме многу заедничко со западната медиумска елита која ги осудува постапките на Русија, но веќе следната недела ќе бара „ние“ да го правиме истото (а уште полошо), со некоја блискоисточна или северноафриканска држава. Ние веруваме дека националниот суверенитет треба да биде неприкосновен принцип на светските политики. Националниот суверенитет го овластува народот на одредена територија да се прашува за неговите работи и така да се штити од заинтересираноста и нападите на помоќните режими.
Ако националниот суверенитет стане стока за која може да се преговара, стока што може да се избрише по желба на Кремљ, Белата куќа или Европската комисија, тогаш во прашање е доведено постоењето на самата нација, а најмногу ќе страдаат демократијата и слободата. Војската на Путин нема право да биде ниту педа во територијата на Украина. Русија, надвор.