Српскиот премиер Александар Вучиќ овие денови најави иницијатива за одредување заеднички ден на сеќавање за настраданите во сите војни кои се случиле на подрачјето на бивша Југославија. Вучиќ нагласи дека би требало да се покаже подеднакво почитување кон жртвите, и дека сите би требало да знаат дека жртви постоеле и на другите страни. Сето тоа заедно, како и бројни слични поранешни обиди, по малку личи на форсиран обид за воведување некакво братство и единство на 21 век, до кого се чини најмногу им дошло на политичките елити и на по некој странски дипломат.
Како прво, невозможно е да се одреди датум кој би им бил заеднички на сите народи на бивша Југославија. Србите веројатно би инсистирале на Бура, Хрватите на Вуковар, муслиманите на Сребреница, Албанците на некој свој датум од крајот на деведесетите кога беснееше војната на Косово. Да се усогласи сето тоа и низ некаква расправа да се дојде до датум кој би бил прифатлив за сите страни, изгледа како невозможна мисија. Единствено ако се најде некој датум од првата половина на деведесетите на кој не е сторено ниту едно злосторство и никој не е убиен. Секако, ако таков датум воопшто постои.
Вучиќ е прелукав политичар за да има какви и да е илузии дека неговата идеја е прифатлива. Станува збор само за негова офанзива на шарм со која сака да се прикаже како умерен политичар на кого на ум му е само соработката во југоисточна Европа. Слично впрочем направи и по каменувањето во Сребреница, кога на состанок со Бакир Изетбеговиќ зборуваше дека никој заради тој инцидент не смее да ги мрази муслиманите.
Освен тоа, доволно е само да се сетиме на форсирањето на меѓусебните извинувања кои своевремено ги разменуваа Борис Тадиќ и Иво Јосиповиќ. Од целата таа претстава корист евентуално имаа само дипломатите од големите држави кои на своите шефови можеа да им се пофалат дека во време на нивниот мандат челниците на некогаш завојуваните држави размениле какви-такви извинувања. Корист немаа ни самите Тадиќ и Јосиповиќ, обајцата подоцна ги загубија изборите, а граѓаните на нивните земји продолжија да си го мислат она што си го мислеа и до тогаш.
Целата таа претстава со помирувањата, и со иницијативите врзани за нив, е многу повеќе плод на политички спин отколку на вистинска желба да се направи нешто корисно. Луѓето впрочем и самите си простуваат. И тоа без некои големи иницијативи одозгора.
Да ја земеме за пример кошаркарската регионална лига. На страна сега начинот како таа работи во финансиска смисла, но гледајќи однадвор напредокот е повеќе од видлив. На почетокот доаѓањето на кошаркари на Партизан или Ѕвезда беше вистински шок за радикалниот дел од навивачите во Загреб. Десет години подоцна инциденти веќе нема. А слична е ситуацијата и во Белград. На финалето на истата таа лига без какви и да е проблеми таму играа Цедевита и Цибона. Има уште слични примери така што слободно може да се каже дека спортистите меѓусебно повеќе или помалку се имаат смирено.
Освен тоа, одамна се имаат помирено и бизнисмените. Трговијата, инвестициите, купувањето фабрики, корупцијата, увозот, извозот, сето тоа минува под медиумските радари. Едноставно, животот оди по својот тек без оглед на какви и да е политички иницијативи за смирување. Иако граѓаните на некогаш завојуваните земји и понатаму не се сакаат претерано, секојдневниот живот и неговите побарувања, а посебно конзумеризмот, шопинг центрите, интернетот и лигата на прваци кај голем дел од населението ја имаат отапено желбата за исправување на националните криви Дрини.
Да не ја спомнуваме естрадата. Од дрндање по жолтиот печат за тоа со кого оди Северина, па до фактот дека српската турбо фолк пејачка, веројатно тоа така се вика, Сека Алексиќ, може без проблем да ги наполни дискотеките во места во Хрватска каде човек би можел да помисли дека тоа го може само Томпсон. Низ цела бивша Југославија без проблем кружи естрада од сите држави настанати од неа, од новите и старите рок бендови па до најголемиот музички треш.
И тука некаде би била и пораката до политичките елити на некогаш завојуваните земји. Не е неопходно да помагате, но доволно е да не пречите. Оние паметните тоа го имаат сфатено и, како на пример Вучиќ, помирувачките иницијативи со кои од време на време излегуваат во јавноста ги користат пред се' за билдање на сопствениот демократски имиџ. Они кои тоа не се способни да го сфатат, како на пример Тома Николиќ, и понатаму чукаат со политичкиот чекан таму кадешто дури и за освојување на политички бодови на домашен терен е доволно да му мавнеш по некоја заушка на вистинскиот или измислениот противник од државата со која некогаш се војувало. А самата Хрватска во целата приказна не би требало воопшто ни да се меша. Со влезот во ЕУ во политичка смисла во голема мерка го имаме напуштено подрачјето кадешто меѓусебните помирувања и обвинувања се се уште главна политичка тема.
пишува: Златко Црнчец / Нови лист