„Ова воопшто не е за Украина, туку за светскиот поредок“, рече Сергеј Лавров, рускиот министер за надворешни работи, еден месец по инвазијата. „Униполарниот свет неповратно станува минато... се раѓа мултиполарен свет.“
Со други зборови, САД повеќе не се светски полицаец – порака што силно звучи во земјите кои долго време се сомневаат во американската моќ. Јадрото на западната коалиција можеби останува цврсто, но тој блок не успеа да придобие многу од земјите кои одбија да изберат страна. Дипломатската мисија на Москва за градење врски и јакнење на својот наратив во изминатата деценија почна да исплаќа дивиденди.
Погледнете ја Африка. Лани во март, и покрај огромниот притисок од западните сили, 25 од 54 африкански држави беа воздржани или не гласаа по предлогот на ОН за осуда на инвазијата. Нивното одбивање јасно да застанат на страната на Украина беше доказ за руските дипломатски напори во земјите во развој.
Пред една година, министерката за надворешни работи на Јужна Африка ја повика Русија да се повлече. По посетата на Лавров пред неколку недели, кога беше прашана дали ќе го повтори тоа и сега, Наледи Пандор рече дека лани тоа било „соодветно“ но дека повторувањето би било „симплифицирачко и инфантилно“. Пандор потоа ги пофали „растечките економски билатерални односи“ меѓу Преторија и Москва, а двете земји ја одбележаа годишнината од војната со заеднички воени вежби.
Потоа, тука се северноафриканските земји, кои ѝ помогнаа на Русија да го неутрализира економскиот ефект од западните санкции. Мароко, Тунис, Алжир и Египет лани слободно увезуваа нафта, рафинирани масла како и хемикалии.
Владимир Путин намерно го негува овој сојуз на нации кои се чувствуваат жртви на западниот империјализам и ја става Русија на негово чело. Западот сака да ја гледа Русија „како колонија“, рече тој во септември. „Тие не сакаат рамноправна соработка, тие сакаат да нè пљачкаат“. Оваа порака звучи подеднакво добро и во големи делови од Азија, каде што повеќе од една третина од земјите одбија да ја осудат Русија на првичното гласање во ОН, како и во Централна и Јужна Америка, каде што продолжуваат да растат брановите на антизападни и антикапиталистички чувства.
Како што рече поранешниот индиски амбасадор во Русија, Венкатеш Варма: „Не ја прифативме западната рамка на конфликтот. Всушност, многу малку ја прифатија неа на глобалниот југ.“ Тој не зборуваше во име на индиската влада (во нејзино име зборуваше Јаишанкар, види овде - н.з.). Сепак, Индија, заедно со Кина и Јужна Африка, се воздржаа од друга резолуција на ОН минатата недела со која се бара Русија да се повлече од Украина.
Цврсто се држи идејата дека Америка и нејзините сојузници се извори на глобално нарушување и нестабилност. Неуспесите во Авганистан и идејата дека украинската војна се случи поради проширувањето на НАТО, поттикна симпатии за идејата дека Путин само му се спротивставува на Западот (што објаснува зошто Северна Кореја испраќа артилериски гранати, а Иран обезбедува камикази беспилотни летала).
Путин е мајстор за палење антиамерикански чувства. Во своето минатонеделно обраќање пред Федералното собрание, тој потсети на западните воени интервенции во Југославија, Ирак, Либија и Сирија. Тие покажале дека Западот дејствува „бесрамно и дволично... тие никогаш нема да можат да го измијат овој срам“.
Погледнете како ја поддржуваат Украина додека другите се напуштени, додаде тој. Над 150 милијарди долари се потрошени за помош и вооружување на Киев во период во кој најсиромашните земји во светот добија само 60 милијарди долари помош.
„Што стана со сите оние дебати за борба против сиромаштијата, одржливиот развој и заштитата на животната средина?“, праша тој.
Русија на Путин провокативно тврди дека сведочиме и на расна дискриминација. Во говорот пред шест месеци, Путин изјави: „Русофобијата не е ништо друго освен расизам.“ Русија на тој начин педантно ја користи западната вина за своето колонијално минато, додека се промовира како водечки глас на она што Лавров го нарекува „меѓународно мнозинство“. „Во текот на долгите векови на колонијализам, диктат и хегемонија“, рече Путин минатата недела, Западот „се навикна да му се дозволува сè, се навикна да плука по целиот свет“.
Истовремено, рускиот претседател му се обраќа и на социјалниот конзерватизам во светот. Затоа тој укажа на „англосаксонските девијации“ за геј браковите и родово неутрален Бог, нарекувајќи го тоа „духовна катастрофа“. Ваквите говори добро звучат кај побожните популации на планетата, кои дебатите за ЛГБТ ги гледаат како доказ за западната изопаченост и декаденција. Има причина зошто РТ, информативниот канал на Кремљ, со години ги култивира емоциите околу културолошките војни.
На тој начин Москва се претставува себеси како бастион на стабилноста во полудениот свет, дури и кога се обидува да го дестабилизира светот и да го направи уште полуд. Нејзината културна пропаганда е поткрепена со реалполитика и трговија, со нафта, гас, метали и земјоделски култури кои се користат како дипломатски мамки за да се игра руската игра. Тоа беше и оружјето, иако слабите перформанси на бојното поле ја намалија нејзината репутација како воена суперсила.
Потоа, тука е Кина, која минатата недела со половина уста повика на мировни преговори, а неделава е домаќин на сојузникот на Путин, белорускиот претседател Александар Лукашенко. Односот меѓу Русија и Кина секогаш ќе биде комплициран, но инвазијата на Украина и западните реакции создадоа огромни можности за кинеско-руска соработка. Кина купува рекордни количини на евтина руска нафта и гас, додека извезува екстра количини машинерија и полупроводници во Русија. Она што ги обединува е ширењето на идејата дека Западот е тој што е дестабилизирачки, непредвидлив и нестабилен.
На Пекинг му одговара да му терцира на рускиот наратив за нерамноправни натпревари и виктимизација, особено што развојот на војната во Украина се следи и за да се извлечат лекции за пристапот кон Тајван.
Последиците од пандемијата на некој начин отидоа во полза на Русија и Кина, што го забележа и извештај на Фондацијата Карнеги. Западните земји купија залихи на вакцини - многу поголеми од потребните - и потоа одбија да ги ослободат патентите за лекови, вакцини и дијагностика, зголемувајќи ги цените и резултирајќи со повисоки нивоа на смртност. Спротивно на тоа, енергичната „вакцинална дипломатија“ на Русија и Кина го зајакна нивниот статус, особено во Африка и Латинска Америка. И покрај спорната ефикасност на кинеските вакцини, здравствените власти во Јужна Африка престанаа да ја даваат британско-шведската АстраЗенека, верувајќи дека таа не врши работа. Минатата година, истражување на земјите во југоисточна Азија во врска со вакцините, покажа дека ЕУ има позитивен скор од 2,6 проценти, во споредба со речиси 60 проценти за Кина.
Што се однесува до војната, дали Русија навистина губи? Украинците се бореа неверојатно добро, но претрпеа огромни загуби. Западните лидери зборуваат дека Киев ќе добие сè што треба да ја „заврши работата“, но она што можат да го понудат следните недели, месеци, па дури и години изгледа мрачно, како што сугерира случајот со Бахмут.
Руската економија изгледа доволно силна за да продолжи војната: ММФ предвидува дека нејзината економија ќе порасне за 0,3 отсто оваа година. Во меѓувреме, стотици илјади руски регрути стојат на располагање. Како што забележа историчарот Стивен Коткин, демократиите водат војни поинаку од автократиите. Русија ќе продолжи да фрла необучени регрути во воените мелници за месо во кои ќе загинат три четвртини од нив. „Што прават нивните водачи потоа“, прашува Коткин: „Одат во црква в недела и бараат прошка од Бога? Не, го повторуваат истото“.
Таа равенка е поинаква за Украина, без оглед на тоа што ѝ испорачува Западот. Со текот на времето, ситуацијата оди во корист на оној кој може подолго да истрпи болка, во случајов Русија.
Коментаторите на руската телевизија радосно ги истакнуваат овие поенти, пакосно нафрлајќи дека во недостаток на руската пченица, ЕУ е подготвена да јаде и штурци. Зад таквиот сензационализам се крие надежта дека поддржувачите на Украина се исцрпуваат себеси и дека наскоро ќе се појават пукнатини во западната солидарност. Дали новооткриената посветеност на Германија кон Украина би преживееала една постудена зима? Руските пропагандисти исто така се свесни дека, во 2025 година, новата американска администрација може да обезбеди нови опции за Москва, особено ако има републикански претседател.
На Запад има големи победници, како што се акционерите во петте нафтени гиганти - BP, Shell, Exxon, Chevron и Total Energies - кои објавија комбиниран профит од 200 милијарди долари минатата, како и ОПЕК чии приходи лани беа 850 милијарди долари (види: Кој ја добива а кој губи економската војна во Украина? - н.з.). Но растот на цените на течниот гас значеше дека земји како Пакистан и Бангладеш ќе имаат прекини, што ја намали продуктивноста, што пак го отвори патот за социјални немири и политичка нестабилност, што пак го зголеми глобалното чувство на незадоволство од Западот.
Во најгруби црти, војната послужи како момент на еден од најголемите трансфери на богатство во историјата, при што државите богати со енергија собираат огромни бонуси што само дополнително ја забрзува промената на светскиот поредок.
Питер Франкопан,
професор по историја на Оксфорд