Оваа смртоносна каша на идеи, што ги води овие џихадисти родени во Европа, е комплетна спротивност на она што го преставува космополитскиот Брисел, главниот град на европскиот проект, кој беше нивна симболична мета.
Секој пат кога ќе се случи, ова не така слепо насилство, одново нè изненадува. А не треба. По Мадрид, по Лондон, по Париз, два пати, и сега Брисел, знаеме. Не можеме да игнорираме дека тероризмот е тука за стално. Да го кажеш ова не значи дека си повикувач на апокалипсата. Туку ова е реалноста со која мораме да се соочиме: битката против џихадизмот ќе биде долга.
Оваа процена не е наменета да служи за оцрнување на работата на полицијата или разузнавачките служби. Секоја разбиена терористичка ќелија, секое апсење, како она на Салах Абдеслам во Брисел минатата недела, дава само природно чувство на олеснување. Силата на демократските општества лежи во нивната способност да се продолжат како што било "претходно". Со тоа, тие ги спречуваат амбициите на џихадистите за провоцирање на осветнички напади против европските муслимани и да создадат колку можат повеќе мини-граѓански војни во Европа.
Сепак, ние не би требало да гаеме илузии. Ќе треба време, години, пред да го поразиме џихадистичкиот тероризам. Во здрави демократии, политичките лидери и влади треба да ги кажуваат работите како што се. А не ги кажуваат, и со тоа кријат дел од вистината.
Нема магичен рецепт и нема лесно решение, две работи на кои сме навикнати во нашите нетрпеливи, потрошувачки општества.
Оние меѓу бунтовните партии или кандидати - од Националниот фронт тука во Франција до Доналд Трамп и други - кои се преправаат дека е поинаку се неодговорни лажговци. Тие се поигруваат со болката на жртвите. Да кажеме дека само треба да ги срамниме со земја градовите што ИСИС ги контролира во Сирија и Ирак е апсурдно, напротив тоа би создало уште повеќе џихадисти. Да кажеме, како што тоа го вели Националниот фронт на Мари Ле Пен, дека само треба да ги затвориме границите внатре во ЕУ за да ставиме крај на европскиот џихадизам, е проста измама. Бројот на оружја и експлозиви во нашите држави веќе долго време се зголемува, додека корисничките упатства циркулираат по интернет. Во оваа борба не ни требаат продавачи на илузии.
Наместо тоа треба да ја признаеме комплексноста на ситуацијата, на две нивоа. ИСИС многу веројатно успеа да искали софистицирана логистичка мрежа во Европа, со цел извршување на симултани напади во различни европски градови. Тука нема изгладување на работите: борбата бара зголемување на арсеналот на средства со кои располага полицијата и разузнавачките служби. Во име на ефикасноста потребна е засилена координација на европско ниво. За жал, Унијата, која веќе не беше способна да се обедини во очи на мигрантската трагедија, е во регресивна фаза, што ја прави уште поранлива.
Меѓутоа европскиот џихадизам, иако изникнува од внатрешни причини, исто така е поттикнат од хаосот на Блискиот Исток. За да го изгасиме тероризмот дома, ние треба да ги решиме сириската и ирачката трагедија. Пак, ова веројатно ќе трае со години. Пак, иако Западот сноси дел од вината за постојните проблеми, никаде не можеш да ја видиш Европа како се обидува поправи нешто, едвај влечејќи се како актер во сето ова заедно со САД и Русија. Нејзината некомпетентност е очигледна во нејзиниот јасен недостаток на стратешка визија на Блискиот Исток и на сите други места. Ова само додава кон нејзината ранливост.
За нашиот континент, борбата против тероризмот значи прво соочување со вистината.