Поставена е сцената за пролетни и летни офанзиви при што двете страни се фокусирани на различни цели. На крајот и Украина и Русија ќе бидат исцрпени, со кусок муниција и во голема потреба од пауза, што значи дека ќе настанат услови за преговори.
Западот се обврза да ја поддржи битката на Украина против руската инвазија, но што реално може Украина да очекува со својата претстојна офанзива? Дали Западот ќе ја продолжува оваа непобедлива војна за Украина, или претстојните битки се само начин да се подобри линијата на фронтот во очекување на некаков облик на примирје или прекин на огнот подоцна оваа година?
Од украинска офанзивна перспектива, трите главни области на фокус се Донбас, Крим и копнената врска меѓу двата региони. Донбас троши животи и ресурси уште од 2014 година, а со оглед на неговата локација на границата со Русија, ќе биде многу скап и ќе одземе многу време за да се освои. Дури и ако руските сили бидат протерани, многу од жителите (особено на исток во близина на границата со Русија) се руски симпатизери, што ќе значи траен бунт кој ќе чини многу.
Крим е витален за Русија и повеќето западни аналитичари проценуваат дека неговото освојување би било исклучително тешко да се постигне.
Останува копнената врска. Доколку украинските сили успеат да го пробијат руската одбрана на фронтот, тоа би била значајна победа но дури и ако таквата операција биде многу успешна, таа ќе ги остави украинските сили исцедени, ранливи и со опасно ниски нивоа на муниција и оружје.
Путин постојано тврдеше дека неговата инвазија на Украина е „специјална воена операција“ со ограничени цели. Со обезбеден Крим, Донбас претставува витална „тампон зона“ меѓу Русија и потенцијалното источно крило на НАТО и останува висок приоритет за Путин. Што се однесува до копнениот мост, иако важен, тој не е од витално значење за Русија бидејќи би било тешко да се брани. Освен тоа, веројатно обезбедува добредојдено одвлекување на вниманието додека Путин се фокусира на неговите примарни цели.
Со обезбеден (поголемиот дел од) Донбас, Русија може да прогласи победа - барем за домашната публика. Поголемиот предизвик е Зеленски да прифати отстапување територија. Тука ќе влета американската дипломатија.
Шон Бел,
воен аналитичар, за Скај њуз