Развојот на настаните во Ирак и Сирија денес покажува голема сличност со динамиката на политичкиот натпревар кој се одвивал на отоманскиот Балкан во доцните 1890-ти и раните 1900-ти. Во обата контекста, иако одделени со еден век, локалните учесници ги имаат водено нивните политички битки преку манипулација со постоечките меѓународни ривалства. И на двете места е употребено екстремно насилство како значајна алатка во одржувањето политички сојузништва и создавањето нови, што резултирало со поплава бегалци кон соседните земји. Во обата региона западните државјани биле мета за остварување на различни цели, како на пример киднапирањето на Елен Марија Стоун од македонските револуционери во 1901, и неодамнешните убиства на Џејмс Фоли и Стивен Сотлоф од страна на ИСИС. Иако реакциите на меѓународната заедница во двата конфликти биле изразени низ сличен политички јазик кој ги акцентирал хуманитарните идеали, истите меѓународни актери продолжиле да учествуваат во овие навидум локални конфронтации, и да инвестираат пари, војски и енергии во водење агресивни кампањи, кои всушност биле „прокси" војни.
На крајот на 19 век, терминот „македонско прашање" бил често употребуван во европскиот политички дискурс за да ја опише политичката иднина на трите отомански провинции лоцирани на Балканот. Претставниците на отоманската власт ја одбегнувале употребата на името „Македонија" поради страв од нејзино консолидирање, но истовремено една регионална и транснационална битка се одвивала во име на правата на тогашните христијани од регионот, под она што многумина го сметале за репресивно владеење на отоманскиот султан/калиф со седиште во Истанбул. На почетокот на 20 век, регионот почнал да бележи подем на герилско војување и воено насилство, поттикнато и поддржано од локалците а финансирано од малубројни надворешни и домашни спонзори. Политичката судбина на отоманските територии на Балканот оттаму ја сочинува суштината на македонското прашање, кое не само што ги држело Русија, Британија, Франција, Австро-Унгарија, Србија, Бугарија, Грција и другите длабоко заинтересирани за регионот, туку исто така почнало да ја анимира политичката сцена и на локално ниво. Вооружени со нови оружја, како на пример динамит, како и со печатени медиуми кои добро се наоѓале за пропаганда, група револуционери се појавила во Отоманска Македонија и почнала секојдневно да промовира политички барања кои вклучувале, иако не биле ограничени на, добивање државност и неочекувана но сепак не и неверојатна промена на сојузништвата.
Населението на Отоманска Македонија живеело заедно со векови со малку или без никакви проблеми. Како резултат на тоа тие формирале навистина мешани заедници, каде Бугарите зборувале и се молеле на грчки, муслиманите и христијаните склучувале меѓусебни бракови, Евреите тргувале со Арапите, некои останувале католици или православни, додека други инсистирале на похетеродоксни убедувања. Конфесионалните, етнички, верски и класни линии на идентификација се преклопувале, а сојузништвата биле бројни. Сепак, да не бидеме сфатени погрешно, регионот бил далеку од идеално општество ослободено од социо-економски и политички проблеми. На крајот, Отоманската метропола развила хронична неспособност да ги решава различни прашања во регионот, делумно заради неповолната промена на динамиката на моќта која ги спречувала отоманските реформистички напори. Сепак, она што ги правело работите особено насилни во Македонија била сложената врска која се развила помеѓу локалните и меѓународните чинители. Револуционерите продолжиле да бараат спонзори и поддршка надвор за да ги спроведат нивните цели, а Западот и регионалните центри ги користеле локалните револуционери за притискање на отоманскиот султан по нивна волја.
Денес, шемата на меѓузависност помеѓу агендата на локалците и меѓудржавните ривалства изгледа како воопшто да не се променила. Во Ирак и Сирија интересите на регионалните и меѓународните сили продолжуваат да потхрануваат опасни внатредржавни играчи, како ИСИС. Сепак, последниве не можат да се издвојат како куриозитет, затоа што меѓународниот натревар за регионот, со сиот збир ненамерни последици, има повеќекратни историски преседани во периодот по Втората светска војна. Поширокиот контекст на натпревар за Блискиот Исток датира од консолидацијата на Исламската република Иран по револуцијата од 1979. Како што шиитизмот почна да добива силна политичка платформа, заедно со харизматичниот водач Ајатолахот Хомеини, така сунитската реакција низ целиот Блиски Исток, великодушно спонзорирана од нафтено богатиот саудиски вахабизам, го претвори Садамовиот Ирак во воена зона со Иран, што резултираше со политизација на шиитизмот и на сунитскиот ислам во места како Либан, и доведе до масакри како оној во Хама, Сирија, во 1982. Првата фаза на натпревар за регионот беше комплетна кога САД, заедно со одреден број други западни сили, одлучи да ги земе работите во свои раце наместо да игра зад завесите. Резултатот беше кршливата, но про-западно ориентираната демократска држава Ирак.
(...) Шокантно е да се набљудуваат тактичките и реторичките сличности помеѓу начинот на кој Запад се обидувал да го „реши" македонското прашање во раните 1900-ти и начините на кои регионалните и западните центри се обидуваат да излезат на крај со заканите кои доаѓаат од Блискиот исток денес. Дискурсите кои ги акцентираат цивилизациските вредности и човековите права, како и идеите за национална, регионална и меѓународна безбедност, изгледа дека воопшто не се смениле, ниту пак се сменил злокобниот циклус проблеми кои постoјано „бараат" итно надворешно внимание и интервенција. Македонското прашање на отоманскиот Балкан се „решило" по две децении герилско војување, следено од две регионални војни, а потоа од глобален конфликт во вид на Првата светска војна. Во изминатите неколку децении ситуацијата во Ирак и Сирија се покажа еднакво отпорна, во смисла на тоа дека постојано се обновува и го има дефинирано курсот на регионалниот и на глобалниот политички натпревар. Можеме само да се надеваме дека решавањето на конфликтот на Блискиот Исток ќе се разликува од она на неговиот македонски претходник.
автор: Рамазан Хакки Озтан
целиот текст тука