пра-стара колумна на пра-денешна тема

НИЕ И ЖЕНИТЕ – 2 МИЛИОНА!

Ја будам другата во мене. Во жлездите си барам остатоци од естроген. После секој шмрк кафе со увежбан потег на палецот и домалиот прст ги бришам краевите на затегнатата уста. Го штелувам очниот нерв да реагира само на ронки на тепихот. Се јавувам на телешоп и се распрашувам дали Орбитрек ќе успее да ме стегне до јули па кога ќе се појавам на дојранската ривиера, од завист да испопаѓаат сите крави и магариња кои пасат по плажа. Од вежбата дигам раце кога ќе дојдам до вибраторот. Јеби га, да не претеруваме.

Ах, жена: не можеш да живееш без неа, а не можеш ни да ја закопаш во двор без да те види комшијата.

Каков скот сум, нели? Добро, можев и нешто попригодно да гукнам по повод денот на жената, мајката, сестрата и швалерката, ама искрено да ви кажам, најдраги мои сифражетки, свечено ме заболе тестостеронов за тој празник.

Фуј е неговиот штреберски карактер и неподносливата политичка коректност која просто се подразбира на тој ден: жената е инспирација, Жената е тајна, Жената е трајна, од трајната ти гори косата, од косата не гори селото ама што станува со уставното право на бабата да биде исчешлана... Маде голо. Како да не знаеме и јас и Вие какви сè жентурачи и бештии газат по земја. Ама ете и тие дента се качуваат на 24 часовниот пиедестал, затскриени позади колективната сукња како дилер на хероин зад политичка амнестија.

Кој било машки билмез да го пресретнеш со камера овие денови и да го прашаш нешто во врска со 8 март, од прва ќе ти плесне нешто очајно исправно: мислам дека Жената кај нас е запоставена; да, да, рамноправност мора да постои; ах нашата балканска средина е далеку од западните стандарди; ех нивото на свеста кај нас е на ниско ниво (?); цветот не е важен ами вниманието; секако, секако, јас секогаш ја почитувам својата Жена – перам, пеглам, ја депилирам, и носам кафе во кревет...

Така ќе се запенави мажјаков околу женските права, небаре Клара Цеткин со години трпеливо чучела во неговото тело само за да начека ТВ анкета и да ни ја отвори душата. Ќе помислиш дека ќе му пораснат штикли на плитките мокасини додека беседи за клучната улога на Жената во процесот на фотосинтезата и дека после ќе фати да се мава со нив по глава казнувајќи се што воопшто дозволил да биде машко.

Откако ќе го издекламира манифестот, задоволен од својот тв перформанс ќе и се врати на својата сакана. Нормално, утредента навистина ќе ѝ донесе кафе во кревет. Нејзе ќе ѝ остане само да го сомеле.

Само е прашање кога ќе го начекам конечниот В ден (хмм, тоа „в" е претставник на латински или на англиски збор?) кога некој машки примерок, во акутен напад на феминизам ќе ја препее славната равенка за српско-руската бројност и пред сексистичките камери ќе крикне: Ние и жените – 2 милиона!

Комунизам, национализам, феминизам, ревматизам... фак оф со тие досадни купчиња. Пеки, сме чуле многу убави работи за некои разработени демократски механизми со кои се чуваат разните антрополошко – политички купчиња, ама, токму досегашните верзии на тие суптилни механизми за одбрана на колективитетите, ми го здробија името и презимето. Затоа, на памет не ми паѓа да ги делегирам зашто не знаеш на кое купче попрво да му ги дадеш. Што ќе остане од мене ако си го децентрализирам граѓанскиот статус на такви купчиња кои едвај чекаат да се фатат за врат со спротивниот табор. Разбашкарен како бракот на Брозови (башка Тито, башка Јованка) ќе си го цедам животот меѓу дилемите дали повеќе сум Македонец отколку маж, маж отколку Скопјанец, Скопјанец отколку социолог, панкер отколку хипик. Одбиј! – командувам строго но праведно – Трендо е суверена и територијално неделива територија чиј интегритет ќе се брани до последната буква на тастатурата, до последниот спомен, до последното кафе испиено во друштво по мој избор.

Види сега, најмалку 30 проценти од пратениците да биле жени. Колку симпатична идеја, просто мидеров ми пука од радост. А зошто минимум 10 посто од пратениците да не бидат далтонисти? Зарем некој друг може адекватно да го изрази нивниот поглед на работите? Зошто 37 проценти од депутатите да не бидат повисоки од 183 сантиметри? Кој ќе гарантира дека оние пониските можат квалитетно да го бранат нивниот дискурс?

Што е следно, група локални амазонки да освојат некое нивно Танушевци и да ни порачаат дека „Танушевци неќе пасти" сè додека од него се слуша макар една турпија за нокти? Па потоа Ние возвраќаме жестоко: ги надлетуваме со хеликоптер и наместо Вагнер им пуштаме пренос од фудбалска утакмица. Нив ги фаќа паника, но брзо се соземаат и преку мегафон ни ги тенчат нервите раскажувајќи ни шпански серии. Очајни до Адам и назад, ние испраќаме специјални диверзантски групи кои треба да ги охрабрат нивните петоколонашки – тивко се доближуваат до првите женски ровови и почнуваат со проверената маалска љубовна ономатопеја :

„Чксс, чксс" или евентуално „Шц, шц..."

Кога ќе се заморам од ваквиот милитантен епилог на половата војна, се обидувам да го разрешам мојот хормонален дисбаланс со психички вежби. Ја будам другата во мене. Во жлездите си барам остатоци од естроген. После секој шмрк кафе со увежбан потег на палецот и домалиот прст ги бришам краевите на затегнатата уста. Го штелувам очниот нерв да реагира само на ронки на тепихот. Се јавувам на телешоп и се распрашувам дали Орбитрек ќе успее да ме стегне до јули па кога ќе се појавам на дојранската ривиера, од завист да испопаѓаат сите крави и магариња кои пасат по плажа. Од вежбата дигам раце кога ќе дојдам до вибраторот. Јеби га, да не претеруваме.

Во секој случај, сега најбитно ми е дали онаа госпожа што ја напишала Вагинални монолози ќе успее да стигне до нас наспроти забраната на загрижениот Стејт Департмент. Јој каква возбудлива еротска авантура: да се стаса инкогнито во резерватот наречен Македонија, во карантин зоната во која и после 8 март, на сите ќе им биде чкарт. Па да ја прашам на што мириса В денот, да ми каже какво внимание заслужила жената стечаец, мајката стечаец и сестрата стечаец. Пошто јас не знам. Оти сум машко, нели?

Ах жена: не можеш да живееш без неа, а не можеш ни секогаш да ја натераш да се облече во кожа и да те плеска по газето со брезово стапче...

Трендо во Фокус, 2001-ва или 2002-ра

8 март 2014 - 09:44