Прекин на огнот меѓу завојуваните страни, повлекување на Русија, стоп за испораката на оружје, мир преку преговори и крај на НАТО. Тоа е она што меѓународната левица треба да го прави за руско-украинската војна. Не повеќе оружје за украинската војска, не бранење на инвазијата на Москва.
Кога сè ќе биде кажано и направено и оваа војна ќе биде прекината, ќе дојде ситуација во која за огромното мнозинство украински работни луѓе, најголем непријател ќе биде украинската влада. Исто така, ако војната трае доволно долго, најголем непријател на огромното мнозинство руски работници ќе биде нивната влада. Олигарсите во двете земји ќе останат олигарси, додека рускиот и украинскиот народ ќе ги сносат сите човечки, финансиски и други воени трошоци.
Ако некој мисли дека тековниот конфликт ќе заврши некако поинаку, нека се потсети на историјата на војните, особено модерните. Оние во кои цивилното население се бомбардира, регрутите се принудени да убиваат и да умираат во илјадници, каде меѓународните банкари даваат заеми на сите страни додека не започне битката. Сето тоа време, генералите и политичарите зборуваат глупости како тие бранат принципи, како повеќето од нив воопшто да имаат некакви принципи што не можат да се купат.
На сè повеќе луѓе им станува сè појасно дека оваа војна навистина е прокси војна и дека Украинците се жртвувани од Вашингтон и неговите клиенти (вклучувајќи ја и владата во Киев), додека Русите се жртвувани од нивната влада. Ниту една позиција - украинска или руска - не е за завидување.
Како што истакна еден виетнамски ветеран кого го познавам, ова е совршена војна за воено-индустрискиот комплекс во кој доминираат САД. Нема вреќи со тела кои се враќаат дома, нема антивоени демонстрации, практично нема притисок да се преговара.
Значителен дел од она што вообичаено го сочинува американското антивоено движење сега всушност е навивање за украинската војска. Накратко, ова е ситуација од соништата и Вашингтон и неговите мињони ќе се борат до последниот Украинец за да го одржат профитот на воената индустрија.
Стравувањата дека војната ќе продолжи да ескалира се вистински. Владетелите на капиталистичкиот свет уште еднаш докажаа дека не само што се мајстори за правење хаос, уништување и смрт туку и дека без проблем можат да го убедат најголемиот дел од нивното население дека тоа не е само добра работа, туку и морална и чесна.
Во овој наратив, обвинети се токму оние од нас кои одбиваат да ги прифатиме нивните војни и нивните образложенија за тие војни. Од мојот прв текст објавен по руската инвазија на Украина, во инбокс ми стигна писмо дека мојот антивоен став е криминален. Мојот одговор е едноставен - не е криминал да се спротивставуваме на криминалите на војната. Ова не е прва војна каде што се упатуваат вакви обвинувања кон оние што се против војната. Се сметам за среќен што ова не е Првата или Втората светска војна. Многу американски противници на тие војни беа затворени.
Со оглед на цензурата на антивоените ставови и на Запад и во Русија, кој ќе каже дека тоа нема да се случи и во иднина? Американското Министерство за домашна безбедност (веќе мириса на Орвел) неодамна објави дека создава нов „Одбор за управување со дезинформации“. Шеф ќе биде Нина Јанкович, која, цитирам: „ја советуваше украинската влада за стратешки комуникации“.
Со други зборови, ги советувалa како да пишуваат и шират пропаганда. Тие скрипти сега ги носи пред американската јавност. Може да бидете сигурни дека таа ќе ги продолжи и интензивира приказните за Киев, Москва, Вашингтон и НАТО со кои веќе се заситуваат САД и голем дел од Европа.
Да се тврди дека ескалацијата на војната ќе спречи подолга војна е обична глупост. Веќе може да се тврди дека ескалацијата веќе ја продолжи војната. Многу малку вистински војни завршуваат кога војната ескалира. Тоа обично го продолжува хоророт. По мене, луѓето кои искрено се грижат за оние кои се под оган се оние кои повикуваат на прекин на огнот и преговори, а не оние кои навиваат за повеќе пратки со оружје.
Со отфрлање на оваа опција, се прифаќа бинарен избор што значи повеќе војна, за двете страни. Тој избор е дефиниран од завојуваните армии и владетелите кои ги влечат конците. Да се направи тој избор не значи да се направи избор за мир. Просто и јасно, тоа значи да се избере повеќе војна.
Рон Џејкобс,
за Кантерпанч