Нема што да нагаѓате, слушајте

Европа не обрнува доволно внимание на пораката што сред војна доаѓа од Кремљ и на вистинските обиди за предизвикување на социјални немири, пишува Марија Тадео во текстот за Блумберг.

За Европа сите аларми светат црвено.

Предупредувањата за зимска рецесија се сè погласни, заедничката валута паѓа а пазарот на струја веќе е во кризна состојба. Меѓутоа европските влади и понатаму заостануваат три чекори - во најголем дел затоа што трошат премногу време на нагаѓање кој ќе биде следниот потег на Русија. Наместо тоа, треба да обрнуваат поголемо внимание на она за што Москва се залага: социјални немири.

Минатата недела, Дмитри Медведев, некогаш либералната надеж на Русија кој се претвори во еден од најагресивните гласови против Украина, напиша долг текст во кој ги поттикнуваше европските граѓани да протестираат против „глупите“ одлуки на нивните влади (санкциите) и да ги казнат за тоа (да ги соборат со гласање). Тој смета дека Европејците сакаат поблиски врски со Русија ама се погрешно насочени од глупите политики, додека Русија сака соработка со народите на Европа. „Не останувајте тивки... Русија може да чуе,“ напиша Медведев. На крај тој спомна дека во Русија е топло - евтин удар за Европа која влегува во зима со енергетска криза предизвикана баш од прекинот на руско снабдување.

Текстот на Медведев беше вирален во Италија, па дури и заврши на насловните страни на Ла Република и Кориере дела Сера, двата водечки национални весници. Двата медиума го обвинија Медведев дека се меша во изборната кампања која е во тек во Италија пред гласањето следниот месец. Италијанската левица дури обвини дека Русија сака да предизвика општествени тензии. Десницата, која моментално води на анкетите и често пати е обвинета дека е мека кон Кремљ, изјави дека изборите ќе бидат одлучени од Италијанци, а не од Руси. Сепак, Матео Славини, лидерот на крајно десната Лига, ги поврза санкциите со кризата со цените во земјата, порачувајќи дека е неопходно дипломатско решение за заштита на италијанските домаќинства и оддалечување од агресивната позиција на Марио Драги кон Русија.

Веќе не е тајна дека Русија сака да предизвика целосна промена на одлуката за санкциите преку искористување на своите енергетски резерви. Кремљ верува дека Европејците со тек на време ќе кренат бело знаменце, и користи двоглава стратегија за да го постигне ова. Од една страна, ја одржува несигурноста за снабдување со гас. Русија не мора целосно да го секне снабдувањето со гас за да предизвика штета - самата помисла на зима без руски гас е доволна за да доведе до хаос. Бројни индикатори покажуваат дека Путин победува на енергетските пазари. Од друга страна тие се зафатени со предизвикување социјални немири. Тоа е она за што и Медведев пишува. Претседателот Путин исто така има зборувано за „економското самоубиство“ на Западот а руските ботови ја засилија таа порака преку дезинформации на социјалните мрежи.

Европа не обрнува доволно влијание на воената порака на Русија. Про-руски корисници го преплавуваат интернетот со сè од отворање на Северен тек 2 до санкции. Од почетокот на војната руски дипломати и државни медиуми твитаат далеку повеќе за европската зависност од руски гас, отколку за нивното уверување дека Украина е наклонета кон Нацистите (што е првичната основа за инвазијата), покажува студијата на германската Алијанса за обезбедување на демократијата.

Целта, според авторот на студијата, Јосеф Боднар, е да се поткопаат европските санкции и да се олади поддршката на јавноста за Украина, со тоа што ќе се претстави како проблем за животните стандарди. Копирањето на протестите на Жолтите елеци во Франција, би бил „сонот на Кремљ“, тврди Боднар.

ЕУ во февруари презема чекори за да се замолчат руските дезинформации со тоа што ги блокираше медиумите како РТ и Спутник. Меѓутоа функционерите признаваат дека е тешко да се спречи секој пропаганден обид на интернетот.

Социјалните немири се реална можност зимава, можност за која европските влади треба вистински да се спремат, наместо да ја филуваат.

Бројките зборуваат сами за себе: Германија проценува дека сметките на просечното домаќинство зимава би можеле да пораснат за  500 до 1000 евра - и ова би можела да е конзервативна процена. Германските власти веќе ги предупредија потрошувачите дека треба да стават пари на страна за дополнителни трошоци. За семејствата со ниски приходи, ова би значело избор меѓу купување храна или гориво. Германскиот канцелар смирува, порачувајќи дека Германија има длабоки џебови кои ќе го ублажат ударот.

Иако ова може да е точно за најголемата економија на евро зоната, фискалната слика страшно варира кај остатокот од Европа.

На пример, Франција веќе се реши да ги ограничи цените и да ги покрие трошоците преку тамошното електростопанство, кое е на пат да стане целосно национализирано. ММФ предупреди против такви општи мерки, повикувајќи наместо тоа на таргетирани мерки насочени кон домаќинствата со ниски примања. Ама тука има важна политичка математика: Макрон сака да го избегне хаосот предизвикан од кревањето на данокот за дизел во 2018, и сака да ја неутрализира Марин Ле Пен како кандидатка за работничката класа. Во таа смисла, тој купува социјален мир.

ММФ предвидува дека Чешка, Словачка и Унгарија ќе се соочат со рецесија ако Русија го запре снабдувањето со гас. Држави како Бугарија, која беше една од првите што во април беше изгасена откако одби да плати во рубљи, објави дека повторно ќе започне разговори со Русија. Загриженоста е дека рускиот гас доаѓа со политичко влијание - и дека ќе поништи голем дел од работата што ЕУ ја заврши од почетокот на војната.

Како што претходните кризи покажаа, Европа со различни брзини е Унија која не функционира. ЕУ е најдобра кога делува здружно и ги координира своите постапки. Додека Европската централна банка се фокусира на борба со инфлацијата, европските лидери мода да размислуваат околу политички стабилизатори. На блокот му треба дискусија за краткорочно споделување на товарот што би ја намалило болката од сметките за домаќинствата и долгорочно финансирање за стекнување на енергетска независност. Чешката република која го држи ротирачкото претседателство на ЕУ, веќе рече дека ќе ја стави оваа тема на маса. Сите останати веќе не треба да трошат време. Зимата ќе удри како студен туш.

Ако Европа не успее да испорача сеопфатно решение за своите граѓани кои страдаат под финансиски притисок, влијанието врз социјалното ткиво на континентот ќе биде огромно. И ќе биде токму во корист на руската пропаганда. Минатата недела, Емануел Макрон, додека оддаваше почит на ослободувањето на Борм-ле-Мимоза од нацистичка окупација, спомена дека слободата има цена, и тоа е цена што вреди да се плати. Меѓутоа таа цена исто така треба да биде и фер.


Марија Тадео,
Блумберг

31 август 2022 - 13:12