Заради правниот систем во Италија, оваа пресуда не претставува преседан. Основата за одлуката е 2000 години стариот принцип "ad impossibilia nemo tenetur" (никој не може да биде присилен да го направи невозможното), кој се користи во исклучителни услови во кои е невозможно да се следат стандардно востановените правила.
Пораката на Леонид Бершидски во колумната за Блумберг е дека ова не значи дека "на Италијанците им е дозволено да крадат храна ако се гладни."
Тој наведува сличен случај од минатата година кога британски судија ослободи двајца, фатени како крадат храна откако останале со само 8 фунти за преживување на цела седмица. Тогаш прашањето судијата беше "Како очекувате тие да живеат?"
Во Алабама во 2014-та, полицаец викнат од обезбедувањето на еден супермаркет купува дузина јајца за сиромашната жена на која во џеб и се кршат јајцата што се обидува да ги украде од продавницата.
"Сепак многу почесто е сиромашните кои крадат храна да бидат казнети. Ослободувањето на Остриаков од 6-месечната затворска казна и глобата од 100 евра вреди да се спомене, бидејќи покажува дека системите на развиените држави за борба против сиромаштијата не функционираат. Случаите како Остриаков, оној во Британија и во Алабама се доволно 'чисти' за да предизвикаат сожалување. Украинецот го скрил украденото во своите алишта и не се противел кога друг муштерија го пријавил на обезбедувањето на супермаркетот. Кражбата била доволно мала за да биде очигледно дека е од очај. Во случајот во Британија двајцата биле невработени - жената заради здравствени проблеми и клиничка депресија, мажот заради повреда на 'рбетот - и двајцата крадат од корпи со фрлени производи со изминат рок во Теско супермаркетите, кои продавницата сметала дека треба да ги чува. Во Алабама чекот од 120 долари што жената требала да го добие, се изгубил во пошта, заради што таа останува без скршена пара.
... Не сите имаат среќа како Остриаков или Баркерс (случајот со Британците). Во колумна за Гардијан, Англичанецот, Дарен Хед, раскажува како украл сендвич од супермаркет додека бил бездомник. Тој објаснува дека бил казнет 80 фунти и една седмица во затвор затоа што не можел да ги плати парите.
Според извештајот на ФАО од 2015-та 15 милиони луѓе во развиениот свет немаат доволно храна. Во 1992-ра оваа бројка изнесува 20 милиони, ама сепак останува голема: ова е 1,8% од популацијата на богатите држави.
Овие нации имаа опширна социјална мрежа, вклучувајќи и дузини најразлични проверени програми за искоренување на сиромаштијата и илјадници приватни добротворни организации. Тие исто така имаат повеќе храна отколку што можат да изедат. Активисти на американскиот Совет за одбрана на природните ресурси тврдат дека 40% од храната што се продава во САД останува неизедена, заради претераното држење до 'датум на продажба', 'датум на користење', 'датум на изложување' и заради неефикасноста на супермаркетите. Процената на О.Н. за истото ова на светско ниво е 30%. Теско, каде што Баркерс беа фатени како крадат, фрла 60.000 тони храна годишно, количина што компанијата вети дека ќе ја намали.
Заради неефикасноста и претераната регулација, преголем број сиромашни не ја добиваат основната помош потребна за да одржат минимум дигнитет. Малите чекови едноставно се губат во пошта. Поранешни затвореници се третираат со сомнеж и се пуштаат во бескрајна бирократска потера. Бенефициите на луѓето се укинати затоа што се премногу гладни за јасно да размислуваат или да закажат состанок. Болести, зависности, депресија, лошо образование и недостаток на соодветна документација им отежнуваат на сиромашните да навигираат низ лавиринтите на социјалната грижа.
Исто така заради неефикасност и претерана регулација, стотици милијарди долари во храна се фрлаат, а остатокот најчесто е премногу скап за најсиромашните луѓе да можат да го купат.
Владите можат да ги решат и двата проблема. Универзален основен приход, кој неколку држави веќе го разгледуваат, радикално би ги поедноставил системите за социјална помош, обезбедувајќи за секого основно ниво за преживување, без да се поставуваат прашања. Со тоа исклучоците како оној за Остриаков би биле непотребни. Како што покажа италијанскиот суд, основите за овие добротворни импулси се присутни; и се што недостасува е волја да се претвори овој случаен акт на добрина во стандардна политика," пишува Бершидски.