Видете го Strike Debt (Избришете го долгот), огранокот на Окупирај движењето, кој се нарекува "национално движење за отпор кон долговите во борбата за економска правда и демократска слобода." Оваа организација на својата веб-страна тврди дека луѓето "со стагнацијата на платите, системската невработеност и сечењето на јавните услуги" се присилени да се задолжуваат за да ги покријат најосновните животни потреби, што нив ги присилува "својата иднина да им ја предадат на банките."
Една од нивните инцијативи e Rolling Jubilee, колективно финансирање на откупот и бришењето на долговите, во процес кој тие го нарекуваат "колективно несогласување". Успехот на оваа група е импресивен, бидејќи до сега има собрано околу 700.000 долари и ги откупува долговите вредни речиси 18,6 милиони долари.
Вака евтиниот откуп на долговите е возможен благодарејќи на постоењето на секундарен пазар на должнички обврзници. Финансиските институции кои се сомневаат во способноста на своите должници да го вратат долгот, истиот и го продаваат на трета страна по намалена цена, некогаш и за 5 центи за секој долар што им го должат. Купувачите тогаш се обидуваат да профитираат наплатувајќи делумен или целосен износ од должниците. Американската компанија за студентски кредити Sallie Mae призна дека продава препакувани долгови за само 15 центи за долар.
За да го привлечат вниманието на работата на наплатувачите на долгови, Rolling Jubilee, неодамна отпишаа студентски долгови на 2.761 студент од Еверест колеџот, училиштето управувано од компанијата Коринтијан колеџес која САД сега ја тужеше за давање штетни позајмици. Кредитното портфолио на Еверест колеџот е речиси 3,9 милиони долари, кои Rolling Jubilee ги откупил за 106.709 долари, односно 3 центи по долар.
Ова е само капка во море. Само во САД, студентите се должни над 3 илјади милијарди долари, односно 6% од БДП-то на земјата, а студентската популација е само една од многуте општествени групи кои живеат со задолжување.
Во целиот свет, економската криза од 2008-2009. го зголеми товарот на приватниот и јавниот долг - до таа мерка што поделбата на јавен и приватен стана замаглена. Во неодамнешниот говор во Чикаго, претседателот на Ирска, Мајкл Хигинс, објасни како приватниот долг е претворен во државен: "Заради потребата државата да се задолжува за да ги финансира тековните расходи, и, над се, како резултат на гаранциите дадени на големите ирски банки за нивниот имот и обврски, вкупниот долг на Ирска порасна за 25% од БДП-то во 2007-ма, на 124% во 2013-та."
Ирската влада, секако, сакаше да го спаси банкарскиот систем. Меѓутоа непредвидените последици од спасувањето е нарушување на довербата и државната солвентност. Во еврозоната, Ирска, Грција, Португалија и Кипар, мораа да го преструктуираат државниот долг за да избегнат банкрот. Растот на размерот на долгот во однос на БДП-то фрли сенка на фискалната политика и стана главен изговор за политиката на штедење која ја продолжи кризата.
Ништо од ова не е ново. Судирот меѓу доверителите и должниците е составен дел на политиката уште од вавилонско време. Воспоставените структури отсекогаш се залагале за светото право на доверителите, меѓутоа политичката нужност секогаш барала помош од должниците. Која страна ќе натежне во дадените околности зависи од длабочината на проблемите на должниците и од силата на спротивставената доверителско-должничка коалиција.
Моралот отсекогаш бил интелектуално мерило на овие судири. Доверителите, наметнувајќи го своето право во целост да бидат исплатени, низ историјата создавале што е можно повеќе правни и политички бариери за банкрот, инсистирајќи на остра казна - како прекин на приходи, на пример, или во краен случај, на затвор или ропство - ако должникот не ја испочитува својата обврска. Од државите кои се задолжиле во скапите војни се очекувало да одвојуваат годишни средства за отплата.
Меѓутоа моралот не е во потполност на страната на доверителите. На грчки јазик од Новиот завет, зборот "долг" значи "грев." Но иако можеби е грешно да се задолжуваш, Евангелието по Матеј 6,12 поддржува прошка - "прости ни ги долговите наши како што ние им простуваме на должниците свои." Широкиот општествен отпор кон идејата дека на доверителот му припаѓа имотот на должникот во случај на неплаќање доведе до тоа "заплената на имот" ретко да се спроведува до крај.
Положбата на должник дополнително е засилена со забраната на лихварство - наплаќање на неразумно голема камата. Каматните ограничувања во Британија се укинати во 1835.; каматните стапки на банките од речиси 0 проценти доминираат од 2009-та, и претставуваат денешен пример за напорите да се заштитат должниците.
Правата вистина, како што истакнува Дејвид Гребер во својата маестрална книга Долг: првите 5.000 години, е дека во односот меѓу доверителите и должниците не постои никаков челичен закон на моралот: тоа е општествен однос за кој секогаш мора да се преговара. Кога квантитативната прецизност и непопустливиот пристап на должничките обврски ќе станат правило, наскоро следуваат судири и беда.
Во настојувањето да ги зауздат редовните должнички кризи, традиционалните општества го прифатиле "законот на простување," свеченото бришење на сите долгови. "Законот на простување," пишува Грејбер, "пропишува дека сите долгови автоматски ќе бидат отпишани после седум години, и дека сите кои седеле во ропство заради такви долгови ќе бидат ослободени." Rolling Jubilee претставува добар потсетник на денешното значење на еден од најстарите закони на општествениот живот.
Поуката на приказната, не е како што Полониј го учи својот син "не се задолжувај и не позајмувај никому." Еден без друг, човештвото можеби се уште би живеело во пештери. Наместо тоа, треба да ја ограничиме и понудата и побарувачката на кредити на она на што стопанството е во можност да го произведе. Како тоа да се направи и да се зачува слободата на претприемаштвото е едно од големите нерешени прашања на политичката економија.
автор: Роберт Скиделски, Social Europe Journal
виа