Теориите на заговор никогаш немале проблем со перцепција. Луѓето едноставно сакаат да веруваат дека тоа што се случува мора да има заговорничка позадина. Дури и кога не верувате во ова, тоа пак вас ве привлекува да го гледате па така и јас се фаќам самиот себе како понекогаш зјапам во програмите на кабелска телевизија на која се дешифрираат големите епизоди од историјата, со помош на заговорничкиот модел. Пред некој ден е објавена веста дека научниците утврдиле дека светските поп хитови стануваат се побесмислени, а одредени истражувачи веруваат дека зад тоа стојат илуминати, кои планираат воспоставување нов светски поредок.
Појавата и ширењето на таканаречена популарна музика во средината на минатиот век значително го измени светот во кој живееме, затоа што рок музичарите го критикуваа општеството, а нивните фанови започнуваа културни и вистински револуции. За разлика од тоа време, денешните музички ѕвезди пеат хитови кои не зборуваат за ништо, а често немаат никаква смисла. Многу истражувачи веруваат дека се поглупите текстови на листите на најслушани песни не се последица на некои спонтани промени во општеството, туку дека токму тие се една од причините зошто живееме се полошо.
Се истакнува дека Пинк Флојд во 1980 стигнаа на прво место на топ листите говорејќи за проблемот на наметнување авторитет од страна на државата во песната "Another Brick in the Wall", а сегашните песни на Ники Минаж не зборуваат за што било и единствена причина заради која постојат е пеачката да сними спот во кој мрда со задникот. Во ова истражување има многу податоци за заглупување на светот од страна на корпорациите кои го контролираат музичкиот бизнис, а со тоа и човештвото, поточно младината која ќе биде неспорно заглупена.
Ова истражување не може да се нарече уште една епизода од едицијата теории на заговор затоа што музиката и музичкиот бизнис отсекогаш биле следени со разноразна митологија. Оние најбаналните за занимаваа со сатанистичките пораки од разни рок ѕвезди. Постојат приказни и приказни за тоа дека кога албумот на одреден рок музичар ќе се пушти наназад, јасно се слушаат пораки од Сатаната. Кога се појави панкот се ангажираа голем број социолози, па дури и политички аналитичари. Ова движење е доведено во врска со тешката економска криза во Англија, безнадежноста на невработената младина, но и со бунтот против музичкиот естаблишмент кој се отуѓи од публиката па дојде време за нешто основно и едноставно.
Не мина многу време, а панкот е осомничен дека всушност е производ на продавачите на музичка опрема кои ја патентираат идејата за секој да може да биде музичар, бидејќи овој правец бара познавање на само 3 акорди. Многу поозбилна беше теоријата според која панкот е измислен во лабораториите на советскиот КГБ со цел да се дестабилизира британската држава. А се плукаше и по кралицата, полицијата, папата...
И самиот Бод Дилан од антивоен херој во една прилика се најде во теорија на заговор која го обележи како дволичен човек кој, под маската на пацифист, е всушност човек што дава пари за вооружување на Израел.
Џон Ленон ја сакаше Америка во која на крајот и е убиен од страна на опсесивен пореметен тип. А пред тој атентат во Њујорк, поранешниот Битлс е исфрлен од САД како субверзивна личност која ровари по најслободниот систем на светот. Делуваат нереални секвенците од документарецот во кој е прикажана депортацијата на Ленон.
Кај нас веќе е врежано мислењето дека во лабораториите на Слободан Милошевиќ е создаден турбо-фолкот со кој српскиот вожд го правел она што денес го прави светската музичка индустрија - ги заглупавувал народните маси и со тоа ги контролирал.
Се поставува прашањето како тоа перјаниците од Петти октомври продолжија со истиот рецепт како и Милошевиќ? Дали ДС ги пушти риалити програмите во Србија за да го контролира народот или тоа беше нормално следење на трендот? Дали лидерите на ДОС го прифатиле моделот на Милошевиќ и продолжија да форсираат музички треш на штета на рокенролот и останатата квалитетна музика или сето тоа беше: "Еве ви капитализам, еве ви пазар"?
И како да се објаснат состојбите во социјализмот во кој по смртта на Тито значајни награди на социјалистичката младина ги добиваа рокери, па дури и оние кои плукаа на државата. Дали појавата на Лепа Брена беше последниот обид за чување на Југославија, патентирање на турбо-фолкот, или обична последица од зезањето на Минимакс?
Сега, после ова актуелно светско истражување, и нам полесно ни делуваат домашните теории на заговор. Гледаме дека заглупувањето е глобален бренд, а тоа што ние оглупевме преку музика пред остатокот од планетата оди во прилог на тоа дека барем во нешто сме први.