Можеби трауматичниот судир помеѓу шпанската држава и регионалните власти во Каталонија е токму она што сега ни е потребно за да му вдахнеме нов живот на снеможениот европски проект. Уставната криза во една од водечните земји-членки на ЕУ пружа прилика за реконфигурирање на системот на демократското управување со регионалните, државните и европските институции - за изградба на одбранлива и одржлива Европа.
Официјалните реакции од ЕУ на полициското насилство во текот на одржувањето на референдумот за независноста на Каталонија можат да се оквалификуваат како неизвршување на должноста. Изјавата дека тоа се внатрешни проблеми на Шпанија во кои ЕУ не треба да се меша - што беше коментар на претседавачот со Европската комисија - е израз на лицемерие од највисок ранг.
Секако, лицемерието не е ништо ново во однесувањето на ЕУ. На нејзините функционери не им е под чест да се мешаат во внатрешните работи на државите членки кога, на пример, треба да ги сменат избраните политичари затоа што тие одбиваат да ги спроведат мерките со кои се смалуваат пензиите и социјалната помош, или да распродаваат јавни добра по багателни цени (што и лично го имам искусено). Од друга страна, кога унгарската и полската влада кршат некои од темелните принципи на ЕУ, се почитува принципот на немешање во внатрешните работи на земјите членки.
Каталонското прашање има долга предисторија, како и национализмот во Европа воопшто. Но прашање е дали тој проблем сега би ескалиран на овој начин доколку во управувањето со кризата на еврозоната по 2010 Европа не се направеше низа грешки, заради кои Шпанија и остатокот од европската периферија беа турнати во состојба на практично трајна економска стагнација. Со тоа е подготвен и теренот за ширење на ксенофобија и морална паника, кога имигрантите ги преминаа надворешните граници на Унијата.
Ќе ја илустрирам поврзаноста на тие настани со еден пример. Барселона, преубавата престолнина на Каталонија, е позната како богат град со голем буџетски суфицит. Сепак, не толку одамна, на многумина од нејзините жители им се закани можност да се најдат на улица заради наплати на банките кои се спасувани со пари од данокот кои тие го плаќаа. Тоа доведе до создавање на граѓанско движење благодарејќи на кое Ада Колау во 2015 стана градоначалничка на Барселона.
Новата градоначалничка вети намалување на локалниот данок за малите претпријатија и за домаќинствата, помош за сиромашните и изградба на сместувачки капацитети за 15.000 бегалци - голем дел од вкупниот број кој Шпанија требаше да ги прими од земјите на првата линија на бегалскиот фронт, како што се Грција и Италија. Сите тие ветувања можеа да се остварат без влез во буџетски дефицит, со едноставно зафаќање од локалните буџетски вишоци.
Но за жал градоначалничката наскоро се соочи со несовладлива препрека. Повикувајќи се на обврските на земјите востановени со директивите на ЕУ за спроведување на мерките за штедење, централните власти донесоа закон со кој на локалните власти им е практично забрането со повлекување на средства да ги смалуваат своите буџетски вишоци. Централните власти исто така им забранија влез во Шпанија на 15.000 бегалци за кои Колау веќе имаше подготвено сместување.
Затоа градскиот буџет е сè уште во суфицит, ветените намалувања на локалните даноци и зголемувањето на социјалната помош изостанаа, а становите изградени за бегалците се празни. После тоа не беше потребно многу поттикнување на каталонскиот сепаратизам.
Во секоја системска криза, комбинацијата на штедење за мнозинството, социјализам за банкарите и гушење на локалните демократски процеси произведува безнадежност и незадоволство - што е кислород на секој национализам. Прогресивните, антинационалистички Каталонци како што е Колау се на удар од две страни: од една од авторитарниот државен естаблишмент кој се правда со директивите на ЕУ, од друга од будењето на радикалниот парохијализам, изолационизмот и атавистичкиот нативизам. И едното и другото се одрази на неуспех да се остварат ветувањата за заеднички паневропски просперитет.
Каталонија е одличен експериментален полигон за истражување на подлабоките проблеми во Европа. Ситуацијата во која се бира помеѓу покорување на авторитарната шпанска држава и желбата „Каталонија повторно да биде голема“ - не се разликува многу од определувањето помеѓу Јероен Дајселблем, шеф на еврогрупата министри за финасии, и Марин Ле Пен, лидерката на францускиот радикален десничарски фронт: штедење или дезинтеграција.
Должност на прогресивните Европејци е да ги отфрлат обете понудени опции: и вкоренетиот естаблишмент на ниво на ЕУ, и раскараните национализми кои ги разоруваат солидарноста и здравиот разум во државите членки каква што е Шпанија.
Алтернативата е европеизација која го решава овој проблем, а кој и онака е предизвикан првенствено од европската системска криза. Наместо да ги попречува локалните и регионалните демократски управи, ЕУ би требало да ги поттикнува. Договорите на ЕУ можат да се дополнат така за да го осигураат правото на регионалните влади и на градските управи, како Каталонија и Барселона, на фискална автономија, па и на сопствени фискални пари. Исто така би морале да им овозможат спроведување на сопствени политики во врска со миграциите и бегалците.
Во случај сепаратистичките барања за издвојување од меѓународно признати држави со тоа да не бидат прекинати, ЕУ може да дефинира правила на постапување во случај на сецесија. На пример, ЕУ би можела да пропише дека ќе дозволи референдум за независност под услов регионалната влада која го распишува веќе да победила на изборите на истата платформа со апсолутно мнозинство гласови. Со тоа што референдум не може да се организира за помалку од една година по одржувањето на избори, за да се остави доволно време за соодветна и трезвена дебата.
Што се однесува до новата држава, таа би морала да се обврзе дека преносот на фискалните средства нема да биде помал од времето пред сецесијата. На пример, богатиот Венето може да се отцепи од Италија, но под услов да не ги прекине трансферите во корист на жителите на југот. Исто така, на новите држави не би им било дозволено да поставуваат нови граници, а на своите жители би морале да им гарантираат право на тројно државјанство (нова држава, стара држава и Европа).
Кризата во Каталонија е важна историска лекција која покажува дека Европа мора да изгради некој вид суверенитет кој ќе ги засили градовите и регионите, ќе го разгради националниот партикуларизам и ќе ги задоволи демократските норми. Од тоа први би имале корист Каталонците, жителите на Северна Ирска, а можеби и на Шкотска (кои така во последен миг би го избегнале брегзит). На подолг рок, од новиот вид суверенитет најмногу корист би имала Европа како целина. Замислувањето на таквата паневропска демократија е предуслов за замислување на Европа вредна за спасување.