Еден познаник, во кафана, ме праша, малку на шала, а повеќе сериозно, дали е можно да ми е поважно на цела волкава страница од весник да пишувам за тоа дека коњите немаат трепки на долниот очен капак, отколку да пишувам барем нешто, „на пример, за судбината на хрватскиот нафтен гигант по име ИНА“. Му реков дека ми е поважно.
- Чекај, веднаш да ти кажам, јас сакам да ја читам твојата колумна. Но понекогаш, навистина тоа е ретко но, како да ти кажам, излегуваш брат од актуелноста. А со коњските трепки отиде, за мој вкус, предалеку.
- Добро, а да те прашам јас тебе: а зошто ти би сакал баш јас да пишувам нешто за тој, како што велиш, хрватски гигант по име ИНА? Моето познавање на коњските трепки е долго, од ученички денови, а ИНА не ми спаѓа во тоа поле. А како би дошол до граѓа за Ина кога јас врски во финансиската полиција, во даночните структури, во тајните служби, немам никакви? А и доцна ми е, не сум образован за новинар, што сум постар сè повеќе гледам колку е тоа крвава професија.
- Па би ме интересирало што мислиш за сето тоа.
- Па еве, ќе ти кажам усно. Мене тоа не ме интересира. Јас гориво купувам на пумпи во Загреб. Каде одат моите пари за гориво не знам, а немам ни желба тоа да го истражувам. Мојата кола, за мој поим и критериуми, вози еднакво добро со горивото купено на пумпи со натпис ИНА, како и со други. Ако ИНА е продадена, издадена, подарена или што и да е, јас во таа работа не сум учествувал, до скоро не сум ни знаел дека таа е во мнозинска или таква некаква сопственост на друга земја. И не разбирам зошто сега Хрватска би сакала да откупи, препоставувам, по висока цена, нешто што, претпоставувам го продала по ниска, или пониска. Хрватска за тоа пари, мене ми се чини, нема. А да се задолжува, за да купи нешто што го продала, сметам дека не би било паметно.
- Е па за тоа и се работи: можеби би требало и културњаците да се огласат и да дадат поддршка ИНА да се врати или да не се врати во сопственост на Хрватска?
- Културњаците? Не сум ти баш симпатизер на тој збор. Не само затоа што завршува на -њаците, туку и затоа што имам доволно години за да имам високо мислење за луѓето од културата. Сум гледал некои од денешните културњаци како им придржуваат микрофони на политичари. А зошто луѓето од културата (одвоена од државата или не) би навалувале една нафтенопреработувачка фирма да ѝ се врати на државата, а токму државата ја продала? Зошто би го правеле тоа, ако не се огласиле на пример кога оној фудбалер хрватски викаше преку телевизијата „за дом“, а стадионот во Максимир му одговараше со „спремни“? Тоа го виде и го слушна секој оној кому очите му се на врв на глава, а ушите малку пониско. Зошто културњаците не се јавија кога истиот тој играч беше избран за помошник-селектор на хрватската репрезентација? И сега е таму каде што е избран. Спортот е дел од некоја култура, мислам, и повеќе од преработката на нафта. А тогашниот претседател на државата Хрватска, правник и професор по право на Универзитетот, плус, велат, и музичар, значи и тој човек од висока култура, доктор на науки, каде беше тој кога играчот грмеше во микрофонот? И тој тогаш беше некој репрезентативец на Хрватска, беше хрватски претседател. И каде беше тој културњак? Беше во глувчешка дупка, од каде тук и таму процедуваше нешто дека ние сме против сите тоталитаризми. Тој истиот денес велат сака да биде во нова левичарска партија. Јас да се прашувам, не би го примил. Не се огласи ни кога ФИФА, која баш и не е некоја левичарска структура, го казни оној играч со забрана за играње за Хрватска, забрана на влез на стадиони на светското првенство во Бразил. Каде беа културњаците кога беше воведена куната? Не ги прашувам јас културњаците, те прашувам тебе. Каде беа кога половина полна сала на Цибона скандираше „У-у-убиј го“, а другата половина одговараше „Србинот“? Спортскиот и друг печат утредента пишуваше дека атмосферата била супер.
- Па еве, ова што сега ми го кажуваш, напиши го!
- Да, а? Не ти е доволно што ти го кажувам? Па и сум пишувал за сето тоа. Но одлучив дека веќе нема. Кога и да сум пишувал за тоа, на некои им избиваше пена на вилица и рикаа дека сум против сè хрватско. Етикета на влажно шише. Јас не сум ја градел ни Југославија, ни Хрватска, не сум ја ни рушел, не сум револуционерен тип.
- Добро, но имаше едно интервју за јазичната политика во Хрватска, тоа ми беше супер.
- А пред тоа интервју пишував, богами доста, за хрватската јазична диктатура, но тоа не го читаш, или си мрзлив да го најдеш, за тоа како јазичните диктатори хрватски смислуваат зборови по дома, и утредента ги пуштаат меѓу народот прогласувајќи ги за древни хрватски зборови. Погледни, еве, еден поблаг пример, со зборот „горје“: тој, по одлука на некои од таквите диктатори, влезе во задолжителната лексика на метеоролошката телевизија и радиопрогнозите. А горје е стилски многу маркиран збор, не е неутрален. Но од некоја столица е одлучено дека зборот планина мора да се потисне. Не би ме изненадило сега, по воведувањето на „горје“, и море да се претвори во „морје“. Горје и морје, што велиш? Во горјето снег, на морјето бура. Долу српскиот, да живее рускиот! Или, на пример, зборот „шта“. Меѓу Хрватите живеам четврт столетие, сите што ги познавам велат „шта“, го слушам тој збор и на пазар и на улица, книгите на најдобрите хрватски писатели се полни со него, но кога ќе го напишам, и компјутерот и мобилниот ми го подвлекуваат со црвено. Обиди се самиот, па ќе видиш. Не е, значи, хрватски. И сега јас треба да се придржувам до тоа. Е па нема. Ако далматинската доблесна елита се подвргнала на диктатурата на загрепските јазични манипулатори дека зборот „залив“ не е хрватски, туку дека тоа е „залјев“, тогаш на здравиот човек веќе не му се прави муабет. Хрватска нема ниту еден залјев, има само заливи. Но од работ на Панонско Море е речено дека хрватскиот збор е залјев, а дека залив е српски! А Србија нема ниту еден, ни залјев ни залив.
- Мене би ми било поинтересно да го читам она што сега го зборуваш од некои, ти велам, ретки текстови, кои ги имаш пишувано на теми што, она, не се сосема наши и не погодуваат, она, баш во „нашиот центар“.
- Е па знаеш што ќе ти кажам: не пишувам јас за на таквите како тебе да им ги изразувам мислите. Или да им ги исполнувам желбите. Моето искуство вели дека добар дел од луѓето што читаат весници или окапуваат на интернет се имаат претворено во нешто што би можело да се нарече кроатоцентрични зависници. Не ги интересира ништо што не се занимава со каталогот на хрватската пљачка. Ако си и ти таков, најдобро е да пишуваш самиот. Јас не можам. Мене и Југославија ми беше тесна, а да пишувам постојано за хрватските кражби или измами е далеку од моето чувство за животот. А што се однесува до моите текстови на кои имаш забелешки, ќе ти го кажам она што Марко Валерие Мартијал, римскиот епиграматичар, му го одговорил на некој критичар што го прозвал за тоа што пишува предолги епиграми: Мое е да ги пишувам, а твое е да ги прескокнуваш!
- Немој да ми замераш. Јас секој вторник нестрпливо ги очекувам твоите текстови на порталот на весникот, ова ти го кажав само попатно, со добра намера.
- Гледаш, има доста такви на кои текстовите им пристигнуваат на компјутер во вторник околу пладне. Но има и такви што весниците ги купуваат на киосците, веќе од петок наутро ги има таму. Има доста такви што ме фалат, и повеќе отколку што треба. Неодамна човек од уредништвото ми рече дека на ФБ-сајтот на весникот (до неодамна не ни знаев дека постои) еден мој текст добил дури 140 лајка. Па неколку дена малку го проучував, како да ти кажам, статусот на своите текстови на таа ФБ-страница. И знаеш што спознав: дека најдобрите мои текстови, по правило, имаат најмалку такви лајкови. Кога таму има некој текст за некој Санџаклија, тогаш лајковите пристигнуваат од Санџак, кога е за Сламниг, ете загрепски лајкови. А кога некоја моја роднина на својот ФБ-профил ќе постави слика од тепсија баклава што ја направила, таа добива три пати повеќе лајкови од мојот текст, кој сум го составувал и внимателно и долго, и со многу труд. Веќе нема да го гледам тоа. И нема поради тоа да почнам да пишувам за гигантот по име ИНА.
- Добро, ИНА беше само повод.
- Е сега тој повод ми даде повод да се сетам на германската кобила, верувал ти или не, по име Ема Ина, која се заглавила во некоја кал крај Хамбург, па ја извадиле пожарникари. Можеби и хрватската кобила по име ИНА ќе ја извадат германски пожарникари. Па гигантот ИНА прави да се присетам и на Мартијал и на епиграмот од неговата седма книга, ми се чини сосема применлив:
Пари немам в куќи, па Регуле,
ќе треба твоите дарови да ги продадам.
Би сакал ли да ги купиш ти?
Ете, знај дека во епиграмот Регул бил некој мецена на Мартијал. Значи, ако ме прашуваш коњи или ИНА, одговарам - коњи! Затоа од мене уште малку ќе читаш за коњите, а потоа малку за кучињата или за некое друго добитче. Ако ти се чита. Ако не, прескокни ги. Ајде, да си здрав и жив.