Необичен политички пејзаж, барем во реторички план, се развива последниве неколку години во Европа и САД. Поттикнати од "класната анализа" на брегзит, Трамп и подемот на т.нр. популистичка десница која им ја испорачуваат експертите, а ја полираат стратезите за односи со јавноста, високите европски функционер и лидери на "слободниот свет", настојуваат што почесто да ги адресираат социјалните прашања и нееднаквоста. Дури и неодамнешниот самит на светските лидери и водечките бизнисмени во швајцарски Давос беше обележан од реторичка грижа околу нееднаквоста и поларизацијата на општеството.
Секако, не се развија никакви посериозни стратегии во настојувањето овие проблеми да се неутрализираат. Препознаената политичка врска меѓу горливите социоекономски проблеми и подемот на несигурни и непредвидливи популистички фигури се обидуваат да ја разобличат со инсистирање на одржување на политички бон-тон. Отприлика: нееднаквоста малку ги надминала границите на пристојноста, ама дај немојте да паѓате на лажните ветувања на политичките аматери и дилетанти. Точно е дека тие ветувања се лажни и празни, доволно е само да се забележи разликата меѓу реториката на Трамп и составот на неговиот кабинет, меѓутоа реакциите на т.нр. естаблишмент се подеднакво "популистички", само со доза на експертиза и реторичка одмереност.
Јалови мерки
Последна во низата такви реакции беше на Јункер, претседателот на Европската комисија. На конференцијата со назив "Европските столбови на социјалните права: Заедно напред", Јункер во понеделникот најави дека Комисијата, во контекст на борбата против нееднаквоста и сиромаштијата, ќе се залага за воведување минимална плата кај сите земји членки на Европската унија. Иако на прва ова изгледа како иницијатива вредна за пофалба, неколку аспекти нејзе пак ја сведуваат на фактот дека таа е промовирана од функционер кој како премиер на Луксембург токму ја поттикнуваше оваа нееднаквост претворајќи ја својата државичка во даночна оаза за европските компании.
Имено, од 28 земји членки на Европската Унија само 6 од нив во своите законски рамки не го познаваат институтот минимална плата: Кипар, Австрија, Италија, Финска, Шведска и Данска. Од ваквиот состав на земји во кој доминираат оние што се во врвот по степенот на еднаквост во Европа, иако и самите беа во регресија во изминатите десетлетија, јасно е дека минималната плата како таква не е неумолив индикатор за нивото на социјална (не)еднаквост. Иако се работи за прилично посакува механизам во системот за заштита на работничките права, нејзиното (не)постоење е неделиво од пошироката институционална историја на класните компромиси во одредени земји. Друг важен показател за импотентноста на "стратегијата" на Јункер е и стравот дека одредувањето на висината на минималната плата се остава на самите членки, со предупредување да се пази на човековото достоинство.
Не треба да бидеш голем пророк да заклучиш дека Европската унија, заснована на матната замисла за достоинство, наместо на солидарност, не може никако да функционира како гарант на социјалната стабилност и просперитет. Туку спротивно.