Кога во јули 1990 во САД пристигнува градоначалникот на Шангај, Жу Ронгџи, неговите американски домаќини токму така го нарекуваат идниот премиер на Кина. Тој наводно на ова нервозно враќа „јас не сум кинескиот Горбачов, јас сум кинескиот Жу Ронгџи.“
Никогаш нема да дознаеме што Жу, општо признаен за спроведување на клучни реформи во Кина во 1990-те и за ангажирање околу кинеското влегување во СЗО, всушност мисли за последниот советски лидер кој почина на 30 август. Она што со сигурност го знаеме е дека во очите на Кинеската комунистичка партија, Горбачов го изврши непростливиот грев - го предизвика распадот на Советскиот сојуз.
На најпрактично ниво оцрнувањето на Горбачов од ККП нема никавква смисла. Кинеско-советските односи драматично се подобрија за време на неговото 6-годишно владеење. Колапсот на СССР исто така беше геополитичка премија за Кина. Смртната закана од северот речиси исчезна преку ноќ, додека Централна Азија, некогаш дел од советскиот простор одеднаш се отвори, и и овозможи на Кина таму да ја проектира својата моќ. Најважно, крајот на Студената војна, за која Горбачов ја има најголемата заслуга, доведе до 3-децениска глобализација која го овозможи растот на кинеската економија.
Единственото издржано објаснување за антипатијата на ККП кон поранешниот советски лидер е стравот дека тоа што Гласност и Перестројка на Горбачов го постигнаа во СССР (распадот на некогаш моќниот еднопартиски режим) би можел да се случи и во Кина. Кинеските лидери не го делат ставот на Путин дека колапсот на СССР е „најголемата геополитичка катастрофа“ на 20 век. За нив, падот на СССР е најголемата идеолошка катастрофа која фрла сенка врз нивната иднина.
Докази за трајната траума на ККП се видливи и денес - повеќе од 3 децении откако Горбачов ја запечати судбината на советската империја. Кон крајот на февруари годинава, партиските пропагандисти почнаа да го емитуваат „Историски нихилизам и распадот на Советскиот сојуз“ документарец од 101 минута, кој ја обвинува Советската комунистичка партија за тоа што не успеала да спроведе строга цензура, посебно во однос на историјата и западните либерални идеи.
Сепак опсесијата на ККП со распадот на СССР изгледа неприродно, имајќи го предвид 3-деценискиот успех на партијата да избегне иста судбина. Најочигледното достигнување на ККП е стекнување легитимитет преку испорака на се повисок стандард на живеење. Не е ни случајно што неполни 2 месеца по распадот на Советскиот сојуз, 87-годишниот Денг Сјаопинг, ја построи деморализираната партија за одново да ги стартува застанатите реформи и да приоретизира економски развој над сè останато.
Друг помалку познат, но ништо помалку важен, успех беа напорите на ККП да спречат издигнување на реформатор од типот на Горбачов од своите редови, кој одвнатре би ја распаднал партијата. По растурањето на СССР, партијата презема дополнителни мерки за проверка на идните лидери. Само на функционери чија лојалност беше непогрешлива им беше дадена власт.
Партијата исто така постигна неочекуван пропаганден пуч кога најголемиот дел од СССР во 1990-те беше во хаос и економска криза. Играјќи на страдањето на обичните Руси, партијата создаде убедлива порака за кинескиот народ: ставањето на економијата пред демократијата е правилниот пат.
Сепак, и покрај импресивните постигнувања на ККП во децениите по падот на Советскиот сојуз, таа и понатаму е прогонувана од оставината на Горбачов. Некои може да тврдат дека, како и во сите диктатури, несигурноста и паранојата на партијата немаат лек. Меѓутоа кинеските владетели се одлучни да го докажат спротивното.
Во 1999-те, раководството на ККП нарача изработка на серија академски студии кои ги истражуваа причините за колапсот на СССР. Учесниците во овој интелектуален труд опфаќаа и високо почитувани истражувачи и партиски пиони. Иако тие се согласуваа околу многу помалку контроверзни фактори, како лошо економско менаџирање, и непобедлива трка во вооружување со Соединетите држави, империјално претерување и етно-национализам во не-руските републики, тие остро се расправаа за улогата на Горбачов.
Партиските пиони инсистираа дека Горбачов е главниот кривец за распадот на СССР бидејќи неговите лошо осмислени реформи ја ослабеа моќта на комунистичката партија. Меѓутоа истражувачите со вистинска експертиза за Советскиот сојуз тврдеа дека грешката е кај претходниците на Горбачов, посебно кај Брежнев, кој владееше со империјата од 1964 до 1982. Политичката стагнација и економските проблеми од ерата на Брежнев, зад себе оставија режим кој е премногу раскапан за да може да се реформира.
Денес, судејќи по кинескиот официјален наратив за колапсот на СССР и константното непријателство кон Горбачов, очигледно е дека партиските пиони ја добиле дебатата. Меѓутоа не е сигурно дека кинеските лидери ја научиле вистинската лекција од историјата.