За негова среќа, тој немаше потреба од силна кампања за реизбор. Тој беше популарен за време на мандатот: големите даночни олеснувања, големата државна потрошувачка и големиот дефицит ја направија својата магија. Во годините на Трамп платите значително пораснаа, посебно за мажите без колеџ-диплома.
Во меѓувреме, малку се имаше слух за критичарите на претседателот, за нивните протести и поплаки. Истрагата на Сенатот околу руското хакирање на претседателската кампања во 2016 се претвори меѓупартиски препирања, кои не донесоа никаков заклучок. Загриженоста околу наводниот судир на интереси на Трамп предизвика дебата во Вашингтон, ама никогаш не привлече посебно внимание од пошироката американска јавност.
Обвинувањата за измама во програмата за вработување, Трампворкс, и на други места, исто така беа отфрлени. Претседателот редовно твита вести за отворање нови фабрики и нови работни места. Гласачите изгледа како да му веруваат - и благодарни му се.
Најголем дел Американци се сомневаат дека нивниот претседател и неговите роднини станале далеку побогати во изминатите четири години. Меѓутоа гласините за корупција лесно се отфрлаат. Бидејќи Трамп никогаш не ги објави своите даночни пријави, никој не може точно да знае.
Ама па и сите го прават истото. Вечерта пред изборите за конгрес 2018, Викиликс објави документи што покажуваат дека високи политичари од демократите со години на своите инвестиции заработувале повеќе отколку што е стандардниот приход. Како што воздухот се полнеше со обвинување за внатрешно тргување, јавноста се спушти на исцрпувачки цинизам. Тој ноември републиканците ги држеа и двата дома на Конгресот, а Трамп-лојалистите го маргинализираа раководството на партијата од времето пред Трамп.
Бизнис-заедницата брзо ја научи својата лекција. „Работиш за мене и не ме критикуваш“, наводно се зборовите на претседателот до еден голем федерален претприемач, откако со еден твит за милијарди долари ја намали берзанската вредност на неговата компанија. Мудрите бизнисмени се трудат да го пофалат личното лидерство на Трамп секој пат кога ќе има некоја добра вест и да избегнат да кажат што било што би можело да го вознемири претседателот или неговото семејство.
И медиумите станаа забележително попријателски кон Трамп. Предложеното спојување меѓу АТ&Т и Тајм Ворнер беше одложено за повеќе од една година, период во кој Си-ен-ен на Тајм Ворнер напорно работеше да стигне до дефиницијата на Трамп за тоа што е фер-известување. Според договорот со кој се реши жалбата на Министерството за правда против Амазон, основачот на компанијата, Џеф Безос, се лиши од секакви врски со Вашингтон пост. Новиот сопственик на весникот - инвеститорска група од Словачка - го затвори печатеното издание, а фокусот на весникот го сврте на политиката на општинско ниво и на покривање на живот и стил.
Во меѓувреме, на социјалните медиуми се вртат досега невидени гласини. Некои луѓе веруваат во нив; други не. Тешко е да се каже што е вистина.
Никој го нема укинато првиот амандман, секако, и Американците и понатаму можат слободно да зборуваат како и секогаш до сега - доколку можат да го „сварат“ својот тајмлајн преполн со ужасни закани и навреди од про-Трамп трол армијата, која патролира на Фејсбук и Твитер. Наместо да се соочат со овие дигитални насилници, младите луѓе сè повеќе се префрлуваат на помалку политички медиуми како Снепчет и Инстаграм.
Медиумите критични кон Трамп продолжуваат да наоѓаат елитна публика. Нивното истражувачко новинарство и понатаму освојува Пулицерови награди; нивните новинари прифаќаат покани од конференции за корупција, стандарди за дигитално новинарство, за крајот на НАТО и подемот на популистичка авторитарност. Сепак некако сите овие искрени напори изгледаат сè помалку и помалку релевантни за американската политика. Претседателот Трамп комуницира со луѓето директно преку својата Твитер-сметка, водејќи ги своите симпатизери кон поприфатливи информации од Фокс њуз и Брајтбарт.
И покрај нелагодноста, земјата на многу начини се промени многу помалку отколку што многумина се надеваа или плашеа пред четири години. Американскиот систем на социјална помош, со кој голем број луѓе се сретнаа, остана наголемо недопрен во првиот мандат на Трамп. Предвидениот бран на масовни депортации на нелегални мигранти никогаш не се оствари. Големата нелегална работна сила остана во земјата, со јасно разбирање дека сè додека тие имигранти ја избегнуваат политиката, ги држат главите надолу, а устите затворени, никој нема нешто посебно да се труди околу нив.
Афроамериканците, младите луѓе и неодамна натурализираните се судираат со сè повеќе тешкотии во гласањето во најголем број од сојузните држави. Меѓутоа и покрај целиот муабет околу правата, корпоративна Америка и понатаму има потреба од разноликост во работната сила. Истополовите бракови остануваат дозволени со закон. Ниту повеќе, ниту помалку веројатно е дека Американците ќе кажат „Среќен Божиќ“ како и пред Трамп да дојде на функција.
Луѓето прават вицови за тоа како НСА на Трамп ги прислушува. Сепак не може длабоко да веруваат во ова: денес нема ништо помалку испратени секс-пораки во Америка отколку пред четири години. Меѓутоа, имајќи ги предвид сите хакирања и протекувања што се случуваат деновиве - посебно кај политички ангажираните луѓе - едноставно е здрав разум дека треба да се биде внимателен што ќе кажеш на мејл или на телефон. Кога тоа политиката не била валкан бизнис? Кога тоа богатите и моќните не терале по свое? Она што е најпаметно да го направиш е да ја игнорираш политичката галама, да ја гледаш својата работа и да уживаш во релативно просперитетното време, и да им ги оставиш прашањата на неранимајковците.
Остатокот од текстот на Дејвид Фрум за Атлантик, тука
Ако сакате да го слушате, наместо да го читате: