Има ли Трамп причина да стравува од изборна измама?

„Изборната кражба никогаш не била полесна,“ вели автор кој потсетува како изборните правила и процедури беа менувани за да се отежне докажувањето на нерегуларните гласови. Америка секогаш гледала на одложувањето на изборните резултати како сигнал за политичка дубара, ама, кога се работи за некаде во странство. Во САД, гласачите уште сега се инструираат да не чекаат резултати веднаш.   

Анкетите покажуваат дека 66% од американскиот електорат се „многу“ или “донекаде загрижени“ дека нивниот глас ќе биде компромитиран. Со таков страв се 55% демократски гласачи, 58% од независни и 83% од републиканците.

„Причината зошто гласачите се загрижени, со право, за интегритетот на претстојните избори е затоа што Трамп никогаш не престана да зборува за тоа“, вели Ли Смит кој сведочи дека начинот на кој изгуби последниот пат, Трамп го доживеал и како лична навреда и како навреда за 74 милиони гласачи кои нему му ја дадоа довербата.

„Изборниот процес беше преземен од левичарски активистички групи кои се внегзија во изборните системи низ целата земја многу пред изборите и потоа манипулираа со системот на безброј начини од држава по држава“, вели Клета Мичел, адвокатка која ја основа Мрежата за изборен интегритет.

Можеби најзначајната од овие тактики беше масовното гласање преку пошта, воведено наводно заради приспособување кон правилата на пандемијата. Претходно, и демократите и републиканците се согласуваа дека гласачките ливчиња по пошта ја олеснуваат измамата. Тоа го потврди и двопартиски извештај од 2005 година, предводен од поранешниот претседател Џими Картер и некогашниот државен секретар Џејмс Бејкер.

Но, тоа сеќавање не само што беше бришано туку и цензурирано. Одделот за домашна безбедност и други владини агенции масовно забрануваа објави на социјалните мрежи кои го доведуваа во прашање интегритетот на гласањето преку пошта.

Претходно, американските држави бараа од гласачите да поднесат барање за гласачко ливче по пошта и да го потпишат. Тој потпис беше основниот елемент со кој требаше да се провери потписот на гласањето. Тенок метод за проверка, но, барем постоеше. Процедурите за гласање од ковид времето го елиминираа дури и тоа. Наместо да бараат гласачите да поднесат потпишани барања, по пошта беа испратени гласачки ливчиња до сите регистрирани гласачи, што значеше дека немаше основен потпис за споредба. Таквиот систем оневозможи да се докаже измама.

„Напорно работиме тоа да не се повтори овој пат. Не средивме сè што левичарите расипаа а за што потрошија милијарди долари. Но, барем знаеме на што да внимаваме во 2024 година“, вели Мичел.

Федералните и државните власти изгледаат решени да ги потврдат стравовите на гласачите. Калифорнија неодамна усвои закон со кој ги спречува локалните власти да бараат од гласачите да презентираат идентификација за да гласаат.

Официјални лица од клучните држави, вклучувајќи ги Аризона, Џорџија, Мичиген, Северна Каролина и Пенсилванија, веќе предупредија на одложување на објавувањето на резултатите. Кога се случува некаде по свет, одложувањето на објавувањето на резултатите од изборите, во САД вообичаено се гледа во светот како доказ за измама. Заради тоа Вашингтон се сомневаше во резултатите од изборите во Перу (2000 година), Хондурас (2017) и во многу наврати во Африка.

А во САД, уште сега се ветува одложување на резултатите.

Мигрантите се башка, ама не и помал проблем.

„Дозволете ми да објаснам: Ако само и 1 од 20 илегалци станува граѓанин со право на глас годишно, нешто што Демократите го забрзуваат што е можно побрзо, тоа би биле околу 2 милиони нови легални гласачи за 4 години“, пресмета Маск за изборниот инженеринг кој се прави со миграцијата.

1 ноември 2024 - 13:02