Гугл не се разбира во луѓе

Гугл веројатно ги имаат најдобрите луѓе во технологијата, магионичари за податоци и инфраструктура, а како компанија ќе бидат неверојатно успешни се додека не треба да направат нешто за луѓе.

Истата забелешка Џоел Марш (програмер, експерт за корисничко искуство, автор на Teller Email Browser) ја дава и за Микрософт. Според него ако овие компании имаат некој производ кој е ориентиран кон обработка на податоци тогаш тој ќе успее, ако е ориентиран кон луѓе, ќе пропадне.

Ова важи за секој успешен производ на Гугл, од пребарувањето, до платформите за онлајн реклами и Гугл Аналитикс. Сите овие се успешни бидејќи нивна главна публика се луѓе кои се занимаваат со техника или статистика.

"Ако речеш дека и 'техничарите се луѓе' ќе бидеш во право. Секако. Ги сакам програмерите и секојдневно се потпирам на нив за одговори и информации кои не можам сам да ги откријам. Ама не и за луѓе. Само за податоци.

И Гугл е полн со нив. Одлични. Всушност, се што имам чуено за Гугл кажува дека техничката експертиза е главен критериум за да те ангажираат таму, без разлика за која позиција.

Не знам за тебе, ама ако барав брилијантна општествена интуиција, програмерите веројатно немаше да биде групата што ќе ја консултирав (ако може да генерализирам). Тоа и интервјуата за вработување во Гугл, даваат доста едноставно објаснување како Гугл може да направи автомобил кој сам се вози, а во исто време да има производ како Гугл Вејв.

Тие не се разбираат во луѓе.

Некои ќе кажат дека Гмаил е одлично дизајниран. И може ќе бидат во право. Ама тој не е дизајниран од Гугл. Гмаил на Гугл претходно изгледаше вака," пишува Марш во текстот за Хипер елемент.

Неефикасноста на Гугл околу луѓето тој ја нагласува и со Андроид системот, кој иако е доминантен и има технички супериорни уреди, сепак нуди послаби резултати во споредба со иОС-от на Епл. "Работата е што Стив Џобс ги разбираше луѓето и ангажираше луѓе кои разбираат луѓе, и создаде компанија со крајно голема почит за субјективните желби на луѓето."

Тука е и Гугл плус, "најголемата празна социјална мрежа на светот."

Според Марш речиси идентично ист проблем имаат и Микрософт, кој заедно со Гугл "го полнат советот со што е можно повеќе копчиња и опции."

"Како заклучок имам едноставен предлог за Гугл и Микрософт, и сите компании кои сакаат да ги копираат: најмете добри луѓе за корисничко искуство, кои имаат вредности што не ги разбирате, кои ви изгледаат премногу нерелевантни за да бидат важни. Најми паметни луѓе со дипломи за не-технички работи. Игнорирајте го човекот кој го сака Андроид затоа што му дава контрола врз [тука некоја мала опција]. Најмете го човекот кој пасионирано ќе се грижи за тоа каква боја на копчето ќе одберете и не се согласува со контент моделот кој го следи вашиот дата модел. Ставете ги во столица до вашите најталентирани програмери и чекајте да почне да летаат искри. Така изгледа магијата," завршува Марш.

9 декември 2013 - 10:56