Викендов имаше спонтани забави на улиците на американските градови откако ТВ мрежите конечно го прогласија Џо Бајден за победник. Од Њујорк до Хјустон, Луисвил до Минеаполис, либералите излегоа за да го прослават моментот што го очекуваа четири долги години: конечно заврши патот за Доналд Трамп. Клетвата беше скршена.
САД секако заслужија момент на олеснување и прослава, меѓутоа токсичното присуство на Трамп се уште не е елиминирано. На крајот од краиштата резултатот не беше така тесен како што во прво време наликуваше во тие нервозни рани часови во средата наутро, но и покрај тоа над 70 милиони Американци гласаа за актуелниот претседател - повеќе отколку што Хилари Клинтон собра кога ги освои народните гласови во 2016.
Во неделата пред денот на гласање, имаше сеприсутна надеж дека резултатот од изборите ќе биде одрекување од Трамп и трампизмот. Никој не очекуваше дека неговите хардкор симпатизери ќе се откажат од него, меѓутоа имаше причина да се верува дека гласачите кои го одбраа Трамп наместо Клинтон можеби го размислиле својот избори откако го видоа неговото катастрофално справување со пандемијата и неговите неброени правни и етички прекршоци, неговото флагрантно непочитување на ритуалите на позицијата што ја држи. Аналитичарите го свртеа вниманието кон овој хипотетички контингент на незадоволни гласачи, и предвидоа нивно масовно менување на страната предизвикано од расипаниот карактер на Трамп. Републиканскиот политички стратег Сара Лонгвел минатиот месец објави дека Трамп конечно ги изгуби и белите жени од предградијата.
Тоа не се случи. Трамп додаде речиси 8 милиони гласови во споредба со победата од 2016. Според првичните анализи на гласањето, изгледа дека тој има подобри резултати и кај азијатите, црнците, латиноси, муслимани, па дури и кај жените за кои постојано ни беше кажувано колку им е одбивен неговиот сексизам и агресивност.
Ако гласањето за Трамп беше вистински тест за американските морални стандарди, тогаш земјата падна на тестот.
Па што можеме да кажеме за гласачите кои останаа со Трамп? Пред се, овој пат немаше држење за нос: повеќе нема логика да се каже дека луѓето гласале за Трамп „и покрај“ неговите најлоши особини, бидејќи тие очигледно се огромен дел од привлечноста. Можеби е утешително да се замислува дека „популизмот“ подразбира харизматични политичари чија цел е да им го ветуваат целиот свет на очајните и лековерните. Освежувачи е да се сфати дека во демократија, ликовите налик Трамп - кои го скандализираат естаблишментот и со задоволство ги нарушуваат нормите - секогаш ќе се појават кога прифатливот опсег на идеи и политики ќе стане премногу тесен. Во тој момент, само е прашање на време кога некој од надвор ќе го предизвика востоличениот двопартиски консензус и ќе почне да изгледа многу привлечно па дури и возбудувачки субверзивно. На пазарот секогаш ќе има место за политичари кои ветуваат дека политиката повторно ќе ја направат политичка.
Па се додека демократите ќе се срамат од приближување до неопходните мерки за справување со очигледните нееднаквости во земја во која разликата меѓу најбогатите и најсиромашните се има зголемено за два пати во изминатите две децении, секогаш ќе има простор за некоја трамповска десница да се прикаже себе како решение за расипаниот систем - алтернатива на Бајден и на републиканскиот лидер на Сенатот, Мич Мекконел.
Економските политики на Трамп доминантно беа во корист на најбогатите Американци, меѓутоа се додека пандемијата не го стори своето, тој го водеше Бајден на ова прашање; според првичните резултати, гласачите кои ја навеле економијата како главен приоритет убедливо мнозински гласале за Трамп. Ова е триумф на комуникација, не на политика. Меѓутоа Американците и понатаму се сериозно незадоволни со состојбата на нивната земја, и пораката на Бајден за промена мора да биде погласна и поостра - или за кратко време ќе се појави уште еден Трамп. Минатата година, Бајден беше во сериозни проблеми откако беше фатен како убедува група богати донатори дека иако неверојатната нееднаквост на приходи во САД мора да биде коригирана „затоа што создава политички раздор и основи за револуција“ тие не мора да се вознемируваат бидејќи додека тој е на власт „никој не мора да биде казнет. Дека ничиј стандард на живеење нема да биде нарушен, и ништо фундаментално нема да се промени.“
Ако ништо не мора „фундаментално да се промени“ тогаш овие победи (жена со мигрантско потекло во Белата куќа) се само реторички украси на истото старо премачкано центристичко јадро. Следниот голем предизвик за овој расно разнолик центар ќе има голема поддршка од јавноста, дури и ако се уште доаѓа од Трамп и неговите наследници, кои нема тивко да ги снема од гласните американските кабелски мрежи.
Всушност токму гнилата удобност на меинстрим американската политика беше она што го направи Трамп да изгледа освежително. Во свет без блатантно потиснување на гласачите и одземање на правата, може да има поголема загриженост на криминалноста на Трамп. Во свет во кој во кампањите нема милионери што се борат против милијардери, каде немаше ризик дека искрено ќе се зборува за очигледните структурни нееднаквости, гласачите можеби немаше да мислат дека суровите навреди на Трамп прават тој да изгледа како „искрено да зборува“.
Овие траги отсекогаш постоеја. Лонгвел, која ја нагласи опаѓачката привлечност на Трамп меѓу жените од предградијата, исто така објави дека нејзиното истражување заклучило дека истите овие гласачи ја губат својата доверба во медиумите и политичките институции. „Тие едноставно многу мавтаат со рацете и само повторуваат 'повеќе не знам во што да верувам'. Постои еден вид тотален колапс на довербата во што било,“ изјави Лонгвел за Ен-пи-ар.
Во таквото застоено мочуриште, Трамп дојде да го замеша гнојот. Неговата некохерентност беше доживеана како невешта искреност; неговото незнаење како обележје за достапност; неговата пакосност како знак за борбен дух. Тој не беше фин човек, но тој ќе ги размрда работите.
Шокот од 2016 и траумата од изминатите четири години ја засилија задоцнетата анкциозност околу распаѓањето на американската демократија; тоа ги вклучи алармите кои доцнат со децении. Премногу гласачи го видоа Трамп и не видоа расипан човек, туку видоа човек подготвен да ги прекрши правилата на и онака расипаниот систем. Се додека ова фундаментално не се промени, ќе има уште многу расипаност.