Минаа 60 години од последниот пат кога бевме соочени со нуклеарно самоубиство. Човештвото едвај ја преживеа епизодата од 1962, во историјата позната како Кубанска ракетна криза. Никогаш од тогаш нуклеарната апокалипса не била толку блиска како денес. Истото ќе ви го каже и претседателот Бајден.
„Од времето на Кенеди и Кубанската ракетна криза се немаме соочено со веројатноста за Армагедон,“ и порача Бајден на публиката во Калифорнија пред неколку денови. Неговите советници, како што известува Њујорк тајмс, го изучуваат тајниот договор кој пред 60 години помогна да се избегне катастрофата и „дебатираат дали можеби би имало слично разбирање“ за ставање крај на војната во Украина. Главната лекција од Кубанската ракетна криза е единствен постоечки водич за деактивирање на нуклеарна криза.
Генерација американски политичари и стратешки аналитичари погрешно ја разбраа ова лекција. Ним може да им е простено бидејќи нашата влада со години ја криеше вистинската приказна. На Американците им беше кажано дека ракетната криза нè научи една лекција. Подоцна откривме дека нè научила токму спротивното.
Ракетната криза го привлече светското внимание во октомври 1962. Претседателот Џон Кенеди објави дека САД откриле советски нуклеарни ракети во Куба, со „капацитет да удрат на Вашингтон“. Тој бараше советскиот лидер, Никита Хрушчов, да ги отстрани. Ова доведе до најклучните далечински преговори во човековата историја.
Сите воени советници на Кенеди го убедуваа да започне со масовно бомбардирање на Куба. „Операцијата е прилично едноставна, и може да се заврши за неколку минути. Ние не гледаме проблем со тоа,“ го убедува генерал Куртис Лемеј.
Кенеди гледаше. Тој се плашеше дека потчинување на Куба ќе бара не само бомбардирање туку целосна инвазија, на која Москва би можела да одговори со страотна сила. Неговиот говор до нацијата на 22 октомври 1962 беше деликатно балансиран. Тој ги повтори своите барања Советите да ги отстранат своите ракети од Куба меѓутоа изјави дека САД ќе делуваат „со трпение и воздржано“ а не „предвремено или непотребно да ризикуваат нуклеарна војна во која дури и плодот на победата ќе биде пепел во нашата уста.“
Хрушчов беше под идентичен притисок од своите генерали. Тие сакаа тој да инсистира дека советските ракети во Куба ќе останат таму и дека ништо што Кенеди ќе каже или направи ќе го промени тоа.
„Кога ги прашав воените советници дали можат да ме уверат дека држењето до нашата позиција нема да резултира со смрт на 500 милиони луѓе, тие ме погледнаа како да сум излудел, или полошо, како да сум предавник.
Најголемата трагедија, како што тие сметаа, не беше дека нашата држава би можела да биде разурната и сè да биде загубено, туку дека Кинезите или Албанците би можеле да нè обвинат за помирување или слабост. Па си реков сам на себе ’по ѓаволите со овие манијаци... што ќар ќе имам јас во последниот час од мојот живот ако знам дека нашата голема нација и Соединетите држави се комплетно разрушени, но нашата советска чест е недопрена?’“ пишува подоцна Хрушчов.
За време на 13 напнати денови криза, кои почнаа кога на Кенеди му беа покажани воздушни фотографии од воени инсталации на 16 октомври, тој и Хрушчов разменија 10 писма. И двајцата ја нагласија потребата од компромис. „Г-не Претседател, јас и вие сега не треба да ги влечеме спротивните краеви на јажето со кое го врзавте јазолот на војната, бидејќи колку повеќе двајцата влечеме, толку посилен ќе биде јазолот,“ му пишува Хрушчов на Кенеди. Американскиот претседател одговара дека ја „поздравува изјавата на желба за барање на брзо решение за проблемот.“
Како што двете страни се отворени за компромис, се постигнува договор. Само еден дел од него е објавен. Официјално Советите се согласни да ги повлечат своите проектили во замена за ништо повеќе од американско ветување дека нема да извршат инвазија на Куба. Американците се пресреќни бидејќи договорот наликува на целосна победа. Тие веруваат дека му покажале на светот дека насилниците знаат да попуштат кога се соочени со закана од масовна сила. Ова е погрешната лекција што државниот секретар Дин Руск сакаше да ја шири кога ги сумираше резултатите од договорот изјавувајќи „бевме очи во очи и другиот трепна.“
Внимателно скриената вистина не се дозна уште цела деценија. Како што излезе, Кенеди постигнал таен договор со Хрушчов. Тој ветил дека ќе ги отстрани американските нуклеарни ракети од Турција во замена за советското повлекување нуклеарни ракети од Куба. Па кризата не беше решена со закана од сила, како што тврдеше Руск, туку токму со спротивното: дипломатски компромис. Тоа е итната порака што Вашингтон и Москва мора да чујат како што неконтролирано се движиме кон уште една нуклеарна криза во Украина.
Кенеди и Хрушчов си дадоа на себе простор за спасување на угледот во излезот од криза која лесно можеше да се претвори во нуклеарна војна. Тоа беше елегантно решение, но клучот беше во таинственоста. Кенеди инсистираше дека тој не би можел да си дозволи јавно да се дознае дека направил договор за размена на проектили. Хрушчов се согласил да ја чува тајната. Имајќи ги предвид денешните сеприсутни медиуми, тоа веројатно би било невозможно.
Без разлика Бајден очигледно ја разбира основната лекција од Кубанската ракетна криза, а тоа е дека спротивставените во нуклеарна криза треба да разговараат и да се договараат, а не да избувнуваат и да се закануваат. „Се обидуваме да сфатиме каде излезот на Путин. Што тој смета дека е прифатливо,“ изјави Бајден минатиот месец.
Ако имаме среќа, двајцата лидери ќе се држат до принципот што Хрушчов му го препорача на Кенеди во едно од неговите писма од пред 60 години: „Човек не смее да потклекне на страстите. Неопходно е да ги контролира.“