Професорот по право на Вандербилт Универзитетот, Ганеш Ситараман пишува за денот кога Фејсбук го потсетува за 15-годишнината од своето постоење и сумира дека неговиот став кон социјалната мрежа е речиси идентичен со она што го пишува книгата „Zucked: Waking up to the Facebook Catastrophe“.
Тој во Гардијан пишува:
Отприлика во исто време кога ја добив нотификацијата ја читав одлично напишаната книга на Роџер Мекнами „Zucked: Waking up to the Facebook Catastrophe“. Мекнами е еден од првите инвеститори во Фејсбук и советник за Закерберг и Шерил Сандберг. Меѓутоа со тек на време - и посебно во периодот пред изборите 2016 - тој е сè повеќе загрижен дека платформата создадена за зближување на светот се користи за предизвикување на конфузија и поделби. Тој и се обраќа на компанијата околу тоа и е незадоволен од одговорот што го добива. Па продолжува подлабоко да копа во проблемите на социјалната мрежа - за на крај да излезе во јавност со критика кон истата. „Закд“ не е само лична одисеја на поранешен Фејсбук инвеститор туку инсајдерска студија на обемот на предизвици кои платформата - и сите технолошки платформи - ги создаваат за човековото општество.
Мекнами има голем број критики за Фејсбук, но неговиот главен аргумент е дека Фејсбук е закана за економијата, јавното здравје и демократијата.
Економската критика почива на проблемите од монополскиот капитализам, вклучувајќи ја, на пример, и способноста на Фејсбук да ги купи своите потенцијални ривали како Инстаграм и Вотсап пред тие да имаат шанса да влијаат на неговата доминантност. Демократската критика е речиси секојдневно во вестите. Меѓутоа њузфидот нè турка во засебни „филтер балони“ па се повеќе сме отсечени од различни мислења. А згора на тоа е постоењето тролови и ботови, лажни страници и групи, дезинформации и директни лаги. Мекнами тврди дека ова влијае не само на Америка, туку и на целиот свет.
Критиката за јавното здравје добива многу помалку внимание. Мекнами ги опишува разните тактики за тоа како технолошките компании успеваат да ги натераат луѓето уште повеќе да ги користат нивните услуги, до степен на зависност. На пример, њузфидот зависи од „бескрајната листа“ - список на сите постови и статуси кој не завршува и кои ги држат корисниците што е можно подолго на сајтот. Нотификациите ти го одвлекуваат внимание од работите што ги тераш и ги привлекуваат корисниците назад кон апликацијата. Тагирањето и лајкувањето се потпираат на нашата човечка потреба за општествено прифаќање и реципроцитет. Мекнами тврди дека овие и други дизајн стратегии имаат длабоко влијание на човековата среќа и исполнетост и дека сето тоа е лошо за нас заради начинот на кој тие се поставени.
Овие критики носат силен удар. Но подеднакво важно како сведоштвото на Мекнами е неговото објаснување за условите кои му овозможиле на Фејсбук и други компании да станат закана за економијата, демократијата и јавното здравје. Првото е дека опен-сорс производите и централизираните ресурси (како облакот) значат дека стартапите можат да работат и со помалку средства дури и пред тие да бидат идентификувани како добитна или поразителна инвестиција од инвеститорите. Второ, во тоа време има подем на либертаријанството, посебно меѓу директорите и инвеститорите од Силициумската долина. Мекнами пишува „под либертаријанство никој нема потреба да се чувствува виновен за својата амбициозност и алчност“. Па затоа овој крајно индивидуален пристап „ги ослободува луѓето што го практикуваат од секаква одговорност за влијанието што нивните постапки го имаат кон другите.“ Третиот пресврт е во политичката економија во која неолиберализмот станува доминантен. Политичарите се повеќе ја застапуваат позицијата дека пазарот е најдобар регулатор на работите во општеството и дека владите не треба да се мешаат во тоа. Дерегулацијата или немањето регулација доведоа до тоа компании да можат да добијат пазарна моќ и да го монополизираат нивниот сектор.
Денес, дури и титаните на технологијата признаваат дека на нивната индустрија и е потребна некаква регулација. Прашањето за нив - и за сите нас - е како таа регулација треба да изгледа.