Европската носталгија кон немање ЕУ

Европската Унија страда од опасен случај на носталгија, не само што копнеењето "по старите добри денови" го подгрева растот на националистичките партии, туку европските лидери и понатаму се обидуваат да наметнат вчерашни решенија на денешните проблеми, пишува Хавиер Солана во својата колумна.

"Сите требаа да имаат корист од европската интеграција. Секогаш кога ќе се приклучеше нова држава, таа добиваше финансиска помош, додека постојните членки добиваа пристап до нови пазари. Предностите, се очекуваше, дека ќе бидат очигледни не само од собраните податоци, туку и од личното искуство на граѓаните.

Со почетокот на глобалната финансиска криза од 2008-ма, послабите економии на ЕУ се соочија со растечка невработеност, посебно меѓу младите луѓе, додека посилните економии чувствуваа притисок да "покажат солидарност" со плаќање на долговите на земјите кои беа во проблеми. Кога посилните ги обезбедија овие пакети за спас, тие во нив вклучија и барања за штедење кои го попречуваа закрепнувањето на економиите на примателите на помош. Малкумина беа задоволни, а многумина за сето тоа ја обвинија европската интеграција," пишува Солана.

Иако му е јасно постоењето на анти-ЕУ партии и движење, Солана е прилично изненаден од залетот што тие го добиваат. Главната забелешка е кон политичките лидери кои се кренати против Унијата, што "тие не само што сакаат повторно да воспостават национална контрола врз сите области; туку и шират порака на индиферентноста кон - па дури и директна одбивност на - странците, што се гледа во нивната реакција на приливот на бегалци во Европа. Според нив, секоја држава треба да го брани сопственото по секоја цена, дури и ако притоа се тестираат границите на владеењето на правото."

Објаснувајќи дека Европа некогаш била лидер во отвореноста, Солана потсетува дека во 2004-та Унијата го постигнува пикот на својата отвореност кога 8 поранешни комунистички држави се примени како земји членки.

Тој посебно ги прозива Полска и Унгарија, и нивниот однос кон бегалците и анти-ЕУ однесувањето.

"Полска е најголемиот примател на европски фондови и единствената ЕУ држава која избегна рецесија за време на кризата; всушност таа бележи 23 години непрекинат раст. Дополнително, во полската јавност има голема поддршка за ЕУ (некаде околу 55% според Евробарометар)... Сепак полската влада предводена од десничарската Партија на закон и правда, има за цел да го промени ова претставувајќи ги европските политики како закана за полскиот национален идентитет...

... Додека некои сметаат дека ако Унгарија денес побара влез во ЕУ, на нејзе ќе и биде одбиен приемот...

... Ова претставува разочарувачки пресврт. На моите претходни професионални задачи, сведочев на влезот на Полска и Унгарија во евро-атлантските институции. Бев сведок на ревноста и надежта на овие луѓе во тоа време. Токму затоа е толку тешко за мене денес да ја разберам нивната позиција," пишува Солана.

26 април 2016 - 11:49