Сто години по Првата светска војна, европските лидери месечарат кон нова, целосна војна. Исто како и во 1914 година, веруваат дека војната во Украина ќе биде ограничена и краткотрајна. Тогаш во клучните државни кабинети на Европа се зборувало дека војната ќе трае три недели. Траеше четири години и резултираше со повеќе од 20 милиони смртни случаи.
Исто како што беше во 1918 година, денес доминира гледиштето дека е неопходно агресорот да се казни со „казна за доаѓање памет“ и тој да се остави скршен и понизен долго време. Во 1918 година, поразената сила беше Германија (и Отоманската империја). Имаше спротивставени гласови (Џон Мејнард Кејнс и неколку други) кои предупредуваа дека целосното понижување на Германија ќе биде катастрофално во однос на обновата на Европа и трајниот мир на континентот и во светот. Нивните предупредувања не беа послушани, па дваесет и една година подоцна, Европа повторно беше во војна. Следеа пет години уништување во кое загинаа повеќе од 70 милиони луѓе.
Историјата не се повторува, ниту се чини дека нешто нè учи, но ги илустрира и истакнува сличностите и разликите. Дозволете ми да понудам две илустрации.
До 1914 година, Европа беше во релативен мир стотина години, период во кој имаше многу војни, но од ограничен и краткотраен карактер. Тајната на овој мир лежи во Виенскиот конгрес (1814-1815). Одржан со цел да се стави крај на бескрајниот циклус на промени, превирања и војни кои беа поттикнати од Француската револуција и влошени од војните на Наполеон, конгресот доведе до договор кој беше потпишан девет дена пред конечниот пораз на Наполеон во Ватерло. На целата конференција доминираа конзервативните сили, а периодот што следеше стана познат како Реставрација (на стариот европски поредок). Со него претседаваше големиот австриски државник Клеменс фон Метерних, чија главна грижа беше да ги собере сите европски сили, и победниците и победените, за да се обезбеди траен мир. Беше јасно дека поразената сила (Франција) ќе мора да трпи последици (територијални загуби), но таа го потпиша договорот заедно со сите други сили (Австрија, Англија, Русија и Прусија), со наметнати услови на сите, за да да обезбеди траен мир низ Европа. Така и бидна.
Во споредба со сегашната ситуација, постојат бројни разлики. Главната е во тоа што, иако војната исто така се случува во Европа, завојуваните страни се европски но и неевропски сили (Русија и САД). Конфликтот ги има сите карактеристики на прокси војна, во која двете страни користат трета земја – „земја за жртвување“ (во конкретниов случај, Украина) – за да постигнат геостратешки цели кои ја надминуваат предметната земја и дури и регионот на кој припаѓа (Европа). Всушност, единствената причина зошто Русија е во војна со Украина е затоа што е во војна со НАТО, организација чиј врховен командант за Европа традиционално е воено лице од САД.
Како организација, НАТО е во служба на геостратешките интереси на САД, особено од крајот на Студената војна. Русија пак, некогаш бескомпромисен агитатор на принципот за самоопределување на народите, сега илегално ги жртвува истите овие принципи за да ги обезбеди своите безбедносни цели, откако не успеа да го стори тоа со преку мирни средства и заради една нескриена империјална носталгија. Од своја страна, од крајот на првата Студена војна, САД се стремат да го продлабочат поразот на Русија, пораз кој всушност беше веројатно повеќе самонанесен отколку предизвикан од каква било супериорност на противникот. За еден краток период, дипломатската дебата во Вашингтон беше помеѓу „партнерство за мир“ и „проширување на НАТО заради безбедност на новите земји од советскиот блок“. За време на претседателот Клинтон, победи второто. Иако од различни причини, САД, исто така, ја гледаат Украина како „земја на жртвување“. Во ова светло, крајната цел на војната во Украина е да ѝ се нанесе безусловен пораз на Русија, по можност таков што ќе доведе до промена на режимот во Москва. Од таа цел зависи времетраењето на војната.
Каде е мотивот за Русија да стави крај на војната кога британскиот премиер си дозволува да каже дека санкциите против Русија ќе продолжат, без разлика каква е позицијата на Русија во моментот? Дали е доволно Путин да биде соборен (како што беше случајот со Наполеон во 1815 година), или треба да биде соборена цела Русија за да може да се запре кинеската експанзија? Имаше промена на режимот и понижување на Германија и во 1918 година, но сето тоа доведе до Хитлер и уште поразорна војна.
Мојата втора илустрација за сличностите и разликите се однесува на геополитичката позиција на Европа. За време на двете светски војни во 20 век, Европа беше самопрогласен центар на светот. Затоа ги нарекуваме Светски војни. Околу четири милиони војници на „Европа“ беа всушност африкански и азиски, а многу илјади неевропски жртви беа цената што ја платија жителите на оддалечените колонии на вклучените земји, жртвувани во војна што не ги засегаше. Меѓутоа, сега Европа е само мал агол на светот, кој војната во Украина ќе го направи уште помал. Со векови тоа беше најоддалечениот крај на Евроазија, огромната копнена маса која се протега од Кина до Пиринејскиот Полуостров и беше тло за размена на знаења, производи, научни иновации и култури. Голем дел од она што подоцна ѝ се припишува на европскиот исклучителност (од научната револуција од 16 век до индустриската револуција во 19 век) не може да се разбере без тие вековни размени.
Војната во Украина - особено ако трае предолго - ризикува не само да ја ампутира една од историските европски сили (Русија), туку и да ја изолира од остатокот од светот, особено од Кина. Светот е многу поголем од она што можеме да го видиме низ европските леќи. Гледајќи низ тие леќи, Европејците никогаш не се чувствувале толку силни, толку блиски со нивниот поголем партнер, толку сигурни дека се на вистинската страна на историјата, онаа страна која работи целата планета да е управувана од „либералниот поредок“, за конечно да се освои – или барем неутрализира – Кина, откако прво ќе се уништи главниот кинески партнер, Русија. Но, ако се гледа низ неевропски леќи, Европа и САД можеби стојат горделиви, но сами. Веројатно способни да добијат една битка, но на пат кон сигурен пораз во клучната историска војна.
Повеќе од половина од светското население живее во земји кои не се приклучија кон санкциите против Русија. Многу од земјите на ОН кои (правично) гласаа против инвазијата на Украина го сторија тоа заради сопственото историско искуство, затоа што и тие биле нападнати, не од Русија, туку од САД, Англија, Франција или Израел. Нивната одлука не беше диктирана од незнаење, туку од претпазливост.
Како можат да им веруваат на земји што го создадоа SWIFT - систем за финансиски трансфери чија цел е да ги заштити економските трансакции од политичко мешање - за на крајот од тој систем да се отстрани една земја на политичка основа?
Земји кои си дозволуваат да конфискуваат финансиски и златни резерви на суверени нации како Авганистан, Венецуела а сега и Русија.
Земји кои трубат за слободата на изразување како света универзална вредност, но прибегнуваат кон цензура во истиот моментот кога ќе бидат разоткриени од неа?
Земји кои треба да ја негуваат демократијата, а сепак немаат дилеми да направат државен удар секогаш кога изборите се против нивните интереси?
Земји во чии очи „диктаторот“ Николас Мадуро преку ноќ станува трговски партнер, бидејќи околностите се сменија?
Светот повеќе не е место на невиност – ако некогаш воопшто бил таков.
Боавентура Де Соуса Сантос,
професор по социологија на Школата по економија во Коимбра, Португалија