Европа, континентот каде што силата е поважна од законот

Ако секој жител на Британија седне и напише што не му се допаѓа кај ЕУ, и сите овие разнолики одговори се внесат во база на податоци и се обработат, ќе се појави вистинскиот проблем со Европа - нејзината моќ и недостатокот на демократска контрола над нејзе, пишува Пол Мејсон, уредникот на британскиот Канал 4 во колумната за Гардијан.

"Самата големина на ЕУ, неа ја прави подложна само на два вида влијание: глобални корпорации и над-национални индустриски лоби групи. Ова значи дека, за бизнисите, е речиси невозможно да се справиш со Европа освен ако не си мега голем, или ако не си подготвен да го раствориш сопствениот интерес во агендата на твојот сектор, која сама по себе ќе биде индиректно пренесена преку слоеви и слоеви од протокол. За индивидуалните граѓани, е уште полошо. Нивна единствена вистинска моќ да влијаат врз огромната бирократска структура е преку два канала: Британската влада и Европскиот суд. Комисијата не одговара пред парламентот, а централната банка како да одговара само пред Ангела Меркел," пишува Мејсон.

Според него само во изминатава година европската солидарност паѓа во две ситуации. Прво кога Европската банка што требаше да ја спасува Грција придонесе за нејзиниот крах, и тогаш протестите на милиони Европејци не успеваат да ја премислат. Второ, крахот на комплетната европска идеја кога на Балканот се појавуваат илјадници сириски бегалци, кои во еден потег успеваат "да срушат два клучни дела од европската правна архитектура: Шенгенскиот договор, кој гарантира слободно движење меѓу некои централни држави, и Даблин III спогодбата која налага депортација на мигрантите во првата држава во која влегле."

"Тешко е да се избегне заклучокот: Европа станува континент во кој силата е поважна од законот. Германија ја присили Грција да прифати програма која ќе ја уништи нејзината економија и ќе ја лиши државата од секаков имот во следните 50 години. Половина милион луѓе со сила го пробија својот пат преку границите, на начин на кој сета анти-мигрантска реторика не можеше да го спречи. Тоа е одлично за нив: ама не и за илјадниците мигранти од суб-сахарска Африка, кои се заробени во насилни гетоа низ северна Африка. Тие едноставно мора да скапуваат таму, затоа што ја немале силата да го направат она што го Сиријците го направиле," објаснува Мејсон.

Уредникот на Канал 4 прави споредба на британското искуство со Унијата, со она на кинескиот граѓанин со својата власт, "и постапките и реакциите, демонстрираа нешто што секоја локална власт во Кина го знае: кога извршната власт е далеку и законот е летаргичен, своеволното бркање на сопствени интереси е најефикасниот начин на однесување."

19 октомври 2015 - 11:16