Соочени со економските потези на Трамп, неговите критичари од центарот осцилираат помеѓу очајот и трогателната верба дека неговиот царински бес ќе издиши. Тие претпоставуваат дека Трамп ќе се туфка додека реалноста не ја разоткрие празнината на неговата економска логика. Не обрнуваат внимание на тоа дека фиксацијата на Трамп на царините е само дел од глобалниот економски план кој е солиден - иако ризичен.
Нивното размислување е суштински поврзано со заблудата за тоа како капиталот, трговијата и парите се движат низ светот. Како производителот на пиво кој се опива од сопственото пиво, центристите на крајот поверуваа во сопствената пропаганда: дека живееме во свет на конкурентни пазари каде парите се неутрални и цените се прилагодуваат за да се балансира побарувачката и понудата на сè што постои. Несофистицираниот Трамп е, всушност, многу пософистициран од нив затоа што разбира како суровата економска моќ, а не маргиналната продуктивност, одлучува кој кому што му прави - и на локално и на меѓународно ниво.
Иако ризикуваме да е соочиме со бездна кога се обидуваме да погледнеме во умот на Трамп, треба да разбереме како тој размислува на три основни прашања: зошто верува дека Америка е експлоатирана од остатокот од светот? Која е неговата визија за нов меѓународен поредок во кој Америка може повторно да биде „great again“? Како планира тоа да го изведе? Само тогаш можеме да составиме разумна критика на економскиот мастерплан на Трамп.
Значи, зошто претседателот верува дека Америка поминува лошо во однос на другите? Неговата главна поплака е дека надмоќта на доларот странците ја користат на начини кои гарантираат пад на САД. Така, она што повеќето го сметаат за преголема привилегија на Америка, тој го гледа како нејзин преголем товар.
Сосема е природно европските и азиските централни банки да ги собираат доларите што течат во Европа и Азија кога Американците увезуваат работи. Со тоа што не ги заменуваат своите резерви долари за сопствените валути, Европската централна банка, Банката на Јапонија, Народната банка на Кина и Банката на Англија ја потиснуваат побарувачката за (а со тоа и вредноста на) нивните валути. Ова им помага на нивните извозници да ја зголемат продажбата во Америка и да заработат уште повеќе долари. Во еден бесконечен круг, овие свежи долари се акумулираат во касите на странските централни банкари кои, за безбедно да добијат камата, ги користат за купување на американскиот државен долг.
Според Трамп, Америка увезува премногу затоа што е добар глобален граѓанин кој се чувствува должен да им обезбеди на странците резервните средства во долари што им се потребни. Американските работници и средната класа страдаат за да може остатокот од светот да расте на нејзина сметка.
Но, хегемонистичкиот статус на доларот истовремено ја поткрепува уникатната позиција на Америка. Купувањето долари од страна на странските централни банки ѝ овозможува на американската влада да има дефицити и да ја плаќа преголемата војска која би банкротирала која било друга земја. Со тоа што е клучен во меѓународните плаќања, хегемонскиот долар му овозможува на претседателот да го искористи како современ еквивалент на топовска дипломатија: да санкционира по своја волја која било личност или влада.
Најголемиот кошмар на Трамп е дека сегашната хегемонија е минлива. Во далечната 1988 година, додека ја промовираше својата Art of the Deal кај Лери Кинг и Опра Винфри, се жалеше: „Ние сме должничка нација. Нешто ќе се случи во следните неколку години во оваа земја, затоа што не можете да продолжите да губите 200 милијарди долари годишно“. Оттогаш, тој станува сè поубеден дека се приближува ужасна пресвртница: како што производството на Америка се намалува, глобалната побарувачка за доларот расте побрзо од приходите во САД. Тогаш доларот мора да поскапи уште побрзо за да биде во тек со потребите за резерви на остатокот од светот.
Ова не може да трае вечно. Зашто кога американските дефицити ќе надминат одреден праг, странците ќе почнат да паничат. Ќе ги продадат своите средства деноминирани во долари и ќе најдат некоја друга валута за складирање. Американците ќе останат среде меѓународен хаос со уништен производствен сектор, напуштени финансиски пазари и несолвентна влада. Ова кошмарно сценарио го убеди Трамп дека е во мисија да ја спаси Америка и тоа е суштината на неговиот план: во 2025 година да изврши решавачки анти-Никсон шок кој ќе го прекине системот на Бретон Вудс.
Централно место во овој нов глобален поредок би бил поевтиниот долар кој би останал светска резервна валута. Тој знае дека само странските централни банки можат да го направат тоа. Но, за да се прифатат такво сценарио, прво треба да бидат шокирани. И тука влегуваат неговите царини.
Ова е она што неговите критичари не го разбираат. Погрешно мислат дека тој верува дека неговите царини сами ќе го намалат американскиот трговски дефицит. Тој знае дека нема. Нивната корисност доаѓа од нивниот капацитет да ги шокираат странските централни банкари да ги намалат домашните каматни стапки. Следствено, еврото, јенот и јуанот ќе омекнат во однос на доларот. На тој начин стоките увезени во САД нема да поскапат за американските потрошувачи туку оцаринетите земји ќе плаќаат за царините на Трамп.
Тарифите се само првата фаза од неговиот главен план. Втората фаза се големи преговори. За разлика од неговите претходници, од Картер до Бајден, Трамп ги презира мултилатералните состаноци. Тој е човек „еден на еден'. Трамп е уверен дека може да се справи со секого. Со царини во една рака и закана за отстранување на безбедносниот штит на Америка (или негово вртење против нив) во друга, тој чувствува дека може да ги натера повеќето земји да се покорат: значително да ја зголемат нивната валута без да ги ликвидираат нивните долгорочни долари.
Тој не само што ќе очекува од секој соговорник да ги намали домашните камати, туку ќе бара различни работи од различни соговорници. Од азиските земји кои моментално собираат најмногу долари, тој ќе бара да продадат дел од нивните краткорочни средства во долари во замена за сопствената валута. Од релативно сиромашната со долари еврозона чии внатрешни поделби ја зголемуваат неговата преговарачка моќ, Трамп може да бара три работи: да се согласат да ги заменат своите долгорочни обврзници за ултра долгорочни или можеби дури и вечни; да дозволат германското производство да мигрира во Америка; и, нормално, да купуваат многу повеќе оружје од американско производство.
Штом ќе заврши оваа втора фаза од неговиот план, светот ќе биде поделен на два табора: еден заштитен од американската безбедност по цена на загубени производствени погони и присилно купување на американски извоз, вклучително и оружје. Другиот табор ќе биде стратешки поблиску до Кина и Русија, но сепак поврзан со САД преку намалената трговија, која сè уште ќе им дава на САД редовни царини.
Визијата на Трамп за посакуваниот меѓународен економски поредок можеби е многу различна од мојата, но тоа на никој од нас не му дава право да ја потцени неговата цврстина и цел - како што прават повеќето центристи. Како и сите добро поставени планови, и ова, се разбира, може да тргне наопаку, но, мастерпланот ќе биде тестиран на два политички фронта.
Првата политичка закана за неговиот мастерплан е домашна. Ако трговскиот дефицит почне да се намалува според планираното, странските приватни пари ќе престанат да го преплавуваат Вол Стрит. Тогаш Трамп ќе мора да ги издаде или револтираните финансиери или работничката класа што го избра. Во меѓувреме, ќе се отвори втор фронт. Трамп може да открие дека неговиот план надвор создал силен блок. Пекинг може да ја отфрли сегашната претпазливост и да го претвори БРИКС во нов систем на Бретон Вудс во кој јуанот ќе ја игра улогата на доларот.
Можеби ова би била заслужената казна за инаку импресивниот мастерплан на Трамп.