Џон Меккејн и границите на пристојноста

На што точно оддававме почит цела мината недела? Колку што Џон Меккејн беше сакан и масовно почитуван во Вашингтон, земските сеќавања на него личеа како да комеморираат нешто многу повеќе од смртта на невообичаено почитуван сенатор. Како што многумина рекоа, тие во добар дел оставаа чувство како задоцнета служба за нешто кое почина на 8 ноември 2016 или на 20 јануари минатата година.

Во Њујорк тајмс, Роџер Коен напиша дека службата за Меккејн не беше ништо помалку од „реквием за американското столетие.“ „Би сакал да можам да верувам дека изливот на сочувство за Меккејн го обележува моментот кога принципите и меѓупартиската соработка ќе се издигне над лагите и пукнатините во американската политика. Ама не верувам, барем не во скоро време.“

Смртта на Американското столетие во саботата донесе цел список на достоинственици во вашингтонската Национална катедра, вклучувајќи го и Барак Обама, актуелниот понтиф на американската религија на цивилност. Тој своето пост-претседателство го минува исклучуво правејќи го она што понтифите денес го прават: често патува, држи проповеди, и внимателно, со фин материјал, забришува одредени црни траги со кои е ишарана религијата. Ксенофобијата и омразата кон печатот која денес ја нарекуваме Трампизам има многу претходници во современото конзервативно движење, меѓутоа неодминлива вистина е дека одлуката на Меккејн да ја избере Сара Палин како заменик претседател во трката во 2008, и кампањата што тие двајца заедно ја водеа беше нашиот прв вистински тизер за ова, како забелешката дека Обама „не е човек кој ја гледа Америка на начинот на кој ти јас ја гледаме Америка,“ како што Палин еднаш кажа. Човек може да го гледа барањето на Меккејн Обама да држи говор на неговиот погреб како обид да се закопа грдотијата на кампањата од 2008. Во саботата Обама му го исполни ова барање, потсетувајќи дека Меккејн го бранеше од обвинувањето дека тој е „Арап“. „Сигурен сум дека во тие моменти од кампањата, тој за себе смета дека го брани карактерот на Америка, не само мојот. Тој сметаше дека е императив за секој граѓанин која ја сака оваа држава сите луѓе да ги третира фер“.

За разлика од Палин и оние кои се воодушевуваа од неа на митинзите, Обама беше, изминатава деценија, посветен на остварување на визијата за пост-партиска американска политика ограничена од почитувани норми и придвижувана од разум, доверба и добра волја - политика која продолжува од премисата дека, како што Обама кажа кога се обраќаше на конвенцијата на Демократската партија во 2004, “нема либерална Америка и конзервативна Америка - има Соединети Американски Држави“. Во годините пред подемот на Обама, Меккејн беше веројатно нашиот најпочитуван промотор на оваа визија. Во неговиот говор на републиканската конвенција во 2000, Меккејн ја пофали посветеноста на Џорџ Буш кон американско единство. „Мојот пријател Гувернерот Буш верува во Америка која е многу повеќе отколку збир на нејзините разделени делови. Тој сака ништо да не нè дели во одделни нации. Ниту нашата боја. Ниту нашата раса. Ниту нашиот имот. Ниту нашата религија. Ниту нашата политика. Тој сака ние да живееме за Америка, како една нација, и заедно да го доживуваме американското кредо како очигледна вистина.“ Обама го кажа истото за Меккејн во неговиот говор, и ја пофали посветеноста на Меккејн кон американските политички институции и правила. „Џон се грижеше за институциите на себе-управување, нашиот Устав, нашата Повелба за правата, владеењето на законот, поделбата на власта, дури и мистериозните правила и процедури на Сенатот. Тој знаеше дека во нација голема и бурна и разнолика како нашата, тие институции, тие правила, тие норми се она што нè држи заедно и дава форма и ред на нашиот секојдневен живот, дури и кога не се согласуваме - посебно кога не се согласуваме“.

Една од носечките идеи на ваквото разбирање на политиката е дека да се биде истакнат јавен службеник нема врска со исполнување на ништо значително. Референците за деталите на работата на Меккејн се минливи и некомплетни. На денот на неговата смрт, уредничкиот борд на Тајмс ја пофали неговата натпартиска работа во однос на сеопфатната имиграциска реформа заедно со починатиот Тед Кенеди и на климатската легислатива со Џо Либерман. Меѓутоа Меккејн се повлече од климатски активности во време на Обама а се приклони кон нетолеранција - која сега ја дефинира Републиканската партија - кога тоа му одговараше, веројатно најзабележително за време на неговата кампања за Сенат во 2010, кога пушти реклама во која ги обвинува „нелегалните“ за убиства и кражби по границата и повика на комплетирање на граничната ограда. А за тортурата, искуството на Меккејн во Виетнам не го спречи да ги загрози обидите за спречување на ЦИА да користи „напредни техники за испрашување“ во времето на Буш.

Слично, посмртниот говор на Обама за Тед Кенеди, исто така џин на американскиот Сенат, повеќе беше прослава на живот кој претставуваше, по зборовите на Обама „радост и благородност на политиката“, отколку законодавните достигнувања на Кенеди. Тие беа споменати на брзина, како средство за илустрација на она што очигледно е поважно кога ги евалуираме нашите лидери: колегијалност и добар хумор. „Сепак обемот на историски постигнувања на Теди е она што ќе го паметиме, а неговото дарежливо срце е она што ќе ни недостасува,“ порача тогаш Обама. Речиси 10 години подоцна, ова предвидување изгледа сомнително. Поверојатно е дека Кенеди, како и Меккејн, ќе бидат првично запаметени за врските што ги имаа формирано во Вашингтон и неговата посветеност на американските политички норми.

Проблемот со ова е што луѓето не се испратени во Вашингтон за да бидат дарежливи кон своите колеги, или за да шармираат новинари, како што тоа го правеше Меккејн. Тие се испратени за да изработат и спроведат политики кои имаат конкретни последици за обичниот човек. Никогаш не беше јасно дали заедничката граѓанска визија на Обама и Меккејн - дека зачувувањето на пристојноста е поважна од постигнување на идеолошки посакувани резултати - дозволува некоја точка во која американскиот народ треба да го оценува карактерот на своите политички лидери по основа на политиките што тие ги поддржуваат. Дали, на пример, беше задолжително за Буш во саботата да признае дека тоа што тој и Меккејн се залагале за, по негови зборови „вистински мир кој доаѓа само со слобода“ ги одведе САД во војна која не донесе ниту мир ниту вистинска слобода за Ирачаните. Или дали беше умесно од Меккејн да го избере Хенри Кисинџер како еден од говорниците на својот погреб - човек кој и понатаму има добра репутација во Вашингтон и покрај кариерата која доведе до убивање на милиони луѓе. (Помошта што Кисинџер му ја дава на напорот на Ричард Никсон да ги саботира мировните договори на Линдон Џонсон со Северен Виетнам може помогнаа да се продолжи измачувањето и страдањето од војна не само за Меккејн, тогаш воен затвореник, туку и за илјадници американски војници и народот на Виетнам.) Многу се зборуваше за тоа што Претседателот Трамп не присуствуваше на саботната служба. Меѓутоа секој сомнеж дека чуварите на американските политички норми се на готовс комплетно да прифатат поучтиви, во рамки на правилата и широкогради претставници на омразата на Трамп, треба да бидат избришани со индиферентноста на елитите кон присуството на Џон Кели, еден од архитектите на се уште неразрешената криза со разделби на семејства.

Вистина е, како што Обама рече во својот говор, дека политичкиот дискурс има тенденција да се наклони кон „малите и зли и ситни души“ и „лажни контроверзии и вештачки создаден гнев“. Но, за сите блескави идиотизми што годините на Трамп ни ги донесоа, тие исто така разјаснија дека нашите најлути и најзначајни битки се производ на суштинска разлика меѓу вредностите што ја придвижуваат левицата и десницата во земјава. Надежта која Обама и Меккејн изгледаа дека ја споделуваат беше дека на крај ќе успееме да ги направиме овие вредности компатибилни - дека можеби ќе се посветиме на политики непопречени од крајно различните и спротивставени сфаќања за тоа што значи да си Американец и која класа на луѓе во нашето општество навистина заслужува богатство, безбедност и власт.

Меѓутоа подемот на Трамп треба да разбуди сомнежи дали таа надеж може или треба да биде остварена. Може да се има аргумент дека има политички одлуки за кои човек има морална одговорност да биде лош и да не простува - дека за нив тој не треба, на пример, да биде сметан за инаетлив и неразбран кога инсистира дека смртта на стотици илјади Ирачани или виетнамски цивили или трауми нанесени на деца непотребно одделени од нивните семејства треба засекогаш да ги обележат оставштините на лидерите кои тоа го предизвикале. Во вторникот демонстратори со галама го прекинаа сослушувањето на кандидатот за Врховен суд, Брет Кавано, по основа дека конзервативно мнозинство во следните децении ќе има смртни последици за здравјето на жените и корпоративната моќ, меѓу останатото. Нервозните и диви гласови кои се во подем во нашата политика може нема да ги достигнат светлите примери поставени од народните приказни за нашиот воен херој. Меѓутоа, ни многумина ги немаат. Дури ни Џон Меккејн.

Осита Нваневу,
Њујоркер

6 септември 2018 - 16:04