Постојат три основни проблеми со ЦИА: целите, методите и неодговорноста. Нејзините оперативни цели се она што сами или претседателот на САД ќе го дефинираат како американски интерес во дадено време, без оглед на меѓународното или американското право. Нејзините методи се матни и дволични. Нејзината неодговорност значи дека ЦИА и претседателот водат надворешна политика без никаков јавен увид. Конгресот е чергиче за пред врата.
Како што неодамнешниот директор на ЦИА, Мајк Помпео, за своето време во ЦИА рече:
„Јас бев директор на ЦИА. Лажевме, мамевме, крадевме. Имавме цели курсеви за обука за тоа“.
ЦИА е основана во 1947 година како наследник на Канцеларијата за стратешки услуги. Таа во Втората светска војна имаше две задачи, разузнавање и субверзија. ЦИА ги презеде двете улоги. Од една страна, ЦИА требаше да обезбеди разузнавачки информации за американската влада. Од друга страна, ЦИА требаше да го онеспособи „непријателот“ (а тоа е оној кого претседателот или ЦИА ќе го дефинираа како непријател), користејќи широк спектар на мерки: атентати, државни удари, организирани немири, вооружување на бунтовниците и други средства.
Последната улога се покажа како погубна за глобалната стабилност и владеење на правото во САД. Тоа е улога што ЦИА продолжува да ја извршува и денес. ЦИА е тајна армија на САД, способна да создаде хаос низ светот без никаква одговорност.
Кога претседателот Двајт Ајзенхауер одлучи дека африканската политичка ѕвезда во подем, демократски избраниот Патрис Лумумба од Заир (сега Демократска Република Конго), е „непријателот“, ЦИА се зафати да му спреми атентат во 1961 година, со што ги поткопа демократските надежи за Африка. Лумумба не беше последниот африкански претседател соборен од ЦИА.
Во својата 77-годишна историја, ЦИА беше подложена на сериозен јавен отчет само еднаш, во 1975 година. Тогаш сенаторот Френк Чрч ја предводеше истрагата која фрли светло врз шокантните атентати, државни удари, дестабилизации, шпионирања, тортури во стил на Менгеле и „мдеицински експерименти“ кои ги има изведувано агенцијата.
Претходно во декември 1974 година, истражувачкиот новинар Сејмур Херш, и тогаш и сега одличен новинар со свои извори во ЦИА, ги обелоени нелегалните разузнавачки операции на ЦИА против американското антивоено движење. Ништо од тоа. ЦИА ја задржа својата улога во надворешната политика на САД, вклучително и субверзии во странство.
Од 1975 година, ЦИА води тајни операции за поддршка на исламските џихадисти во Авганистан, кои целосно го уништија Авганистан и создадоа терен за подем на Ал Каеда. Водеше тајни операции на Балканот против Србија, на Кавказот против Русија, во Централна Азија против Кина, секаде распоредувајќи џихадисти поддржани од нив. Во 2010-тите, ЦИА водеше операции за соборување на сирискиот Башир ал Асад, повторно со исламските џихадисти.
Најмалку 20 години, ЦИА е длабоко вклучена во поттикнување на растечката катастрофа во Украина, вклучително и насилното соборување на украинскиот претседател Виктор Јанукович во февруари 2014 година, што ја предизвика разорната војна што сега ја проголтува Украина.
Што знаеме за овие операции? Само она што некои свиркачи, неколку смели истражувачки новинари, неколку храбри научници и некои странски влади сакаа или можеа да ни кажат, при што им беше јасно дека можат да се соочат со тешка одмазда од американската влада. За неа имаше мала или никаква одговорност. Напротив, владата стануваше сè поопсесивно таинствена, спроведувајќи агресивни правни операции против откривањето на доверливи информации, особено кога тие информации се однесуваа на незаконските дејствија на самата влада.
Одвреме-навреме, некој американски функционер ќе се истрчаше, како кога Збигњев Бжежински откри дека го навел Џими Картер да ѝ даде задача на ЦИА да обучува исламски џихадисти кои ќе ја дестабилизираат владата во Авганистан, со цел да го намами Советскиот Сојуз да изврши инвазија.
Од неколку приказни во Њујорк Тајмс во 2016 и 2017 година дознавме за операциите на ЦИА за дестабилизација на Сирија и соборување на Асад, по наредба на Барак Обама. Страшно погрешна операција на ЦИА, спротивна на меѓународното право, која доведе до една деценија хаос, регионална војна што ескалира, стотици илјади смртни случаи и милиони раселени луѓе. Па сепак, нема барем едно искрено признание за оваа катастрофа.
Во случајот со Украина, знаеме дека САД одиграа голема прикриена улога во насилниот државен удар што го собори Јанукович и ја турна Украина во една деценија крвопролевање, но до денес не ги знаеме деталите. Русија му понуди на светот увид во пучот, објавувајќи транскрипт од разговор меѓу Викторија Нуланд и американскиот амбасадор во Украина Џефри Пјат, во која ја договараат владата после пучот по кој ЦИА тајно обучуваше специјалци.
Имаме добра причина да веруваме дека оперативците на ЦИА го извршија уништувањето на гасоводот Северен тек, како што вели Сејмур Херш, кој сега е независен новинар. За разлика од 1975 година, кога Херш беше во Њујорк Тајмс во време кога весникот сè уште се обидуваше да ја повикува владата на одговорност, Тајмс овојпат не се потруди ни да ги разгледа аргументите на Херш.
Мејнстрим медиумите денес не ја истражуваат ЦИА, туку претпочитаат да цитираат „високи неименувани функционери“. Дали мејнстрим медиумите се мрзливи, подредени, се плашат од губење на приходите за реклами од воено-индустрискиот комплекс, дали се загрозени, неуки или сè од горенаведеното? Кој ќе го знае.
Има мала трошка надеж. Денес, ЦИА е предводена од Вилијам Барнс, еден од долгогодишните водечки американски дипломати. Барнс ја знае вистината за Украина, бидејќи беше амбасадор во Русија во 2008 година и му порача на Вашингтон дека е тешка грешка да се бутка идејата за проширување на НАТО во Украина.
Степенот на континуираниот хаос што произлегува од операциите на ЦИА кои тргнаа наопаку е запрепастувачки. Во Авганистан, Хаити, Сирија, Венецуела, Косово, Украина... непотребно изгубени животи, нестабилност, уништувања...
Следната година се навршуваат 50 години од сослушувањата на сенатскиот комитет на Чрч. Педесет години подоцна, време е да се дигнат ролетните, да се открие вистината за хаосот предводен од САД и да се започне нова ера во која надворешната политика на САД ќе станува транспарентна, одговорна, подредена на домашното и меѓународното право и насочена кон глобален мир наместо кон елиминирање на наводните непријатели.